Претседателот, Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма од страна на Димитрис Јанакакис, вонреден и ополномоштен амбасадор на Грција во Македонија.
Како што соопштија од неговиот кабинет, Пендаровски истакна дека овој чекор се должи, пред сè, на посветеноста на двете држави кон градењето добрососедска политика заснована врз принципите на меѓусебна доверба и транспарентност.
– Договорот од Преспа создава големи можности за постојано и значително унапредување на соработката на сите полиња и изградба на партнерски однос како што доликува на две соседни земји што споделуваат евроатлантски вредности – рекол претседателот Пендаровски, истакнувајќи дека нашата земја во духот на добрососедството е подготвена за натамошна посветена и суштинска соработка со Грција, што е од интерес за граѓаните на двете земји и нивната благосостојба.
Пендаровски изразил очекување дека фокусот на понатамошната соработка ќе биде во унапредувањето на, веќе, добрата економска состојба.
– Во таа насока особен приоритет треба да има реализацијата на конкретните регионални проекти за подобрување на железничкото, патното и енергетското поврзување, комуникациите, туризмот, економската размена, протокот на луѓе, идеи и на сите оние области предвидени во Акцискиот план за збогатување и унапредување на економската соработка што го потпишаа премиерите на двете земји – рекол претседателот.
Јанакакис истакнал дека е почестен што е назначен за прв амбасадор на Република Грција во Република Северна Македонија и дека од 2016 година, откако ја вршел должноста шеф на грчката канцеларија за врски во Скопје, е потпишан Договорот од Преспа, ратификуван и стапен на сила, што довело до, како што рекол, Грција да го поддржи пристапувањето на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ.
Имајќи предвид дека настапи нова ера, рекол амбасадорот Јанакакис, соработката и синергијата меѓу нашите две држави сега можат и мораат да бидат дополнително засилени во сите области од заемен интерес, а со Договорот од Преспа и усвоениот Акциски план, поставена е широка рамка за соработка во многубројни области во кои веќе се потпишани и низа договори и меморандуми за разбирање.
Грчкиот амбасадор изјавил дека заеднички интерес на двете земји е и демократската стабилност и безбедноста на регионот, безбедноста и сигурноста на нивните граници, како и просперитетот и развојот на регионот.