Во светлината на најавите дека од 2022 година жена ќе биде прв раководител на НАТО
Мислењето дека мажите се подобри политичари или лидери од областа на безбедноста од жените се менува полека, но сигурно. Доказ за оваа констатација е последниот развој на случувања во најголемата воено-политичка алијанса НАТО, каде што и Македонија е полноправна членка. Имено, светските медиуми неделава најавија дека во Алијансата започнува изборна трка меѓу три жени што треба да го наследат досегашниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Во предизборна игра во воениот сојуз, во која државите-членки ќе одлучат со консензус, според извори достапни во јавноста, се поранешната претседателка на Хрватска, Колинда Габер-Китановиќ, претседателката на Литванија, Далија Грибаускаите, како и нејзината поранешна колешка од Естонија, поранешната претседателка Керсти Калулаид. Според одредени влијателни политички печатени медиуми, за изборот на прв човек во НАТО, една од овие три жени се очекува да го замени Столтенберг на неговата функција во 2022 година. Ќе дочекаме ли и Македонија наскоро да има прва жена генерал и претседател на државата?
Жените пополека „испливуваат“ на раководните позиции
Во контекст на актуелните случувања, за нотирање е фактот дека и Македонија како членка на НАТО ќе се изјасни во процесот на гласањето за идниот лидер што ќе раководи со најмоќниот воен сојуз на планетата.
Од друга страна, еден од параметрите врз кој се мери демократијата во меѓународните сојузи, но и во земјите е токму родовата еднаквост. Во моментов во Европа, по претстојниот избор на НАТО, жените пополека „испливуваат“ и на раководните позиции во Европската Унија, но и во другите силни држави. Имено, Европската комисија во моментов е раководена од моќната европска дипломатка Урсула фон дер Лејен, Германија, пак, која ја нарекуваат динамото на Европа, со години е под раководство на мудрата канцеларка Ангела Меркел, a во Данска сѐ почести се најавите дека следен премиер на земјата е лидерката на социјалдемократите, Маргарета Вестагер. На домашно поле во моментов во земјата на највисоко ниво функционираат четири жени градоначалници, над 400 советнички, четири министерки и речиси една третина од пратеничкиот состав во парламентот. Но, за жал, за разлика од соседството, ЕУ и НАТО се чини дека Македонија каска во делот во кој жените во земјата може да се најдат на најодговорните функции како армиски генерал и на чело на претседателската, премиерската функција и прв човек на парламентот. Последниот посериозен, но неуспешен обид, беше со кандидирањето на Гордана Силјановска за претседател на државата, која не успеа да собере повеќе гласови од актуелниот претседател Стево Пендаровски. Неуспешна беше и Радмила Шекеринска, која од позициите на партиски лидер на СДСМ, атакуваше на премиерската функција, но не успеа да ја стекне довербата на гласачите, кои беа понаклонети кон тогашниот премиер Никола Груевски. Радмила Шекеринска во 2004 година двапати по две седмици беше вршител на должноста претседател на Владата. Највисоко скалило до кое се искачија жените во функционерската хиерархија се министерки за внатрешни работи и за одбрана, позиции што до пред неколку години се сметаа за важни места за кои беа „предодредени“ кандидати од посилниот пол. Јазот помеѓу жените и мажите, измерен во однос на политичкото влијание, економските придобивки, здравството и образованието, е намален во изминатите години во плурализмот во Македонија, но ќе биде потребен уште одреден период за тој целосно да исчезне.
Во своја констатација на оваа тема, Маја Морачанин од ДОМ вели дека македонското општество важи за патријархално и конзервативно, така што и кај нас предрасудите кон жените се постојано присутни, иако последните години се добива впечаток дека тие се намалуваат.
– Кај нас повеќе може да стане збор за стереотипи и предрасуди. Ние сме патријархално и конзервативно општество и прашањето за надминување на предрасудите кон жените е процес. Има напредок, но треба уште многу да се работи по прашањето на родовата еднаквост – вели таа.
Според неа, клучно е воспитувањето во семејството, односно децата уште од мали да се учат да не прават разлики врз основа на полот.
Нејзиното мислење е дека сите на некој начин треба да придонесат за подобрување на работите во врска со надминување на предрасудите, но дека треба во континуитет да се работи на тоа.
Државни инструменти за намалување на јазот меѓу половите
За подобрување на состојбите на ова поле, со што ќе на површина во раководните позиции на земјата ќе излезат најквалитетните кадри без разлика на нивната полова припадност, Македонија од неодамна поседува свој стратегиски документ насловен „Национална стратегија за родова еднаквост 2021-2026“.
Според документот, во Македонија, прашањата за родовата еднаквост на ниво на законодавство се регулираат на две нивоа, и тоа со посебен Закон за еднакви можности на жените и мажите, Законот за спречување на дискриминацијата, како и со вклучување на родот преку посебни мерки и одредби во другите закони како Законот за семејство, Изборниот законик, Законот за работни односи и други. Натаму, доказ дека земјата се стреми да ги подобри актуелните состојби е отсликан и во Програмата за работа на Владата за 2020 и 2024 г. Во овој документ, пак, се препознава дека единствен начин за постигнување вистински просперитет во општеството е преку еднаквост помеѓу мажите и жените во сите сфери на јавниот и приватниот живот. Владата во својата програма како главни цели ги издвојува зголемувањето на бројот на жени на позиции за донесување одлуки, сузбивање на родовите стереотипи и елиминација на родово базираното насилство. На институционално ниво во Македонија, пак, функционира и Центарот на родовиот механизам, кој е сопствен сектор што функционира во рамките на Министерството за труд и социјална политика.
Родова еднаквост за квалитетен исчекор на државата
Македонија минатата година била родово најрамноправна во регионот кога станува збор за процентуалната застапеност на жените пратеници во парламентот.
Врз основа на резултатите од истражувањето на Интерпарламентарната унија (ИПУ), Македонија била на 20-то место во светот, според бројот на жените во пратеничките клупи, односно со 38,3 отсто жени во Собранието со 120 народни избраници. Истражувањето покажало дека просекот во светот е 24,3 проценти.
Истражувањето било спроведено врз основа на информациите што властите на 193 земји ѝ ги дале на меѓународната парламентарна организација со седиште во Женева на 1 јануари годинава.
На првото место на оваа листа е Руанда, во која мнозинството во Долниот дом се жени (61,3 отсто). Врвот потоа го сочинуваат Скандинавците – Данска, Шведска, Норвешка, Финска и Исланд, кои често се пофалени за нивните политики за родова рамноправност.
Во регионот, зад Македонија најблиску е Србија, каде што во Националното собрание 37,7 отсто од местата се исполнети со жени.
Албанија е на 53-то место (29,3 отсто), додека Словенија (24,4 отсто) е на 74-та позиција. Босна и Херцеговина е на 92-то место, со 21,4 отсто жени, а Хрватска на 98-то стои најслабо, со 20,5 отсто. САД го делат 78-то место со Црна Гора, според бројот на жени во Претставничкиот дом.
Од друга страна, на дното на листата се Микронезија, Папуа Нова Гвинеја и Вануату, бидејќи во нивните парламенти нема пратенички.