Посакувајќи му добредојде и успешен мандат, вицепремиерот Никола Димитров му честиташе на амбасадорот Дејвид Гир за преземањето на новата позиција, Шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, истакнувајќи ја досегашната плодна соработка како со неговите претходници, така и со локалниот тим во ЕУ Делегацијата.
– Пристигнувањето на амбасадорот Гир и неговото именување како највисок претставник на европските институции во Северна Македонија, се случува во клучен момент за европскиот пат на земјата, на кој што повеќе од добредојдени се неговото искуство и експертиза. Уште еден европски пријател во вистински момент за креирање на резултати и убави вести за граѓаните – заеднички да ја отвориме најважната страница, почеток на преговорите со Унијата, а со тоа и почеток на воведување на европските стандари дома – псочи вицепремиерот.
Како што информираат од Владата, на средбата биле разменети мислења за реформскиот напредок, годишниот извештај од Европската комисија, како и нејзиниот пакет за проширување, одржувањето на првата меѓувладина конференција, економскиот и инвестициски план, како и ИПА 3 програмирањето.
Воедно била изразена надеж, но и уверување дека токму за време на мандатот на евроамбасадорот Гир, преку координирана и продлабочена соработка, изгледите за членството во ЕУ ќе бидат уште поопипливи, а со тоа и стандардите на македонските граѓани, преку самиот евроинтегративен процес, видливо подобрени.