Фото: Маја Јаневска-Илиева

Истражувајќи ги причините за високата смртност од ковид-19 во нашата земја,
нашиот весник дојде до интересни сознанија со кои се детектираат пет клучни
фактори што придонесуваат да бидеме толку ранливи во однос на последиците
од пандемијата. Кои се тие пет фактори?

АНАЛИЗА: КОРЕЛАЦИЈА НА ВИСОКАТА СМРТНОСТ ОД КОВИД-19 И НАВИКИТЕ ЗА ЖИВОТ

Македонија е на врвот од Европа по смртност од ковид-19. Ова го покажуваат најновите статистички податоци. Кои се причините поради кои овде најмногу се умира од коронавирусот, иако расте бројот на вакцинирани? Дали големата смртност е поврзана и е во некаква корелација и со тоа колку една нација практикува здрави навики на живот, колку луѓето сами вложуваат во своето здравје, преку исхрана, спортски активности, редовни здравствени контроли итн.? Кои се клучните аспекти што влијаат на здравјето на нацијата и имунитетот од една страна и од друга страна на исходот од евентуална зараза со ковид-19. Или со еден збор, дали Македонија има здрава нација.
Овие прашања ја мачат јавноста, но и здравствените експерти, особено што ако се земе статистиката на починати лица од почетокот на месецот ќе се види дека тој број не паднал под 20 лица дневно.
Само во текот на завчерашниот ден, пријавени се 23 починати лица. На 11 септември, пријавени се 22 починати лица, на 10 септември имало 30 починати лица итн.
Истражувајќи за оваа тема, „Нова Македонија“ во разговор со здравствените експерти утврди пет главни причини зошто ваквата состојба е загрижувачка и зошто во Македонија има голема смртност од ковид-19.

Исхраната – извор на болест или лек

Здравата исхрана е еден од клучните аспекти на организмот што влијае на јакнење на имунитетот што, пак, е најважно за тој да се избори со одредена болест. Но многу малку луѓе во Македонија обрнуваат внимание на здравиот начин на исхрана. Докторите постојано потенцираат дека храната е основата за здравјето, а во тој контекст институциите многупати поведувале и кампањи за здрава исхрана. Но генералната оцена е дека луѓето во Македонија не се хранат здраво. Динамичниот и стресен живот делумно влијае и исхраната, посебно фактот што во голем дел сме зависници од брза и нездрава храна.
Здравата исхрана секако дека е тесно поврзана со еколошките услови и средината на живеење што, според експертите, многу зависи од свеста на граѓаните. Во Македонија секако дека постојат услови за производство на еколошки здрава храна, која на пазарите е скапа и ретко кој може да си ја дозволи. Еден килограм органски зеленчук, наспроти обичниот зеленчук или овошје, е три до четири пати поскап. Токму и тоа е една од причините што многу често граѓаните одбираат евтини прехранбени производи, често и непроверени и со сомнителен квалитет.

Спортските активности фрлени во втор план

Експертите предупредуваат дека во услови на рапиден раст на хроничните болести мора да се води поголема сметка за сопственото здравје, посебно на навиките кај децата и младите. Според одредени податоци, дури 40 отсто од децата се со зголемена тежина. Тука се укажува на фактот колку децата во училиште имаат редовни спортски активности и колку часовите по физичко образование имаат ефект на едукација за здравјето кај најмалите.
Оние, пак, што држат до себе и својот изглед и кои наоѓаат време за физички активности најчесто се среќаваат на популарниот кеј на Вардар или на Водно каде што бегаат од загаденоста.
Според препораките на докторите, физичката активност е потребна, најмалку од три до четири пати неделно, но задолжително со совети од стручни лица.
Стресните работни денови, со преголеми обврски се многу ризичен фактор за здравјето на човекот, кои честопати влијаат и психолошки врз организмот, а со тоа го ослабуваат имунитетот.
Лекарите велат дека на таквите работни навики треба да им се одговори со доза спортска активност, која ќе го растовари умот на човекот, а ќе му даде позитивна енергија и ќе го зајакне имунитетот. Спортската активност не мора да значи јака физичка напрегнатост, туку едноставно раздвижување на телото со пешачење, трчање, возење велосипед итн.

На лекар само кога нешто ќе нѐ заболи

Има една народна поговорка што вели дека е подобро да се спречи отколку да се лечи. Тоа е и максимата на потребата од редовни здравствени прегледи. На лекар не се оди само кога некому не му е добро, туку редовно за да може лекарот да ја следи состојбата на пациентот, да ги види и следи промените во организмот. Во нашата земја луѓето многу ретко одат самоиницијативно на таков тип контролни прегледи, што, пак, резултира со прогресија на болести. Најчесто болеста се открива во подоцнежна фаза, што ја прави тешка за лекување.
Рутинскиот преглед е добар начин да се проверат крвната слика (холестерол, шеќер во крвта), крвниот притисок, отчукувањата на срцето. Ова е можност да споделите со вашиот лекар ако нешто ве вознемирува во врска со вашето физичко или ментално здравје.

Недостиг од медицински кадар и опрема

Македонија е една од државите во Европа што веќе со години има сериозен проблем со лекарскиот капацитет. Тоа е една суштинска компонента за успешен здравствен систем што треба да ја намали смртноста и да ја зголеми ефикасноста во лекувањето. Постојат повеќе причини поради кои јавното државно здравство има недостиг од кадри. Еден дел доктори заминаа во странство, а друг дел во приватни клиники.
Иако постојано се ветува подобрување на условите за работа во јавното здравје, сепак анализите и понатаму покажуваат недостиг од квалитетен здравствен кадар. Според статистиката, над 90 отсто од починатите се во болнички услови. Дали станува збор за доцни хоспитализации или, пак, има проблеми во протоколите за лекување? Со растот на хоспитализации, расте и бројот на смртни случаи.

Први по загадување, први по смртност

Петтиот важен аспект што влијае на смртноста воопшто е загадувањето на воздухот. Македонија е една од државите со висок процент на денови во годината во кои воздухот е загаден и по сто пати повеќе од дозволеното.
Иако честопати на оваа тема се кршат и политичките копја, сепак ретки се иницијативите што ефикасно можат да влијаат на намалување на загаденоста.
Според извештаите на Европската агенција за животна средина за квалитетот на воздухот во Европа, електричните централи и домаќинствата што согоруваат јаглен и биомаси се одговорни за стотици илјади смртни случаи низ цела Европа.
Според извештајот, загадувањето на воздухот ги влошува или директно ги предизвикува респираторните проблеми, кардиоваскуларните болести, малигните заболувања и го скратува животниот век на луѓето.