НАТО да го врати пристапниот процес на Македонија под ФИРОМ, а формалното членство да се случи дури откако ќе се постигне договор за името. Ова се заклучоците во извештајот за Западен Балкан што вчера беа промовирани во Институтот за мир во Вашингтон, а ги пренесе македонскиот сервис на Гласот на Америка. Извештајот од овој реномиран американски институт, кој го одразува ставот на група експерти, познавачи на состојбата во Македонија и регионот, меѓу другото забележува дека решавање на спорот со Грција за името е поблиску до крајот од кога било порано, истакнувајќи ја посветеноста на македонскиот и грчкиот премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Според истиот документ, како една од главните забелешки за државата, наведени во анализата насловена „Време за акција на Западен Балкан“, е дека влезот на Македонија во институциите на Европската Унија и НАТО мора да биде приоритет за Владата и нејзините граѓаните. Институтот од Вашингтон во исто време апелира до САД и европските сојузници во периодот што следува да го искористат своето влијание на највисоко ниво во Македонија и во Грција, за да ја истакнат важноста од решавање на спорот за името, сугерирајќи притоа да не се блокира патот на земјите кон ЕУ и НАТО.
– САД треба да го искористат своето влијание на највисоко ниво во Македонија и во Грција, за да ја истакнат важноста од решавање на спорот за името, кој стои на патот, како и да работат со Обединетите нации да му стават крај на ова прашање – стои во извештајот.
Во него се додава дека „НАТО, исто така, може да земе предвид обновување на пристапниот процес на Македонија под одредницата ФИРОМ, но формалниот влез да се случи штом ќе биде постигнат договор меѓу Македонија и Грција.
Амбасадорот и советник за меѓународни прашања Френк Виснер вели дека има и добри и лоши вести за решавање на долгогодишниот спор за името.
– Добрата вест е дека владите на Македонија и на Грција се доближија во поглед на многу прашања и има топла атмосфера на дијалог и размена на идеи, кои двете страни ги поставуваат на маса. Очигледна е и хемијата меѓу министрите за надворешни работи. Има сериозни можности двете страни да најдат решение, но сѐ уште не се таму. Во секој случај, доста е ветувачки – вели Виснер.
Сепак, тој смета дека постои и предизвик.
– Треба да се завршат три работи од страна на Македонија – парламентарна одлука, промена на Уставот и референдум. Дури и утре да постигнат договор Грција и Македонија, ќе треба многу време пред да почне процесот за влез во НАТО и Европската Унија. Нема брзо решение, туку многу работа – убеден е Виснер.
Тој заедно со другите експерти заклучи дека САД и Европската Унија треба да ги дефинираат нивните стратегии, да го обноват партнерството во поглед на поголем ангажман на Западен Балкан, како и да ги спречат руската и можната кинеска пропаганда во регионот.
– Треба да се спречи руското манипулирање со медиумите преку објективни алтернативни извори на информирање и преку поддршка на независните медиуми, да се зголеми соработката меѓу НАТО и ЕУ во заедничките напори да промовираат кибернетска безбедност – велат тие.
Извештајот во исто време истакнува дека САД, исто така, треба да ги охрабрат европските лидери да се договорат за кредибилен пат на интеграција на државите од Западен Балкан, по целосно исполнување на потребните реформи.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, коментирајќи ги заклучоците на последниот извештај на Институтот за мир во Вашингтон и недостигот од време за наоѓање достоинствено решение за спорот за името до самитот на НАТО во јули, како и времетраењето на процесот на преговори за членство во ЕУ и во НАТО, вели дека теоретски е можно паралелно да се водат преговори со сите страни, но политички многу тешко може да се изведе тоа.
– Теоретски е можно тоа да се случи, но политички многу тешко може да дојде ние паралелно да преговараме и со ЕУ и со НАТО и со Атина. Не сум доволно убеден дека Грција ќе прифати наше членство во НАТО, а понатаму и во ЕУ без решение за името. Можеби нашиот сосед ќе дозволи во исто време да се спроведува евентуалниот постигнат меѓународен договор со нив и да почнеме пристапни преговори со Брисел, но дека ќе добиеме статус на полноправна членка на НАТО без решение за името – тешко – вели Арсовски.
Тој додава дека слична ваква опција постоела и во 2009 година, пред самитот на НАТО во Букурешт, а таа била преговорите за името и членството да течат додека ние на самитот да добиеме покана од НАТО. За жал, како што додава Арсовски, не се случило тоа. Според него, и сега имаме слична состојба со условите на Атина, но единствена разлика во оваа теорија се околностите што во Македонија, за споредба од 2009 година, има нова влада, која цврсто е заложена за влез во евроатлантските организации.
Инаку, за потсетување, премиерот Зоран Заев во интервју за домашните медиуми неодамна изјави дека не е можно Македонија да влезе во НАТО под референцата ФИРОМ, доколку до следниот самит не се најде решение на спорот за името. Тој потсети дека при посетата на Македонија генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кажа дека таа работа не ја бива. Премиерот во интервју за медиумите истакна дека е можно асоцијативно членство по теркот на Шведска и други земји со Алијансата, но сепак желбата на Македонија е полноправно членство во НАТО, кое е можно единствено со решение на спорот за името со нашиот јужен сосед.