Фото: Игор Бансколиев

Иако посетата на македонската владина делегација на САД се случи во, според многумина, клучниот период за интегрирањето на Македонија во НАТО, на само два месеца пред самитот во Брисел, пораките се исти како и пред десет години, кога на самитот во Букурешт, земјава, спротивно на сите најави, беше изоставена од пакетот за проширување

Еднодеценискиот серијал на афирмирањето на поддршката за зачленување на Македонија во НАТО од страна на челниците на најсилната светска воена организација и на лидерите на нејзините клучни земји-членки продолжи и со пораките што произлегоа од средбите што македонска владина делегација, предводена од министерката за одбрана Радмила Шекеринска, ги оствари во текот на изминативе неколку дена во Вашингтон. Иако посетата на САД се случи во, според многумина, клучниот период за интегрирањето на Македонија во НАТО, на само два месеца пред самитот во Брисел, пораките се исти како и пред десет години, кога на самитот во Букурешт, земјава, спротивно на сите најави, беше изоставена од пакетот за проширување на Алијансата.

Во прилог на ова можат да се наведат редица примери иако владините извори вложија голем напор последнава посета на тимот на Шекеринска на САД да ја окарактеризираат како историска.
Имено, за време на оваа, како што ја нарекоа, исклучително битна дипломатска посетата на Америка, македонската делегација се сретна со високи претставници на Белата куќа, Стејт департментот, Конгресот и на Сенатот на САД. Како најбитен од сите беше посочен состанокот што министерка го имаше со американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис.

Американскиот секретар за одбрана по средбата изјави дека САД ја афирмираат одлуката на НАТО во Букурешт во 2008 година, Македонија да добие покана за членство веднаш штом ќе се постигне заеднички прифатливо решение за прашањето за името со Грција. Тој истакнал дека САД ги ценат чекорите што Македонија ги презема кон НАТО и не сакаат да ја видат државата запрена пред вратите на Алијансата.
Слични изјави беа добиени и по состанокот на Шекеринска со Вилијам Беркли, директор за европски прашања во Националниот совет за безбедност при Белата куќа и со Тина Кајданоу, помошник-секретарка за политички и воени работи во Стејт департментот.
Директорот Беркли истакнал дека Белата куќа внимателно го следи развојот на настаните и истакнал дека Македонија има сојузници во Белата куќа. Кајданоу, пак, подвлекла дека Македонија е важен партнер за САД и дека така ќе остане.
– Ја имате нашата поддршка во решавањето на предизвиците на патот кон НАТО, бидејќи членството на Македонија во НАТО е важно за стабилноста на целиот регион – изјавила Кајданоу.

Ваквите охрабрувачки пораки за нашата држава во правец на нејзиното зачленување во НАТО, не се ниту први, ниту единствени во изминативе десет години откога Грција успеа на Алијансата да ѝ го наметне својот услов за прием на Македонија. Речиси идентични пораки, од високорангирани функционери во Алијансата и во нејзините земји-членки, Македонија во континуитет ги добиваше и пред, но и по грчкото вето на самитот на сојузот во 2008 година во Букурешт. Дури и со сосема површно пребарување на Интернет може да се дојде до обемен материјал што ќе ја потврди претходната теза. Меѓу другите, тука е сѐ уште мошне свежата изјава, од 18 јануари годинава, што за време на посетата на Македонија ја даде генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Тој истакна дека НАТО ќе испрати покана за пристапување на Република Македонија во Северноатлантскиот сојуз кога ќе постигне спогодба за спорот за името.

– Многу се радувам што месецов го посетив Скопје. Продолжуваме да ја поддржуваме земјата на патот на нејзиното пристапување кон НАТО и искрено сакаме да успее. Ова е во согласност со одлуката од самитот во Букурешт од 2008 година, што значи дека сојузниците се согласуваат НАТО да испрати покана за членство на Скопје во алијансата по постигнувањето заедничко решение за спорот за името во рамките на Обединетите нации. Неодамна видовме позитивен импулс за ова прашање – рече Столтенберг.
Првиот човек на НАТО истакна дека нема друг начин да се влезе во Алијансата без решение на проблемот за името и тоа беше јасно кажано неколкупати.
Неговиот претходник на функцијата, Џорџ Робертсон, кој сега е лидер на новоформираната неформална „Група Охрид“ за поддршка на Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и во ЕУ, во интервју за еден од овдешните медиуми пред само неколку дена изјави дека тие сакаат да ја зголемат свеста за тоа што Македонија направила во минатото, за важноста на земјата за регионот, за тоа колку е важно за Балканот како целина Македонија да стане членка на НАТО.

Натаму, во февруари годинава, лидерот на најмногубројната армија во НАТО по американската војска, претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган од Анкара по средбата со македонскиот колега Ѓорге Иванов порача дека неговата земја ја повторува поддршката за македонска интеграција во НАТО, и истакна дека Анкара го реафирмира нејзиниот принципиелен став во однос на употребата на уставното име на Република Македонија.
Премиерката на Велика Британија Тереза Меј и министерот за надворешни работи Борис Џонсон на 27 февруари за време на одржувањето на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во организација на Европската банка за обнова и развој во Лондон изјавија дека нивната земја изразува силна поддршка за аспирациите на Македонија за членство во ЕУ и во НАТО.

Пред девет месеци, пак, во Подгорица на самитот на земјите на Јадранската повелба, премиерот Зоран Заев се сретна со американскиот потпретседател Мајк Пенс, кој истакна дека Македонија може да смета на поддршката од САД и изрази охрабрување за македонските заложби за членство во НАТО.
Во 2014 година од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов соопштија дека за време на приемот организиран во Њујорк за шефовите на делегациите на Генералното собрание на Обединетите нации, американскиот тогашен претседател Барак Обама ја потврдил поддршката на САД за реализирање на македонските државни приоритети, пред сѐ за членството во НАТО.
Истата година тогашниот италијански претседател Џорџо Наполитано во Рим изјави дека неговата земја ја поддржува Македонија во надминување на блокадите и се надева дека ќе се најде начин земјата да успее во исполнување на заложбите да стане член на НАТО и на ЕУ.
И шпанскиот генерал-адмирал Фернандо Гарсија Санчез, за време на неговата посета во Македонија во 2013 година изјави дека Кралството Шпанија недвосмислено ја поддржува нашата во нејзиното членство во НАТО.

Во 2009-та тогашниот германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер го поддржа пристапувањето на Македонија во НАТО, истакнувајќи дека Германија е свесна дека постои проблем за името, но официјалниот став на земјата е дека Македонија треба да стане членка на сојузот. Одејќи така наназад се доаѓа и до изјавата на поранешниот американски претседател Џорџ Буш дадена непосредно по споменатиот самит на НАТО во Букурешт, при неговото обраќање до илјадници граѓани на Хрватска, како и пред тогашните државни раководства на двете новопримени членки Хрватска и Албанија, но и на Македонија.

– Македонија треба да го заземе своето место во НАТО што е можно побрзо. Македонија спроведе тешки реформи во земјата и придонесува значајно во мисиите на НАТО во странство. За жал, поканата за Македонија беше одложена поради несогласувањето околу нејзиното име. Во Букурешт, сојузниците во НАТО се согласија дека штом ова прашање биде решено, на Македонија ќе ѝ биде упатена покана – рече пред точно една деценија Буш.
Воено-политичкиот аналитичар Благоја Марковски во изјава за „Нова Македонија“ констатира дека многубројните изјави за поддршка на Македонија во НАТО, кои доаѓаат на адреса на нашата земја, се само уште еден доказ дека местото ни е во сојузот. Тој, сепак, додава дека дури и да ја уживаме поддршката на сите членки на НАТО со исклучок на Грција ние сепак нема да можеме да станеме членка сојузот, сѐ додека не ги надминеме разликите за името со нашиот сосед.


Конгресмени бараат од Столтенберг прием на Македонија во НАТО

Единаесет конгресмени од САД, предводени од конгресменот Џим Бенкс од Индијана, испратија писмо до генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со барање за покана за полноправно членство на Македонија во НАТО, во кое наведуваат дека тоа е клучно за американските интереси на Балканот, како и за Алијансата, соопшти Обединетата македонска дијаспора (ОМД).
Во писмото се наведува дека уште од воспоставувањето на дипломатските односи во 1995 година, САД ја поддржуваат Македонија во нејзината аспирација за полноправна интеграција во евроатлантските структури, при што остануваат верен партнер што ѝ помага на земјата во јакнење на нејзините демократски капацитети.
– За една мултикултурна држава каква што е Македонија, веруваме дека пред себе има светла иднина, основа врз која се стремиме кон ангажирање на владините институции и на македонскиот народ во реализација на своите потенцијали. Ние веруваме дека е време Македонија да се приклучи кон НАТО – се наведува во писмото.
Конгресмените во своето писмено обраќање наведуваат и дека внимателно ја следат политичката и дипломатска состојба во Македонија.
– Како што Македонија се движи на патот кон постабилна иднина, ние гледаме огромна можност за натамошна промоција на нашите заемни односи клучни за Балканот. Затоа, ние особено сме охрабрени од надежта на прогресот низ разговорите под покровителство на ОН, како и од подготвеноста на македонските и грчките лидери да ги унапредат своите односи – посочуваат конгресмените во писмото.
Во дописот тие сметаат дека Македонија ја зголемува својата подготвеност да стане полноправна членка на НАТО и оти тоа го покажува и преку своето учество во НАТО-операциите во Косово и во Авганистан, како и со тоа што застанала на страна на САД во случајот со Ирак.
– Како што НАТО напредува во растечка и комплексна средина конкурентна на Русија, така и потребата Македонија да биде примена во нашата клучна алијанса е несомнена – наведуваат конгресмените во дописот и додаваат оти „таквиот одлучувачки чекор, не само што е од интерес за Алијансата, туку е и од интерес на нашата перспектива против руската агресија“.
Инаку, конгресмените се членови на Конгресната група за Македонија основана во 2011 година во соработка со ОМД.