Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска одржа работен состанок со амбасадорите на Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора за меѓусебна координација и договор што ќе овозможи непречен транспорт на стоки во регионот.
– Непречениот транспорт на стоки е во интерес на сите држави од регионот и тоа треба да го реализираме со минимален ризик по здравјето на сите вклучени во тој процес – рече Димитров.
На средбата учествуваа и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на царинската управа Ѓоко Танасоски, генералната секретарка на македонската транспортна асоцијација МАКАМ-ТРАНС, Биљана Муратовска, како и претставници од Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство на Република Македонија.
Од страна на амбасадорите беа презентирани информации во однос на мерките кои се преземени во нивните земји и сите се согласија за создавање на усогласен режим на движење во овој кризен период.