Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска треба да ги распише претседателските избори, за кои првиот круг треба да се одржи на 21 април, а вториот круг на 5 мај.
Во согласност со Изборниот законик, треба да поминат не повеќе од 90 и не помалку од 70 дена од распишувањето на изборите до денот на нивното одржување. Мандатот на актуелниот претседател Ѓорге Иванов завршува на 12 мај.
Политичките партии досега немаат објавено кандидати за претстојните претседателски избори. Двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ своите кандидати решија да ги избираат преку јавен оглас. Од СДСМ сѐ уште немаат соопштено дали се пристигнати кандидатури. Генералниот секретар на партијата Александар Кирацовски потврди дека процесот е во тек и оти на партиски конгрес на 3 март ќе биде официјалниот избор на кандидатот.
На огласот на ВМРО-ДПМНЕ пристигнале 10 кандидатури, од кои една по истекот на рокот, по што партијата ги објави имињата на кандидатите од кои на конвенција на 16 февруари ќе изберат еден што ќе влезе во трката за шеф на државата. Иако од ДУИ велат дека имаат официјален став дека на изборите можат да настапат со свој кандидат, сепак, оставаат можност пред истекот на рокот за поднесување на кандидатурите да постигнат и друго решение.
Во врска со евентуалното одржување предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, како што бара опозицијата, Кирацовски најави дека многу скоро одлуката на партијата по ова прашање ќе биде донесена и објавена.
Се очекува денеска во Собранието да биде изгласан и новиот состав на антикорупциската комисија, која, меѓу другото, треба да го следи изборниот процес, во делот на финансирањето на предизборните кампањи на учесниците во изборниот натпревар. П.Р.