Без историја, јазик и култура, нема здрав столб на една држава. Не можеш никаде да тргнеш ако не знаеш кој си. И тоа треба да е приоритет на која било власт, вели професорката Енџекова-Сопотска
Да не дозволиме да ја загубиме битката
за зачувување на македонскиот јазик
„Уствари“ наместо „всушност“, „све“ наместо „сè“, „као“ наместо „како“ се само дел од термините што ги користат во секојдневната комуникација учениците во основно и во средно образование. Освен тоа, „мјутна“ го замени „замолчи“, „кикна“ – исфрли, а многу често се користи „се џоинав“ наместо „се приклучив“.
Недоволното читање, туѓите јазични влијанија, недоволната застапеност на правописот на часовите и преголемата употреба на ИТ-уреди од најрана возраст, но и незаинтересираноста на надлежните и на креаторите на образовните политики што треба да се грижат за писменоста на децата и за јазикот, се главните причини поради кои тој се уништува.
Проф. д-р Соња Енџекова-Сопотска, професорка по македонски јазик во гимназијата „Орце Николов“, вели дека без историја, јазик и култура нема здрав столб на една држава и дека тоа се трите работи што треба да им се приоритет на институциите на системот што креираат политики.
– Има случаи кога учениците на час кажуваат се „мјутна“ или ме „кикна“. Ако во јавната комуникација погрешно се изразат, јас ги прекинувам и ги поправам. Но тие пак грешат. Сепак, ако упорно ги поправам, веќе третиот-четвртиот пат има резултати. Кога одевме со физичко присуство на училиште, со учениците што беа послаби имав посебни часови, на кои учеа како правилно да пишуваат, го опфаќавме јазичното гледиште, композициски текстот да биде поддржан, гледавме да ги опфатиме сите точки. Но, сепак, сѐ потекнува од најрана возраст. Децата многу се преокупирани со технологијата, не им се чита доволно. Им се дава телефонот и така заспиваат. На тој начин кај детето има само слика, а не може со збор да го искаже тоа што е на сликата. Мора од годинка веќе да му се зборува на детето и да му се чита правилно. Понатаму, кога ќе се вклучи во системот на образование, само ќе се моделира и надградува – вели професорката.
Одговор на прашање со два збора?!
Професорката Енџекова-Сопотска вели дека денешните средношколци на многу едноставен начин ги пишуваат одговорите на прашањата, или, пак, на многу едноставен начин и на ниско ниво усно одговараат на прашање.
– Тие одговараат како да решаваат равенка. Не се изразуваат убаво, немаат богат фонд на зборови. А креативното пишување произлегува токму од читањето, а потоа и од имагинацијата. Денешните деца читаат многу англиска литература. Тие знаат да го кажат и опишат зборот на англиски, но на македонски го прават тоа неправилно, односно не го знаат доволно мајчиниот јазик за да можат да направат превод. Имам и солидни ученици, но тие се малкумина на број. Ракописот е нечитлив, неиспишан, на тоа не се посветува внимание – додава професорката.
Да се учи посебно правопис и правоговор
Правопис, правоговор, вежби за раскажување, вежби за усно изразување, овие нешта треба да се практикуваат на посебни часови, за да му се обрне поголемо внимание на јазикот, предлага професорката.
– Има професори што зборуваат на дијалект, а не користат стандарден македонски јазик. А дијалектни форми не се дозволени.Учениците често не го знаат значењето на зборот што го употребуваат. Го кажува зборот, а кога ќе го прашам што значи, не знае. Децата знаат само да дадат краток одговор на прашање, тие не знаат подолго да образложат нешто. Да, го даваат точниот одговор, но не знаат повеќе да кажат. Историја, на пример, е предмет каде што се бара повеќе зборување, а тие имаат проблем да се изразат. Јас постојано им давам писмени вежби. Ако сме физички присутни, може многу работи да се проверат низ примери, но вака онлајн, малку ни е потешко. Јазикот треба да се учи на посебни часови, како на Запад, а посебен дел да биде литературата. Во втора година воведоа говорење и пишување, но тоа е изборен предмет – додава професорката.
Нема слух за барањата на македонистите
Професори по македонски јазик на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ многупати бараа да се подели предметот Македонски јазик на учење граматика и посебно на учење литература, а не сѐ наеднаш, како што е сега.
Најактивен поборник на оваа идеја беше проф. д-р Људмил Спасов. Сепак, досега надлежните немаа слух за решавање на овој проблем и за третирање на прашањето за јазикот на едно посериозно ниво. Дали сега токму тоа ни се удира од глава?