ЦЕНТАР

На 27 март ќе се одбележи Меѓународниот ден на пијаното во Културно-информативниот центар во салонот „19 19“. Настанот, кој се одбележува петти пат кај нас, се одржува во организација на професорката по пијано м-р Светлана Димитриевска од државното музичко и балетско училиште „Илија Николовски-Луј“. Според програмата, ќе има промоција на циклус пиеси за пијано, а ќе се одржи и пијано-концерт „Звуците на класиката“.
Денот на пијаното е настан што се одржува еднаш годишно, на 88-от ден во годината, затоа што тоа е бројот на клавишите на пијаното.
– Целта на овој ден е да се споделува вековната радост од свирење на пијано, откривањето на новите звуци и трендови, како и да се создава платформа за настани што можат да се поврзат со пијаното, заради славењето на пијаното да биде еден од најрадосните празници, сплотен со радоста и убавината што ги носат и другите уметности – наведено е во најавата за настанот.
По повод пет години јубилеј на настанот Ден на пијаното Скопје, ќе има доделување дипломи за надежен млад пијанист, надежен млад композитор, најуспешна концертна изведба и најуспешен странски изведувач. Комисијата е составена од проф. д-р Марија Ѓошевска, м-р Марија Максимова, м-р Светлана Димитриевска и проф. Дамјан Темков.