Претседателот во заминување Ѓорге Иванов денеска го одработува својот последен ден на функцијата, за која мандатот официјално му истекува в недела, кога треба да ја напушти резиденцијата на Водно.
Уште не е познато каде ќе се пресели Иванов и дали ќе ги искористи привилегиите што му следуваат. Кабинетот на претседателот во заминување и Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), оставриле комуникација за тоа колкав буџет му следува по завршување на мандатот, потврди неодамна портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.
На Иванов, oбезбедена му е пензија од стотина илјади денари месечно, колку што зема актуелниот шеф на државата, а му следуваат и канцеларија со тројца вработени по негов избор, лично обезбедување, службено возило и возач, според законот за правата на поранешниот претседател, донесен во 2004-та година. Овие права ги користеа и ги користат и претходните претседатели.
Инаугурацијата на новоизбраниот шеф на државата Стево Пендаровски ќе биде в недела попладне. Мандатот на Пендаровски официјално треба да започне на полноќ, односно вечерта помеѓу 12 и 13 мај.