Фото: Игор Бансколиев

За првпат во повеќе од една година во светот и кај нас постоеше трошка надеж или барем претпазлив оптимизам дека пандемијата може да заврши. Но експертите сè уште се грижат дека сѐ може да смени поради нови мутации на вирусот, па дури и новите бранови да бидат посилни. Делта-сојот, кој потекнува од Индија, веќе стана доминантен во дел од европските држави, а регистриран е и во Македонија

Што треба да знаеме за новиот сој

Ударот на делта-сојот и контраударот на државите од светот

Според СЗО, варијантата коронавирус делта првпат е идентификувана во Индија, брзо се шири низ целиот свет и е најзаразната од досегашните идентификувани соеви на ковид-19. Вирусот делта е една од четирите „варијанти на загриженост“ идентификувани од Светската здравствена организација. Веќе се прошири во повеќе од 80 земји и СЗО предвидува дека ќе стане доминантен вид на ковид-19 во светот. Во Велика Британија се откриени десетици илјади случаи, што е досега најголем број на пријавени случаи на делта во една земја, според глобалната научна иницијатива ГИСАИД.
Истражувањето на јавното здравство во Англија (ПХЕ) откри дека варијантата делта е поврзана со зголемена шанса за 64 отсто пренос во домаќинствата во споредба со алфа-варијантата, идентификувана за првпат во Велика Британија, и поверојатно е да предизвика хоспитализација.
Сè уште има малку достапни податоци за тоа дали варијантата делта предизвикува повеќе смртни случаи.
Поради ширењето на коронавирусот, грчките власти неделава вратија дел од рестриктивните мерки за рестораните, ноќните клубови и кафулињата, односно новите правила се однесуваат за забрана за служење гости што стојат.
Новата мутација на коронавирусот стана доминантна и во Германија и во Белгија, чиј удел првпат презеде доминација со 59 отсто.
На граѓаните на Франција им е препорачано да избегнуваат летни одмори во Шпанија и во Португалија поради ризикот од ширење на делта-сојот на ковид-19.
Шпанскиот министер за здравство предупреди дека младите може да развијат тешки облици на коронавирусот и побара соработка за спречување на стапката на инфекција, која е двојно зголемена кај младата невакцинирана популација.
Австралискиот град Сиднеј пред два дена регистрира највисок број нови случаи на ковид-19 во последните неколку месеци, иако е во состојба на строг карантин веќе две недели. Регионалната влада соопштила дека бројот на заразени со делта-сојот пораснал на над 370. Во Сиднеј, со пет милиони жители, има наредба за карантин до 17 јули.
Израел, земјата што од почетокот на пандемијата е светски лидер во вакцинирање, моментално бележи неочекуван раст на бројот на нови случаи на ковид-19. Израел постепено кратеше една по една од мерките за борба против ковид-19, за минатиот месец да ги укине и последните ограничувања воведени поради пандемијата. Сега, под притисок од новиот број заразени, главно од делта-варијантата, Израел воведе нови рестрикции за првпат од јануари, како задолжително носење маски во затворени простори и во јавниот превоз, а центрите за тестирање одново се отворени. Наскоро се очекува враќање и на уште некои од основните мерки за претпазливост од вирусот.


„Најбрза и најсилна“ варијанта на вирусот

Најважните работи што треба да ги знаете за делта-варијантата на ковид-19 се фактот и оцената на Светската здравствена организација дека оваа варијанта на вирусот е „најбрза и најсилна“.
Докторите велат дека симптомите се малку поинакви од досегашните варијанти на ковид-19. Кашлањето и губењето мирис се чини дека се поретки, но има главоболки, болки во грлото, течење на носот и треска.
Според светските истражувања, делта-сојот се шири 50 проценти побрзо од алфа, што беше за 50 отсто позаразно од оригиналната варијанта на вирусот, што значи дека новата варијанта е 75 отсто позаразна од оригиналната. Во целосно опкружување, во кое никој не е вакциниран и не носи маска, се проценува дека просечно лице заразено со оригиналната варијанта ќе зарази уште 2,5 лица, но во истата околина делтата ќе се прошири од една личност на можеби 3,5 или 4 лица.
– Невакцинираните се изложени на најголем ризик. Децата и младите исто така се причина за загриженост. Неодамнешна студија од Обединетото Кралство покажа дека децата и возрасните на возраст под 50 години имаат два и пол пати поголема веројатност да се заразат со варијантата делта. Додека постарите возрасни групи се вакцинираат, оние помладите и невакцинираните ќе бидат изложени на поголем ризик од заразување со болеста од која било варијанта на ковид-19. Но се чини дека делтата влијае на помладите возрасни групи повеќе од претходните варијанти – посочуваат експертите.
Според нив, на пример, слабо вакциниран град опкружен со високовакцинирани области може да доживее вирусот да остане во неговите граници, а резултатот може да биде „хиперлокални жаришта“. Ако премногу луѓе се заразат во една област одеднаш, локалниот здравствен систем ќе биде преоптоварен и ќе умрат повеќе луѓе.


Во Македонија се размислува за нови мерки

Од делта-сојот во Македонија досега се заразени десетмина, откако беше потврдено дека оваа мутација е откриена кај четворицата сомнителни.
Ниту еден од потврдените позитивни со делта-сојот не бил вакциниран и сите патувале во странство.
Засега нема најави за можни нови рестрикции, иако министерот за здравство Венко Филипче не ја исклучува и оваа опција.
– До крајот на неделава со членовите на Комисијата за заразни болести ќе се дискутира дали сегашната состојба со ковид-19 и појавата на новиот делта-сој на вирусот бара воведување некакви рестриктивни мерки. Една од опциите е да бидат воведени ПЦР-тестови на границите, кои ќе важат и за државјаните на Македонија што ќе одат на летување и на враќање ќе мора да приложат некои од потребните документи – посочи Филипче.
Филипче наведе дека постојат предвидувања оти пандемијата може да трае до 2024 година.
– Во иднина ние не знаеме дали ќе има нова и нова мутација на вирусот што ќе предизвика нови бранови, што значи дека оваа пандемија може да трае и повеќе години. Некои предвидувања се дека пандемијата ќе трае до 2024 година, дека ќе премине во ендемска форма, но тоа не значи дека треба да живееме затворени. Ова значи дека што поголем број граѓани треба и мора да се вакцинираат. Така ќе се заштитат себеси, така, и да е присутен вирусот и да дојде некоја нова мутација, веројатно, ако се заразат, ќе имаат лесна форма на болеста, веројатно форма на некаква настинка – изјави Филипче.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека делта-варијантата не ја одминува ниту нашава земја, но засега остануваме безбедна земја. Тој потенцира дека есенскиот бран ќе зависи од неколку фактори, како и дека е потребно децата да се вратат во училниците.
– Очигледно е дека веќе летово ќе почне полека да расте бројот на случаите, но ако успешно се неутрализираат жариштата, идентификација и изолација на сите нивни контакти, нема да има нивно разгорување – вели професорот.
Што се однесува, пак, до евентуален есенски бран, Даниловски вели дека интензитетот на тоа што се предвидува за од септември натаму, зависи од неколку работи.
– Секому му е јасно дека штом сме дел од еден затворен систем на врзани садови, неизбежно е и кај нас да се прелее новиот сој. Формата на есенскиот бран зависи од успешноста на запирање на влезот на инфицирани поединци од странство преку барање негативен ПЦР-тест за секој патник, локализирање на настанатите жаришта на локално ниво и достигнатиот праг на колективен имунитет до настапувањето на есента – објаснува епидемиологот.


Вакцинацијата е светлото во темниот делта-тунел

Не е познато дали варијантата делта може да предизвика поголем имунолошки пробив, односно да зарази луѓе што биле вакцинирани или имаат природен имунитет од претходна инфекција со коронавирусот, што е реткост досега. Анализата на англиската агенција за јавно здравје покажа дека најмалку две вакцини биле ефикасни против варијантата делта.
Вакцината „Фајзер“ е ефикасна 88 проценти против симптоматско заболување и 96 проценти против хоспитализација од делта-варијантата, додека вакцината „Астра Зенека“ е 60 проценти ефективна против симптоматско заболување и 93 проценти против хоспитализација. Студиите ги следеле испитаниците што ги примиле двете дози на вакцината, со што нивниот ризик е значително помал од оној на лице што не е вакцинирано. Податоците за ефикасноста на другите вакцини против делта-варијантата сè уште не се достапни, но некои експерти веруваат дека „Модерна“ може да дејствува слично како „Фајзер“.