Фото: Игор Бансколиев

Со дебатата во Тетово, организирана изминатиот викенд, на тема „Република Илирида – фундаментално решение за функционирање на рамноправноста во Македонија“, нашите соговорници тврдат дека кај голем дел од албанските политичари по таа политичка основа „е премината секоја мерка“ и дека „колку и да им се овозможува и на сите можни начини им се излегува во пресрет на барањата на албанското етничко малцинство во Македонија за широки привилегии по сите основи (а во нашата држава албанското малцинство ужива утврдени права што се далеку над оние во Унијата – предвидени во соодветни европски декларации и резолуции), амбициите на одредени албански политички лидери и групи нереално се зголемуваат сѐ повеќе и повеќе (со поддршка од одредени центри на моќ однадвор) и веќе директно задираат во карактерот на државата, во нејзината унитарност, политички систем утврден со Уставот и законите

Јавна дебата во Тетово што ги разгоре
сецесионистичките страсти во албанскиот кампус

Дебатата во Тетово, организирана изминатиот викенд, на тема „Република Илирида – фундаментално решение за функционирање на рамноправноста во Македонија“, беше аргумент плус за актуелната општествена перцепција што се однесува на постојаните барања на албанското малцинство, дека тие, најблаго кажано, „ја преминаа секоја мерка“. Аналитичарите и политиколозите што ги следат прашањата на малцинствата во државите од регионот бурно реагираа на сѐ поекспанзионистичките испади и сѐ поголемите апетити на група сегашни и поранешни албански политички лидери во Македонија, за грубото наметнување вештачки прерогативи со кои албанското малцинство неприродно и сосила го ставаат во „ранг на државотворен, односно конститутивен народ во Македонија“. Во таквиот контекст, нашите соговорници тврдат дека „перманентно, колку и да им се овозможува и на сите можни начини им се излегува во пресрет на барањата на албанското етничко малцинство во Македонија за широки привилегии по сите основи (а во нашата држава албанското малцинство ужива утврдени права што се далеку над оние во Унијата – предвидени во соодветни европски декларации и резолуции), амбициите на одредени албански политички лидери и групи нереално се зголемуваат сѐ повеќе и повеќе (со поддршка од одредени центри на моќ однадвор) и веќе директно задираат во карактерот на државата, во нејзината унитарност, политички систем утврден со Уставот и законите.

Реафирмација на идејата за политичко-територијална автономија на Албанците во Македонија

Главниот мотив на гореспомената дебата во Тетово, на тема „Република Илирида – фундаментално решение за функционирање на рамноправноста во Македонија“, беше „да се реафирмира желбата за политичко-територијална автономија на Албанците“, како и да се најави „формирање“ нова политичка партија, која планира да учествува на изборите. Во таквиот контекст беше најавено и „формирање парламент на Илирида“ (?!).
Главните поенти на дебатата во Тетово се содржеа во ставот на Неџат Беџети, претставен како претседател на движењето Илирида, дека „треба да се променат позицијата и статусот на Албанците во Македонија“, со образложение дека Албанците се со население што е со „компактно распространување и голем демографски број“. Тој дури се повика на меѓународни норми, Повелбата на Обединетите нации (?!) и документите на Хелсинки (?!), кои, како што рече „даваат право да се има автономно владеење и да има Република Илирида, која е израз на волјата на граѓаните Албанци“.
За остварување на оваа замисла, Беџети најави регистрација на движењето како политичка партија, за да учествуваат на изборите и да имаат изборна кампања, а ќе поднесат и „барање за федерализација на државата“. Имено, доколку ги освојат гласовите на граѓаните, сметаат дела по автоматизам ќе можат да формираат парламент на Илирида, „кој ќе функционира како втора република во рамките на Македонија“.

Популациско-инвазивни и територијално-експанзионистички аспирации

Идејата за т.н. Република Илирида воопшто не е нова во македонската политичка средина, а се појавува, па понира низ политичките текови речиси 30 години, од самата независност на Македонија. Всушност, и самите организатори на неодамнешната дебата нагласуваат дека сегашната иницијатива е реафирмација на таа од 1992 година. Дури и меѓу учесниците на дебатата биле и Невзат Халили и Милаим Фејзиу, иницијатори на т.н. референдум од 1992 година. Сепак, нејзиното циклично појавување сосема извесно оди во прилог на констатацијата дека, и покрај значително променетата состојба на статусот на Албанците во Македонија во однос на 1992 година (со рамковниот договор од 2001-та, односно промената на Уставот, гарантираното образование на мајчин јазик, како и културните и сите други јазични и етнички белези на албанското малцинство кај нас, како дел од еден народ од две соседни држави, вклучувајќи го и загарантираното учество во власта на албанските партии), ирационалните шовинистички и сепаратистички цели што ги прокламира идејата за Република Илирида не се згаснати меѓу Албанците во Македонија. Ставена во регионален контекст, токму оваа идеја, јавно прокламирана викендов во Тетово, сведочи за живоста на големоалбанските амбиции, кои колку повеќе се насочени за сеалбанска територијална интеграција во една државна формација, толку повеќе имаат дестабилизирачко и дезинтегративно влијание на целиот регион, не само на Македонија.

– Колку и да изгледа од перспективата на Македонците дека Албанците се привилегирана етничка заедница во државата, Албанците јасно даваат на знаење дека тие не се задоволни со постојната положба и дека за нив е прифатливо само да добијат уставна категорија на конститутивен народ, како Македонците. Секако, тоа потоа значи можност и право на територијална посебност и конечно – сецесија. Аргумент за тоа наоѓаат во своето тврдење дека тие во Македонија се автохтон народ, кој живее на етнички албански територии, кои неправедно ѝ се доделени на Македонија, како и на својата бројност, која мегаломански ја проектираат и до 35-40 отсто од вкупната популација, иако на пописот од 2002 година беа 25,2 отсто. По добивањето на визната либерализација во 2009 година, голем број Албанци се отселија од државата во ЕУ, така што сега некои проекции се дека се и помалку од 20 отсто. Ако оваа процена се покаже точна, тоа ќе доведе до уставна криза, зашто македонскиот устав им гарантира етнички права на Албанците затоа што се повеќе од 20 отсто. Таквата уставна криза реално би можела да предизвика и безбедносна криза во регионот – пишува во својата анализа политичкиот аналитичар Ненад Живановски, кој живее и работи во Лондон, за хрватскиот политички портал „Геополитика њуз“.

Живановски: Големоалбанскиот национализам генерира можен распад на Македонија

Во својата анализа, Живановски го поставува прашањето дали големоалбанскиот национализам би бил главниот фактор на можниот распад на Македонија. Иако сѐ уште на хипотетичко ниво, (гео) политичкиот аналитичар од Лондон ги разгледува сите аспекти на дезинтегрирачката моќ на големоалбанскиот национализам. Како предупредување, тој укажува дека „и развојот на состојбите на Косово не оди во прилог на опстанокот на Македонија“. Секој компромис или отстапување што би прифатиле Албанците да им направат на Србите, по автоматизам би значело барање компензација за Албанците во Македонија. Минатогодишната иницијатива за прекројување на границите, која им се припишува на Вучиќ и на Тачи, веднаш ги испровоцира албанските лидери (Еди Рама, Рамуш Харадинај, Албин Курти) да се заканат ако дојде до тоа, дека ќе бараат и дел од „етничката албанска територија во Македонија“.

– По сѐ, каква е перспективата на Македонија да опстане како држава, во ситуација кога мнозинството мисли дека е тероризирано од малцинството, а малцинството не смета за себе дека е тоа, туку бара да биде конститутивен народ? Историското искуство, колку да сака официјалната политика да го претстави во розова боја, сепак во колективната меморија на Македонците не е без трауматизирани епизоди. Освен историјата, друг важен, ако не и пресуден фактор е геополитичката констелација, која може да одреди во која насока ќе претежне понатамошната судбина на државата. Субмисивниот однос, без нималку државничко и национално достоинство на секоја македонска влада во однос на САД, НАТО, ЕУ и водечките западни држави, е „модус операнди“ за опстанок на земјата. Какво било приближување кон алтернативните источни опции, како руските енергенти и кинеските финансиски инвестиции, веројатно би било погубно за опстанок на државата.

Затоа и Македонија се држи подалеку од сите иницијативи што доаѓаат од Исток, иако во некои случаи и на своја штета и свесно жртвување на стопанскиот развој. Идејата за голема Албанија, која Албанците ја нарекуваат етничка, е многу витална за повеќето Албанци во регионот, а со нејзина реализација може да се започне само ако се добие согласност од западните фактори. Впечатокот е дека додека македонските власти се сервилни спрема Западот – таква опасност нема. Но перманентната состојба на стрес и страв за опстанок на државата е трајна одредница. Во таква констелација, каде што голиот опстанок на државата е на респиратор, без можност да се понуди развој, конечно може да доведе до атрофија на државотворното ткиво, зашто нема напредок, младата и репродуктивна популација се иселува…, ако распадот на државата не се случи од албанскиот национализам, тогаш до тоа може да доведе неможноста државата да понуди самоодржлив развој – констатира во својата анализа Ненад Живановски.


Подготовки за крвопролевање од 1992 година: Проектите „Албанска паравојска“ и „Република Илирида“

Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, и самиот независен пратеник во првиот состав на македонското собрание по независноста, најостро ја осудува идејата на т.н. „Движење Илирида“ за создавање партија што ќе побара федерализација и ќе прогласи автономна „Република Илирида“, како стара идеја, која циклично се реафирмира во турбулентни и чувствителни периоди за државата Македонија. Тој потсетува дека таканаречениот „референдум за политичко-територијална автономија на Албанците во Македонија – Илирида“ го организира Партијата за демократски просперитет на 10 и 11 јануари 1992 година, кој Собранието на Македонија го прогласи за нелегален и неговите резултати ги отфрли како ништовни.

Понатаму потсетува дека кон крајот на 1993 година генералниот секретар на ПДП, Митхат Емини, беше осуден на осум, а тогашниот заменик-министер за одбрана Хисен Хаскај на шест години затвор, поради формирање таканаречена „Албанска паравојска“ во Македонија, која требаше со оружје и пролеана македонска крв да ја формира т.н. „Република Илирида“ на македонска земја. Тие исто така беа осудени и за нелегална трговија на оружје, со цел здружување заради непријателска дејност и напад на уставното уредување на Република Македонија. Лидерот на ПДП, Невзат Халили, тогаш остана во Косово, откако бил обвинет за тероризам, предизвикување и поттикнување етничко нетрпение и насилство во регионот и за недозволена трговија со оружје, и осуден од косовските власти на казна затвор од четири години, кои ги одлежал во приштинскиот затвор „Дубрава“, од каде што е ослободен во јануари 2007 година, по што се вратил во Македонија.

– СМК смета дека надлежниот суд треба да ја отфрли пријавата за регистрација на партија што промовира федерално или конфедерално уредување на Македонија и автономна република на Албанците во Македонија, а јавниот обвинител да ги преземе потребните мерки заради заштита на територијалниот интегритет и суверенитетот на државата Македонија! СМК смета дека барањата на Албанците од војната во 2001 година се утврдени во Охридскиот рамковен договор од 13 август 2001 година и имплементирани во амандманите IV до XVIII на Уставот на државата Македонија, донесени на седница на Собранието, одржана на 20 ноември 2001 година – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.