Република Македонија е определена за градење добрососедска политика, истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров на четвртата четирипартитна средба на шефовите на дипломатиите на Македонија, Грција, Бугарија и Албанија, што вчера и денеска се одржа во Солун, соопшти МНР.
– Нашата соработка во регионот е корисна за нашите општества. Ако можеме да ги усогласиме нашите интереси, тоа ќе ни помогне нас, но ќе и’ помогне и на Европа, нагласи Димитров.
Тој се осврна на активностите кои ги презема Македонија како придонес во заедничките напори за обезбедување регионална стабилност и просперитет, а изнесе свои видувања и конкретни иницијативи околу идните перспективите на натамошната соработка.
Дискусијата на состанокот претставуваше континуитет на разменувањето на идеи и видувања околу можностите за натамошно унапредување на регионалната соработка. Во фокусот беа прашања врзани со европските интегративни перспективи на земјите од Западен Балкан и иднината на Европа, како и други актуелни теми во области од заеднички интерес. На состанокот се дискутираше и за темите поврзани со значењето од економската соработка, инфраструктурната и енергетската поврзаност и унaпредувањето на прекуграничната соработка меѓу соседите.
Димитров имаше и одвоени билатерални средби со шефицата на дипломатијата на Бугарија, Екатерина Захариева, како и со домаќинот, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Џорџ Катругалос. Со министерката Захариева разговараа за заемните односи и перспективите за економски развој преку соработка на двете земји, како и чекорите кои претстојат во однос на евроинтегративниот процес на Република Македонија. Со алтернативниот министер Катругалос се дискутираше во насока на зајакнување на билатералната соработка, со посебен акцент на прекуграничната соработа, преку конкретни економски проекти кои воедно ќе придонесат кон зближување на двете општества.
На средбата во Солун, покрај министрите за надворешни работи, учествуваа и министри и високи претставници и од Министерствата за економија на четирите земји, соопшти МНР.