Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска му беше домаќин на министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод, кој престојува во возвратна работна посета на нашата земја, но истовремено се наоѓа и на регионална турнеја низ земјите од Западен Балкан.

На средбата од страна на министерот Кофод беше најавена данската донацијата од еден милион вакцини за регионот на Западен Балкан, од кои 250 илјади за Македонија.

– Имајќи го предвид предизвикот на брзината на ширење на новиот бран на пандемијата, оваа донација на значителна количина вакцини е навистина навремена, во период кога во земјава тече сериозна кампања за масовна имунизација на населението што е секако многу важно за нас – истакна Османи.

Централна тема на средбата беше секако и европското досие на Македонија, како и на целиот регион на Западен Балкан.

Данска смета дек Македонија е подготвена да почне со преговори за членство во Европската Унија. Кофод изрази надеж дека подоцна годинава можно е да биде донесена таква одлука и сите 27 земји членки на ЕУ да застанат зад неа.

– Цврсто застануваме зад Северна Македонија и ги поддржуваме реформите што земјата ги презема изминатите години, но и претходно – рече Кофод.

Министерот Османи посочи дека цврстиот и принципиелен став на Данска за строг, но фер пристап во процесот на проширување, истовремено се принципи кои се втемелени и во новата методологија за процесот на преговарање и ваквиот фер пристап е она што и ние го посакуваме.

– Сметаме дека таквиот пристап е и во наш интерес, принципи кои и нас не ставаат во состојба на засилена европеизација на нашето општество. Сакам јасно да посочам дека Данска за нас е навистина сериозен партнер, искрен пријател и цврст поддржувач на нашите европски интеграции – нагласи Османи во контекст на европските перспективи на земјата.

Министрите разговараа и за актуелните глобални предизвици кои во моментов се во фокусот на политичкиот интерес и на двете земји, за непредвидливоста на состојбите во Авганистан кои преставуваат потенцијално жариште за нова хуманитарна криза. Како НАТО-земји, министрите се согласија дека најпрво треба да им се помогне на оние граѓани кои изминативе 20 години беа наши сојузници при нашата мисија во Авганистан, а чии животи и безбедноста на нивните семејства е загрозена.

Соговорниците ја искористија оваа средба и да разговараа за можностите од продлабочување на економските односи и меѓусебната поддршка во мултилатералните организации.


Европската перспектива на Македонија мора да се реализира според одлуката на Советот на ЕУ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Данска Јепе Кофод, во рамки на официјалната посета на земјата. На средбата се разговараше за актуелниот статус на нашето европско досие и можностите за надминување на препреките за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ. Беше истакната важноста од континуирано спроведување на реформскиот процес за европеизација на општеството, со фокус на областите од првиот кластер „Темели”.

Вицепремиерот Димитров нагласи дека досието на Македонија е одлучувачко за одржување на динамиката во процесот на проширување и кредибилитетот на ЕУ во регионот.

– Отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ е прашање кое тежи и на страната на Унијата бидејќи претставува тест за валидација на европската перспектива на регионот, а има одраз и врз цврстината на постулатите на Унијата како заедница на вредности. Придвижувањето на евроинтегративниот процес врз основа на објективно вреднување на копенхашките критериуми ќе внесе нова енергија и доверба за зајакнување на европската идеја за обединување, што е неопходно и во контекст на внатрешните процеси што се одвиваат во рамки на Унијата – рече Димитров.

Од Данска страна беше јасно изразено уверување дека европската перспектива на Македонија мора доследно да се реализира според одлуката на Советот на ЕУ, а со оглед на постигнатите резултати во спроведувањето на европската агенда и ја реафирмираше поддршката за официјално отпочнување на процесот со одржување на првата меѓувладина конференција. Кофод го потенцираше прогресот на земјава и честиташе за покажаното лидерство при решавањето на прашањата важни и за регионот, но и за Европа.

Димитров и Кофод разговараа и за модалитетите за зајакнување на билатералната соработка во контекст на поддршка во процесот на приближување кон европските вредности и стандарди во клучните области како што е владеењето на правото, со конкретни проекти и експертска помош.


Македонија продолжува да работи на домашната реформска агенда

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Јепе Кофод, министер за надворешни работи на Данска, кој престојува во посета на Македонија.

Соговорниците на средбата констатираа дека двете држави во континуитет градат пријателски, сојузнички и партнерски односи. Во таа насока, претседателот Пендаровски изрази интерес за интензивирање на политичкиот дијалог на високо ниво. Пендаровски и министерот Кофод ја истакнаа и потребата за подобрување на економската соработка и трговската размена.

На средбата се разговараше за процесот на проширување на Европската Унија, при што претседателот Пендаровски изрази благодарност за принципиелната поддршка на Данска за евроинтегративниот процес на Македонија. Претседателот Пендаровски истакна дека нашата држава ќе продолжи да работи на домашната реформска агенда, со фокус на владеење на правото, јакнење на ефикасноста и непристрасноста на судството и борбата против корупцијата.

Соговорниците разговараа и за безбедносната состојба во Авганистан, како и за одлуката на Македонија да прифати авганистански цивили.

На средбата претседателот Пендаровски му се заблагодари на министерот за донираните вакцини за заштита од ковид-19.