Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од власта за бегството на Никола Груевски во Унгарија обвинет за случајот „Тенк“. Тие бараат и од раководството на ВМРО-ДПМНЕ да му ја одземе на Груевски титулата почесен претседател.
Во продолжение интегрално ви го пренесуваме целото соопштение:
ВМРО ДПМНЕ Демократска фракција е згасена од политичките игри во кои на најголемите злосторници им се овозможува да избегаат неказнети од пред лицето од правдата. Сето ова е добро реализирана режија од спрегата: „обвинет – највисоко политичко раководство – судство – полиција”. Срамно е за една држава за рок од помалку од една година четворица осудени да побегнат од лицето на правдата и за тоа никој да не одговара. Ова е јасен показател дека власта и обвинетите имаат одличен дил за меѓусебно негонење или како што велат граѓаните „голем кеш” за бегство и слобода на обвинетите надвор од државата.
Господине Заев како прв човек на извршната власт срамно е и понатаму да молчите и да не барате кривична и морална одговорност од вашите соработници и судските функционери. Вашето молчење и не преземање мерки е знак за Ваше соучесништво во ова најголемо злосторство во последниве двесетина години. Немојте да мислите дека и Вие ќе поминете неказнето заради вашето премолчување за целокупната правна и морална рашомонијада и за девалвирањето на државата. Правдата е бавна, ама достижна и за Вас.
Незамисливо е пред носот на министерот за внатрешни работи обвинетите да бегаат во други држави и да поминуваат неказнето, а вината да ја префрлате само на судските органи. Исто така должни сте да и објасните на јавноста како тоа од 13 обвинети во случајот Империја, судијата не одреди мерка притвор на еден од главните лица во целиот тој случај. Немојте да мислите дека заштитата на менторот (односно шефот како милувате да го нарекувате) поради неговата контрола над осумтемината пратеници ќе ви помогне во блиска иднина да ја намалите сопствената одговорност и замешателство во случаите, само заради реализација на соствената замисла наспроти вољата на граѓаните. Уште помалку доколку и нему му овозожите да побегне од државата.
Не, господине Заев, тоа само подлабоко ќе се завлечете во вртлогот на криминогеноста и сопственото самољубие за што и сами знаете дека кога тогаш ке се одговара, ама тогаш нема да постои некој нов Виктор Орбан, ниту претседателска аболиција. Не смеете и не е дозволиво Вашата партија и Вашите блиски соработници со манипулации и спинувања да бараат и да ја префрлаат вината врз претседателот на државата, кој во оваа ситуација е настрана од овие процеси. Доколку имате поинакви сознанија за неговото замешателство тогаш слободно изнесете ги пред јавноста тие сознанија за да му суди народот, а не корумпираното судство под Ваша контрола.
Исто така ВМРО ДПМНЕ – Демократска фракција упатува апел и бара од партијата безусловно и во најкраток можен рок да се огради и да му ја одземе титулата почесен претседател на бегалецот Никола Груевски. Мицковски може лично да има морална обврска и почит кон неговиот ментор, но партијата во своите редови не смее да има вакви лажни патриоти, кукавици, бедници и криминалци кои ја девалвираат и понижуваат партијата и државата и ги оставаат најблиските соработници на цедило.