Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во Брисел во рамките на неговата работна посета, имаше работна средба со амбасадорите на земјите-членки при Европската Унија (КОРЕПЕР), во организација на финското претседавање со Европската Унија.
Како што информираат од ресорното министерство, Димитров во своето излагање потсетил на севкупните постигнувања на земјата во изминатиот период, како на домашен план, така и на планот на унапредување на добрососедските односи.
Притоа тој апелирал земјите членки да донесат одлуката за почеток на пристапните преговори во октомври, врз основа на конкретните резултати и постигнувања.
По неговото обраќање во конструктивна дискусија со присутните амбасадори, Димитров укажал дека и покрај одредени предизвици и несовршености, земјата покажала зрелост, одговорност и силна политичка волја за реални промени и напредок.
По состанокот со амбасадорите, Димитров имал излагање на настан насловен „Од Преспа до Брисел: Патот на Северна Македонија кон европската и евро-атлантската интеграција“ на кој ја истакнал потребата од давање на зелено светло од страна на ЕУ членките за продолжување на евро-интегративниот пат, потенцирајќи дека таквата одлука би била вистински сигнал за прогресивните и проевропски сили во земјава, но и во целиот регион.
За време на двата дена работен престој во Брисел, министерот за наддворешни работи реализираше и средби со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и со шефот на Кабинетот на претседателот на Европскиот совет, Пјотр Серафин, како и повеќе разговори со претставници на дипломатскиот кор.
Веднаш по комплетирање на работната посета на Брисел, Димитров ја продолжува европската турнеја со работна посета на Берлин.