На Македонија ѝ се наметнува нов услов, без преседан, кој никогаш досега не бил применет за која било држава, а тоа е на патот на својата евроинтеграција паралелно да преговара и со Бугарија и со Брисел. Притоа, Софија би ни била како еден вид ментор, чии барања, односно уцени ќе мора да ги прифаќаме безусловно, без гаранција дека некогаш ќе стигнеме до посакуваната цел. Што мислат експертите и аналитичарите за ваквите уникатни, досега невидени барања на Бугарија

ДАЛИ ЕУ ЌЕ НИ ЈА СТАВИ БУГАРИЈА ЗА МЕНТОР ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ

Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, и покрај процените на поголем број политичари и аналитичари запознаени со случајот на бугарското вето за македонските евроинтеграции, сѐ уште не се откажува од надежта дека до крајот на годинава може да биде реализирана првата меѓувладина конференција со ЕУ, со што за Македонија би започнал процесот на преговори за членство во Унијата. Таквите надежи министерот Османи ги реафирмира викендов, на видеосредба со членовите на неформалната пратеничка група „Пријатели на С Македонија“ во Европскиот парламент,
потврдувајќи „дека ќе продолжи со сите напори да бара разумни решенија за надминување на какви било разлики со Бугарија и останува посветена на реформскиот процес и сите други сегменти што се дел од нашите евроинтегративни приоритети“, и покрај декларираните услови за писмени гаранции од неговата бугарска колешка Екатерина Захариева.

– Ние сѐ уште сметаме дека постојат пристојни шанси, доколку го искористиме продуктивно периодот пред нас, да се одржи првата меѓувладина конференција во рамките на германското претседателство – истакна Османи, информирајќи ги притоа европратениците за актуелните случувања поврзани со европската агенда на земјата.
Во меѓувреме, барем во јавноста (и бугарска и македонска), нема сигнали за конкретно продолжување на разговорите за „барање решенија за надминување на разликите“, а Захариева експлицитно ги наведе трите услови за да почне да размислува за повлекување на ветото. Бугарија бара пред сѐ придржување до формулацијата за македонскиот јазик во документите на ЕУ како „официјален јазик според Уставот“ (како што е претставен во декларацијата за пријателство меѓу Македонија и Бугарија од 1999 година и потврдена во Договорот за добрососедство од 2107 година). Освен тоа, бугарската страна очекува јасни и писмени гаранции од Македонија за откажување од правата на македонското малцинство во Бугарија. Третиот услов е своевидна агенда, наречена „патоказ“, за спроведување на Договорот за добрососедство, за која Бугарија очекува да биде вградена како посебно поглавје во преговарачката рамка со ЕУ.

Иако навидум се чини дека вака формулираните услови можеби се ретерирање од максималистичката уценувачка реторика за „македонско признавање на бугарските идентитетско-историски корени“, сепак тие се само верзија со скратена бирократска фразеологија за пред Брисел. Вака искажаните услови претставуваат стапица за откажување од историската и лингвистичката посебност на македонскиот јазик, додека признавањето за непостоење на македонско малцинство во Бугарија ја повлекува директната аналогија на Софија за непостоење на македонска нација. Условот за т.н. патоказ за спроведување на Договорот за добрососедство, за што бугарската страна настојува да влезе како посебно поглавје во преговарачката рамка, на некој начин значи дека Македонија, паралелно со преговорите со ЕУ, треба да биде под специјален мониторинг и на Бугарија во процесот на пристапување во Унијата, односно истовремено да преговара и посебно со Бугарија, покрај преговорите со ЕУ.

– Македонската страна никако не смее да ги прифати последните услови на Бугарија за повлекување на ветото. За бугарското барање за посебно поглавје за спроведување на Договорот за добрососедство во преговарачката рамка за Македонија нема никаков консензус меѓу другите земји-членки на ЕУ, а нема ни логика. И според старата методологија за преговори, но и со новата, целта на поглавјата во преговарачката рамка е да ги трансформира државите што се придружуваат кон Унијата на стандардите и вредностите на ЕУ. Историско-идентитетските условувања на Бугарија никако не се во корелација со критериумите и стандардите што ЕУ бара да се постигнат преку исполнување на условите што се наведени со поглавјата на преговарачката рамка. Секое поглавје се однесува на одреден сегмент на општествените стандарди на земјата-кандидат – вели Марко Трошановски, директорот на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“ од Скопје.
Трошановски потсетува дека новото поглавје 35, насловено како „Разно“,првпат е воведено во преговарачката рамка на ЕУ за Србија, во кое како услов е наведен напредок во односите со Косово, до фаза на меѓусебно признавање. Сега Бугарија се повикува на таквата практика на ЕУ спрема Србија, истовремено настојувајќи да ги издигне своите позиции спрема Македонија на безбедносно ниво, со импликации на регионалната стабилност.

– Поглавјето 35 првпат е воведено во преговарачката рамка на ЕУ за Србија, во смисла на следење на напредокот на односите со Косово. Но тоа беше сторено затоа што српско-косовското прашање има влијание на регионалната стабилност. Од друга страна, историско-идентитетската проблематика што ја наметнува Бугарија за Македонија, за ЕУ претставува имагинарен проблем, кој не е во корелација со критериумите за пристапување. Притоа, Бугарија нема основа да го издигне овој свој имагинарен проблем на безбедносно ниво (за некако да има смисла пред ЕУ), зашто двете земји (Бугарија и Македонија) се членки на НАТО. Во претходниот случај, на кој се повикува Бугарија, Србија не е членка на НАТО. Затоа, македонската страна не треба да прифати форма на преговарачка рамка со посебно поглавје за спроведување на договорот за добрососедство – вели Марко Трошановски, стручен познавач на евроинтегративните процеси.


Клаус Штајнмаер, поранешен германски амбасадор
во Македонија и во Бугарија

ЕУ да го пресече Гордиевиот јазол што го заплетка Бугарија

Клаус Штајнмаер, поранешен германски амбасадор во Бугарија и во Македонија, смета дека Македонија не може политички да ги исполни бугарските барања без да се откаже од својот идентитет и националното самосознание.
– Од гледна точка на меѓународното право, бугарските тврдења во врска со јазикот, идентитетот, историјата итн. се ирелевантни, односно, всушност, се мешање во внатрешните работи на Скопје, затоа што го доведуваат во прашање правото на самоопределување. Што се однесува до неповредливоста на границите, тоа уште еднаш беше загарантирано со измените во македонскиот устав од 2 декември 2018 година, според кои „Републиката ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните земји“. Покрај тоа, Софија мора да биде претпазлива со изјавата дека Македонија не е подготвена за преговори со ЕУ.

На крајот на краиштата, прашањето за усогласеност со критериумите од Копенхаген може да се однесува и на Бугарија – нешто за што Брисел досега покажуваше повеќе од големо разбирање за земјата. За разлика од Советот на Европа и Венецијанската комисија. Политички, Скопје не може да ги исполни бугарските барања без да се откаже од својот идентитет и националното самосознание. Како што поранешниот претседател Киро Глигоров еднаш рече: „Македонија е сѐ што имаме“…Постои компромисно решение што ќе им овозможи на сите да го задржат достоинството. Откако заедничката комисија се покажа како неспособна за решавање на историските спорови, меѓународната заедница сега може да предложи двете страни да ги достават спорните прашања до меѓународна комисија на историчари. Доколку не се најде консензус во спорот меѓу Софија и Скопје, кризата во ЕУ што ја предизвикаа Унгарија и Полска ќе се продлабочи уште повеќе. Значи, Европската Унија мора да најде некаков начин да го пресече Гордиевиот јазол, бидејќи во спротивно ќе стане онеспособена – пишува во своја колумна германскиот дипломат Клаус Штајнмаер.