По неодамнешните нонпејпери за прекројување на границите на Балканот, деновиве во јавноста се пласираат нови тези, или пробни балони, за дводомен парламент во Македонија и промени во Уставот со кои на Албанците, наводно, би им се дал повисок државотворен статус. Според аналитичарите, овие нови барања не се случајни и може да водат кон целосен распад на државата

НОВА ЕПИЗОДА ОД БАЛКАНСКИОТ ЦРН СЕРИЈАЛ ЗА ПРЕУРЕДУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА

Блокадата на евроинтегративниот процес на Македонија од страна на Бугарија претставува сериозна закана по унитарноста на државата, која, според поделбата на ресорите и надлежностите во власта, личи на федерална држава со паралелни институции, а понатамошното одложување на патот кон ЕУ само ќе доведе до дополнително зовривање на страстите, кои на крајот може да резултираат со поделба и распаѓање на земјата.
Во таа насока одат и неодамнешните нонпејпери што се појавија во медиумите на Балканот, а во еден од нив беше наведено дека западниот дел од Македонија би можел да биде припоен кон Албанија како дел од решението за затворањето на прашањето за конечниот распад на Југославија, со што би се исполнил сонот на Албанците да живеат во една држава.

И додека официјален Брисел демантираше секаква поврзаност со наводните нонпејпери, и натаму продолжува да ја поддржува бугарската блокада иако е свесен дека секое понатамошно одложување може да предизвика сериозни безбедносни импликации во Македонија, но и во регионот.
Свесни за ситуацијата, Албанците во земјава го користат моментот за лансирање еден вид пробни балони за државното преуредување на Македонија и нејзино федерализирање, со што подоцна полесно би се извела операцијата за територијално присоединување со Албанија.
Ваквите мрачни прогнози и сценарија сериозно загрижуваат, затоа што повеќето таканаречени пробни балони во земјава подоцна станаа официјални политики што резултираа со промени, кои изминатите три децении значително го променија концептот на македонската држава.
– Дводомен парламент и устав од кој би произлегувал државотворниот статус на Албанците би било оптимално решение за Албанците во Северна Македонија. Спротивно на тоа, Албанците во Северна Македонија ќе можат да ги следат моделите и формулите за решавање на српското прашање на Косово, особено сега, во пресрет на заклучувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија. Меѓународната заедница, ЕУ и САД, пред да ја принудат официјална Приштина на компромис во полза на евентуалните барања што дефинираат екстериторијален статус на косовските Срби, би требало да биде подготвена да ги сослуша барањата на Албанците во С. Македонија за унапредување на државотворниот статус – коментира комуникологот Емин Аземи во текст објавен на порталот „Геополитика“.

Според него, направените интервенции во Уставот на Македонија сè уште не им овозможуваат на Албанците да станат државотворен народ.
– Сега се вели дека се извршени уставни промени, но Албанците сè уште не се државотворен народ во С. Македонија. Многу прашања напредуваа, како прашањето за службена употреба на албанскиот јазик, соодветната застапеност, но не сите овие прашања станаа уставни категории. Доволно е да се погледне Законот за државјанство, кој бара познавање на македонскиот книжевен јазик како услов за добивање македонско државјанство. Албанскиот јазик никаде не се споменува и, како резултат на тоа, многу Албанци не можат да добијат државјанство само затоа што не го совладале (писмено и усно) македонскиот книжевен јазик. Доколку албанскиот јазик е уставна категорија, Албанците автоматски би стекнале македонско државјанство, но тоа не се случува, бидејќи државната сувереност сè уште произлегува од државотворниот столб на македонскиот народ – наведува Аземи во коментарот на „Геополитика“.
Пат-позицијата во евроинтеграциите на Македонија и евентуалниот почеток на преговорите со ЕУ само на Албанија, несомнено, ќе го зголемат притисокот на македонските Албанци, кои веројатно откако се исполнија сите барања од рамковниот договор, сега ќе ги побараат сите обележја што се одлика на една посебна државна единица.

– Ако многу често се отвора Уставот, тоа подразбира промена на цел правен систем, правен поредок, па промена на политичката структура, на јазичната, образовната и тоа веќе нема крај. Тоа де факто е директен пат кон распад на државата – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, на ваквите пробни балони и идеи што се лансираат на Балканот треба да им се одговори со научно-академски пристап.
– На ваквите пробни идеи треба да се одговори со научно-академско ниво и јасно да се истакне дека таквите идеи се неприфатливи. За жал, тие создаваат чувства дека тоа може да биде реално и да се прифати и дека во принцип штетат и на стабилноста на регионот, но и на цела Европа. Како и да е, ваквите пробни балони, кои се многу чести на овие простори, произлегуваат од сили што очигледно може да експериментираат, а да не преземат одговорност за тоа – истакнува Андревски.
Аналитичарот Синиша Пекевски смета дека ваквите идеи не се само пробни балони, туку дека зад тоа се крие долгорочна стратегија поставена одамна.
– Македонија не е граѓанска држава, туку е поделена по етнички принципи, а тоа се гледа во секој поглед и тоа води кон сигурна федерализација и кантонизација на Македонија.

Ова не е пробен балон, туку долгорочна стратегија поставена одамна, со тоа што за нејзино остварување најдоа добар партнер во оваа влада – вели Пекевски.
Тој очекува ваквите промени да се случат во релативно краток период.
– Многу е реално да се случи дводомен парламент и прогласување на албанскиот народ за државотворен во земјава и очекувам тоа да биде направено во наредните пет-шест години, бидејќи сите работи водат кон тоа, од одлуките што се носат, непочитувањето на владеењето на правото, како и постапувањето во согласност со барањето на една етничка заедница. Таа етничка заедница е заштитена во секој поглед, на речиси сите институции на чело се претставници на таа етничка заедница, суд, обвинителство… Во Македонија не постои граѓански принцип на соработка, постои етнички принцип на соработка, за жал – констатира Пекевски.