Договорот постигнат со Грција е историски, така е препознаен и признат од севкупната меѓународната заедница и дава пример не само за регионот, туку и за Европа во целина. На 30 септември ќе имате уникатна можност да ја обликувате иднината на оваа земја. Пораката која ја испраќаме е дека ние цврсто ги охрабруваме сите да си донесат свое мислење за содржината на Договорот. Важно е да се извршува тоа демократско право и да се даде гласот. Тоа е можност која се добива еднаш во животот да се одлучи за ова многу важно прашање.
Ова попладнево на прес-конференција во ЕУ Инфо центарот го истакна директорот на Директоратот за проширување и соседска политика на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, кој рече дека референдумот ќе биде од суштествена важност за идните чекори кога станува збор за евроатлантските интеграции. На прес-конференцијата присуствуваше и евроамбасадорот Самуел Жбогар.
Патот кон напред за оваа земја, посочи, е јасен, води кон членство во ЕУ.
– Комисијата е цврсто посветена да ја придружува оваа земја во реформските зафати и перспективата за ЕУ. Во текот на посетата во јули комесарот Хан го покрена процесот на скрининг со кој ќе се запознаат и министрите на ЕУ и Комисијата ќе може да евалуира подготвено за имплементација на европското законодавство, почнувајќи од круцијалното поле на владеење на правото, рече Даниелсон.
Но, нагласи, тоа е она на кое ќе се фокусираме во претстојните недели и месеци и ќе биде процес кој паралелно ќе се одвива со реформската агенда за која денеска разговаравме, важните полиња, како што се борбата против корупцијата, меѓународниот криминал, подобрување на состојбата во судството, осврт на работите во јавната администрација.
Тој истакна дека се сретнал со премиерот Зоран Заев, со претставниците во Владата и лидерите на главните политички партии, а ќе има состанок и со претставниците на граѓанското општество. Додаде дека вакви состаноци ќе има и натаму и ќе имаат позасилени контакти.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали на средбата со главната опозициска партија му го кажале нивниот став во врска со тоа дали ќе излезат на референдумот и ако не излезат кое е неговото мислење за нивното тактизирање за изјаснувањето за референдумот, Даниелсон рече „референдумот е од суштинска важност и прашањето кое е загатнато е од суштествена важност за идната евроатлантска патека за оваа земја“.
– Меѓународната заедница со добродојде го дочека резултатот од дискусиите меѓу Грција и оваа земја по тоа прашање. Тоа што е на масата сега во врска со тоа ако се усвои во целина ќе го отвори почетокот на преговорите за пристапување за оваа земја. Тоа е реалноста и другите услови кои треба да се исполнат. Важно е за граѓаните да ја искористат можноста која ја дава овој референдум за да го дадат својот глас, да бидат дел од одлучувањето за ова важно прашање, рече Даниелсон.
Појасни дека со опозицијата имале дискусии околу реформите, околу прашањето за името.
– Тие се уште размислуваат за тоа каков ќе биде нивниот став во врска со референдумот на 30 септември, додаде Даниелсон.
Во врска со клучните реформи кои треба да ги спроведе Владата по трите прашања кои ЕУ и ги постави во јуни и дали има проценка до каде е нивното спроведување посочи дека има цврста решителност од страна на Владата, која го препознава тоа што се бара и работи на покривање на тие прашања.
– Она што го разговаравме денеска е како ние може да дадеме поддршка на тие напори. Кога станува збор за судството мора да има континуирани чекори во борбата против корупцијата, имаме прашање на реформи на разузнавачките служби, а ги спомнав и реформите во избирачкото право…додаде Даниелсон.