Одѕивот на гласачите на вториот круг од Претседателските избори до 10 часот изнесува 6,16 отсто, соопшти на првата прес-конференција на Државната изборна комисија портпаролката Љупка Гугучевска.
Таа додаде дека на гласање до 10 часот излегле 99.192 гласачи.
Според ДИК, гласањето во првите три и пол часа се одвива мирно.
По општини, најголема излезност има во Крива Паланка со 14,91 проценти, по што следуваат Демир Капија со 13,2 отсто, Кратово со 12,46 отсто и Берово со 11,06 отсто.
Најмала излезност има во Врапчиште со 1,16 отсто, па Дебар со 1,29 отсто и Боговиње со 1,31 отсто.
Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевкса нагласи дека и во вториот круг граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат да се јават на телефонскиот број 076 488 360, на кој преку видеоповик ќе можат да постават прашање во врска со гласањето и да добијат одговор на знаковен јазик.
Право на глас имаат 1.808.131 граѓани. Изборите ги следат 3.381 домашен набљудувач, 520 странски набљудувачи, 60 странски новинари акредитирани од ДИК.
Во првиот круг од изборите до 10 часот излезеноста изнесуваше 6,05 отсто.