Одложувањето на пописот предизвика низа бурни реакции. Можеби со право, бидејќи во секоја функционална држава токму оваа статистичка операција е една од најважните референтни точки за креирање на институционалните развојни политики. Немањето попис и лицитирањето со шпекулативни бројки и проценти за бројот на жителите, домаќинствата, добрата, а пред сѐ за процентите на етничките ентитети, доведоа до ситуација да има нефункционални, па и дефектни системски промени, кои длабоко навлегуваат во карактерот на државата. Уставот и законите се менуваа, дополнуваа и се носеа реферирајќи се на таквите шпекулативни податоци, во отсуство на егзактни показатели од попис. Спиралата на така генерираната нефункционалност доведува до несериозни системски решенија и неспроведливи закони и подзаконски акти, кои предизвикуваат дури и потсмев во меѓународната заедница. Кој си игра така со државата?
Најавите за одложувањето на пописот, првично предвиден за април идната година, термин што потоа се совпадна со договорениот датум меѓу политичките субјекти за одржување предвремени избори, предизвика низа реакции во јавноста. Повторно се покажа дека политичките пазарења и интереси се поважни за партиите отколку една сеопфатна статистичка операција како што е пописот, од која потоа зависат креирањето на институционални политики и планирањето на иднината на државата во многу други области.
Во секоја функционална држава со здрава демократија пописот е најважна алатка за креирање на политиките, додека само во Македонија тој постојано е жртва на политички интереси, а сето тоа на штета на граѓаните и државата. Македонија, несомнено, е единствена држава во светот во која речиси две децении нема спроведено попис.
Во вакви услови, без попис, многу системски зафати, а пред сѐ Уставот и законите сѐ уште се менуваат, дополнуваат и носат како во магла, реферирајќи се и потпирајќи се на шпекулативни информации за бројот на жителите и процентите на етничките ентитети. Притоа нефункционалноста на системот, и поради немањето попис, доведува до несериозни системски решенија и неспроведливи закони и подзаконски акти, кои предизвикуваат потсмев во меѓународната заедница и институциите (на пр., за јазикот). Пописот како една нестатистичка категорија фрла ново светло за перспективите на земјава, не само политички, економски и сл., туку и од формалноправен „ревизионистички“ карактер, за концептот на државата. Барем така тврдат соговорниците, кои, засега, се претставуваат како тврди легалисти.
Според професорот Љубомир Цуцуловски, многу е јасно зошто не се спроведува пописот, бидејќи тогаш ќе се утврди тој фамозен процент од 20 отсто и дали има 20 отсто од албанското население во Република Македонија.
– Притоа, имате и други парадокси. Ќе се попишува јазикот на кој говорите, а немало да се попишува националноста. Па, јазикот е национален. Како може да постои јазик, а да не постои нација. Господинот директор на Државниот завод за статистка рече дека националната припадност нема никаква употребна вредност. Прво нациите не се стока во економска смисла на зборот, па да имаат употребна вредност, стоката има употребна вредност. Но, пак нагласувам, како е можно да имате јазик а да немате нација или народ што го говори тој јазик. Постојат низа небулози и, сфаќајќи дека тешко ќе се дојде до 20 проценти, ќе излезе помеѓу другото и т.н. тиранска платформа со која беше предвидено воведување двојазичност и во која веќе не се споменуваат проценти од одредено население туку точно децидно се спомнува албанската заедница или народ. Веќе и сами сфаќаат дека не можат да дојдат до тој процент – смета Цуцуловски.
Тој се осврнува и на споменувањето на терминот „стекнато право“, нагласувајќи дека би го довел во прашање и самиот поим „стекнато право“.
– Што значи тоа стекнато право. Прво, многу е битно на кој начин е стекнато некое стекнато право, т.е. на кој начин е добиено тоа стекнато право. Второ, многу стекнати права се покажале како неправа и затоа биле напуштени. Едно од тие стекнати права за кои веќе никој не знае е првата ноќ на невестата да помине со свекорот. Така, што значи воопшто тоа стекнато право. Мора да се види квалитетот, суштината, содржината на тоа право. Бидејќи некое право може да биде и неправо – вели Цуцуловски.
Според аналитичарот Ацо Станковски, ние се соочуваме со тој проблем веќе неколку децении, а тоа е всушност лицитирање со бројките на албанското малцинство или етничка заедница.
– Сега нивниот порив за проширување на териториите и за создавање некоја поголема држава голема Албанија, како ли ја викаат, иако тоа е голем сомнебулен проект, како што напиша во една пригода професорот Цуцуловски, ќе се распадне во моментот кога ќе биде искреирана. Сакаат да се претстават во што е можно поголем број. Веројатно имаат некои други амбиции што се познати, а се всушност затскриени, нели всушност не се затскриени. Тоа ќе биде една политичка борба што ќе се одвива, ако тоа е една фиксација на една колективна свест, тогаш тие ќе одат во тој правец и ќе бидат релативно успешни сѐ додека имаат моќен спонзор како што се „штатите“. Затоа без тој моќен спонзор, тие се, што би рекол еден мој пријател, „геостратегиски мармалад“. Би биле многу лесен плен за другите балкански ентузијасти. Пред сѐ мислам на Србите, кои веќе имаат еден реваншистички однос од историски причини и затоа тој проблем со Косово е нерешлив. Во таа смисла тие сакаат да бидат побројни – смета Станковски.
Тој како пример посочува и една ситуација каде што според бројот на мобилната телефонија, бројот на партиципиентите на тие што имаат мобилни телефони на Косово, луѓе што се на Косово моментално се околу 480.000. Значи, постои огромна иселеност од страна на Косово, затоа што на времето се лицитираше со два милиона. Според некои податоци, тие реално биле милион и 200.000 луѓе, нормално од 200 до 250 илјади Срби се отселени по војната во 1999 година. Сега исто така и Албанија. Во Албанија официјално има три и пол милиони, меѓутоа се проценува дека нема повеќе од милион и пол луѓе во Албанија. Исто така, на последните избори со сите полнења на кутиите што беа, зборувам сега за Албанија на локалните избори, излегоа 26 проценти, од кои 6 проценти може да ставите на полнење на кутиите, тоа е 20 проценти. Колку да е непопуларен Рама, 20 проценти е премногу мал број. За тоа се поднесува оставка, паѓа влада.
Тука постои таа желба да се надуе еден феномен што е можно повеќе, па како таков да има респект. Но сега, со најновата промена на тој однос на Брисел кон нас, се случи еден обрт на таа теза, така што сега нивниот голем број е проблем. Во суштина, Европа во својот менталитет, како што го гледаме со сите крвави војни, верски војни, колонијализам, всушност е длабоко расистичка и цинична. Муслиманите не ги перципира како дел од нивната култура на длабоката држава христијанска Европа да се уништи со огромен наплив на мигранти. Така што и таму се води војна. Ако не е Макрон, ќе биде Лепен, што е уште поригидна позиција во однос на нашите пристапи. Така што, да ви кажам, тоа е како „лапнала Мара црн џигер, ѝ се згадило, па го плукнала“ – оценува Станковски.
Она што остава отворен простор и можност за некаков вид политички калкулации и евентуално штелување на бројките е токму немањето точни податоци за вкупниот број на населението во Македонија, етничката структура, што, секако, на одреден начин однапред ја загрозува и веродостојноста на изборниот процес. Сето тоа, пак, може да биде погодно тло и потенцијал за нови политички кризи, кои на Македонија воопшто не ѝ се потребни. Н.М.