Екологистите предупредуваат дека пожарите и дивата сеча „работат“ во полза на коронавирусот. Намалувањето на зеленилото дополнително ќе ги зголеми концентрациите на штетни честички во воздухот, особено во есенскиот и зимскиот период, а сето тоа ќе влијае врз појавата на повеќе респираторни и кардиоваскуларни заболувања кај луѓето
Коронавирусот добива моќен сојузник – десеткратно зголемен бројот на шумските пожари
Уништувањето на шумите и зелените површини во Македонија продолжува со несмален интензитет, а токму тоа дополнително влијае врз зголеменото загадување на воздухот, но и на појавата на поројни води и свлечишта во услови на интензивни врнежи какви што имаше изминатите денови во неколку региони на земјата.
Она што особено загрижува е што намалувањето на зеленилото дополнително ќе ги зголеми концентрациите на штетни честички во воздухот, особено во есенскиот и зимскиот период, а сето тоа ќе влијае врз појавата на повеќе респираторни и кардиоваскуларни заболувања кај луѓето. Кога на тоа ќе се додаде евентуален нов бран на епидемијата на ковид-19 од есен, тогаш ситуацијата е повеќе од загрижувачка, бидејќи ослабениот организам ќе биде лесна цел на коронавирусот.
Податоците што ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека од шумски пожари минатата година биле зафатени 10.661 хектар, што е речиси десет пати повеќе од опожарените површини пред една деценија, а пошумени биле само 965 хектари.
Според анализата на ДЗС, намален е и бројот на вработени во секторот шумарство, што упатува на заклучокот дека наместо да се засили ангажманот на државата во насока на спас на шумите, се намалуваат човечките капацитети.
Сето ова го наметнува прашањето дали како држава остануваме без шуми, дрвја и зеленило, како бели дробови кои ќе генерираат чист воздух, и дали данокот за ваквата негрижа ќе се плаќа во човечки животи.
Шумските пожари и непланската сеча генерираат и друг проблем, како што е појавата на поплави и свлечишта, кои изминатите години стануваат сè поинтензивни, а се јавуваат по секој поинтензивен дожд.
Токму уништувањето на шумите на Скопска Црна Гора се посочува како еден од факторите што придонесоа за интензитетот на поплавите што на 6 август 2016 година го погодија реонот на скопско Стајковци и околината, при што 22 лица загинаа.
– Пожарите и пустошењето на шумите се сериозен проблем со кој се соочуваме. Има неколку причини што доведуваат до опожарување на шумите, било да станува збор за потпалување, за да се дојде до повеќе пасишта, или, пак, се палат шумите за да се продава огревно дрво, кое од опожарените подрачја е поевтино, а има палење и од пиромански побуди – вели Марина Малиш Саздовска, професорка од Факултетот за безбедност во Скопје.
Според неа, ваквите активности ќе придонесат за зголемување на загадувањето на воздухот и појавата на свлечишта.
– Голема улога за ваквите појави има и казнената политика. Во земјава е блага казнената политика. Имаме или условни казни, или благи казни, што влијае извршителите да го повторат делото, а од друга страна тоа не влијае превентивно, бидејќи и другите гледаат како сторителите лесно поминуваат и не се исклучува можноста и тие да сторат такво дело – нагласува Саздовска.
Таа додава дека постои ниска свест и кај граѓаните, кои не го пријавуваат еколошкиот криминал кога ќе го забележат.
– Има планинари, рекреативци што шетаат во шума и забележуваат кога се одвива некакво пустошење или уништување на шумата, но ретко го пријавуваат тоа. Реакција има дури откако поединецот директно ќе ги почувствува последиците врз своето здравје. Во зима, кога сите се задушуваме во загаден воздух, тогаш реагираме барајќи да се спречи уништувањето на шумите – појаснува Саздовска.
Според неа, државата треба да преземе сериозни мерки за да ги спречи појавите на пожари и пустошење на шумите.
– Треба да се формира еколошка полиција што ќе дејствува во рамките на МВР, но истовремено да се разбие корупцискиот систем што овозможува да се одвива дивата сеча. Не може камион натоварен со дрва да помине неколку населени места и да не биде забележан од полицијата. Потребно е и зголемување на бројот на инспектори задолжени за екологија во секоја локална единица – прецизира Саздовска.
За климатологот Пеце Ристевски шумските пожари имаат влијание повеќе на глобално ниво, а дивата сеча може да предизвика негативни појави и на помал простор.
– Ако едно место е пошумено, тоа секако со лисјата и гранките ќе предизвика амортизирање на водениот ударен бран при поројните дождови – вели Ристевски.
Тој додава дека пошумувањето внатре во градовите е полезно за микроклимата на тие простори, а при изработката на деталните планови треба да се вклучат експерти што ќе се погрижат да има повеќе зелени простори што позитивно ќе се одрази врз квалитетот на воздухот.