На социјалните мрежи врие од коментари и контрааргументи на Одлуката на Владата во врска со враќањето на работа на родители на деца до шест и до десетгодишна возраст, како и на оние на кои не им е продолжено породилното отсуство. Многу од нив сметаат дека ваквите одлуки не се доволно претресени, а можните негативни последици за една поголема група граѓани не се предвидени. Во наплив на едно песимистичко сценарио, генерирано од притисокот што го создава корона-кризата кај граѓаните, се споменува и тоа дека родителите ќе бидат принудени да дадат отказ на работа за да ги чуваат своите деца?!
Откако Владата завчера одлучи сите (освен некои од хронично болните) да се вратат на работа
Разочараност и несигурност, дури и изливи на револт се јавија кај родителите, кои од 23 септември годинава ќе треба да се вратат на работа, а сѐ уште немаат решение каде да ги згрижат своите деца, откако завчера Владата одлучи сите да се вратат на работа освен некои од хронично болните.
Одлуката на Владата дигна шум во јавноста
Според последната одлука на Владата, донесена завчера, со работа наредната среда ќе почнат и родителите на деца до шестгодишна возраст, со образложение на Владата дека сега градинките се отворени и има каде да им бидат згрижени децата. Нема повеќе мерки и за родителите на деца до десетгодишна возраст, кои ќе мора да работат, без разлика дали детето ќе следи онлајн настава или со физичко присуство во училиште.
Сепак, бремените жени ќе продолжат да ги користат мерките и тие се ослободуваат од одење на работа. На работа ќе се вратат оние чие породилно отсуство беше продолжено поради мерките за заштита од вирусот.
Единствена отстапка има кај хронично болните, кои ќе може да продолжат на боледување на неопределено време доколку имаат влошување на состојбата или малигна болест со наод и мислење од специјалист.
Има ли здравствена оправданост во оваа владина одлука или, пак се должи на економскиот притисок што корона-кризата го прави на стопанството, економијата и, секако, на одговорноста на државата токму во овие области?
Родителите стравуваат и за своите работни места, но и за здравјето на децата.
На социјалните мрежи врие од коментари на родители на деца до шест и до десетгодишна возраст, како и на оние што не им е продолжено породилното отсуство. Во наплив на едно песимистичко сценарио генерирано од притисокот што го создава корона-кризата кај граѓаните, се споменува и тоа дека родителите ќе бидат принудени да дадат отказ на работа за да ги чуваат своите деца?!
Одлуката од здравствен аспект неоправдана, но од економски оправдана?
Микробиологот Никола Пановски вели дека за ваквата одлука на Владата е невозможно да се земе правилен став, зашто одлуката од здравствен аспект е можеби неоправдана, но од економски можеби е оправдана.
– Тешко е да се најде средина во оваа одлука. Состојбата со вирусот, секако, ќе остане непроменета до крајот на годината, од здравствен аспект ќе биде потребно многу чување и следење на протоколите, но прашањето е како компаниите би го издржале финансиски тоа. Оваа одлука е донесена повеќе од економски, отколку од здравствен аспект – посочува Пановски.
И самохраните мајки погодени од одлуката
И здружението на самохрани мајки „Една може“ бара да има опција за училишно згрижување на децата со следење на сите препораки за заштита (онака како што ќе следат настава тие два часа, да бидат згрижени во дневен престој во училиштата до 16 часот).
Оттаму посочуваат дека со оглед на тоа дека од октомври учебната година физички ќе се одвива само од 8.30 до 10.30 часот, се наметнуваат повеќе прашања, меѓу кои и каква е замислата децата од 23 септември до 1 октомври да седат сами дома.
Прашањата се редат во низа, вклучувајќи ја и дилемата како се замислува да се одвива работен ден на самохран родител, кој треба да ги однесе децата на училиште во 8.30 ч. и да ги земе во 10.30 ч., па да ги однесе дома да седат сами до 16 часот. Понатаму следува прашањето каква е замислата кога треба да се вратат на работа самохраните родители на кои не им ги примија во градинка децата на возраст до пет години. Како се замислува начинот на образовање на едно четвртоодделенче што ќе седи само дома и ќе следи хибридна настава, ќе управува со компјутер, скенер, печатач, имање и немање интернет и собирање и печатење на несоодветно формираната документација? Ова беа низата прашања и непознаници на здружението на самохрани мајки „Една може“.
Протест на мајките на породилно
Мајките што се на породилно отсуство в четврток ќе протестираат пред Владата, која на седница вчера одлучи да ги врати на работните места родителите чии деца се до шестгодишна возраст. Протестот ќе се одржи пред Владата в четврток, од 17.30 до 19 часот, ќе бидат запазени сите мерки на заштита од коронавирусот, а пријавен ќе биде во полициската станица „Беко“.
Барањата на мајките се породилното да се продолжи до крајот на годинава, како што беше најавено првично, од повеќе причини. Предлогот на Комисијата за заразни болести породилното отсуство да трае до крајот на годинава не беше прифатен на владината седница.Според најавите, на протестот ќе се вклучат и родителите што користеа мерки за деца до 10 години, кои се надевале на продолжување на мерката да останат дома, заради скратеното време на децата во училиште и помошта за оние што ќе следат настава онлајн.