Бугарската инаетливост и тврдоглавост, газењето на принципите на меѓународното право и апсурдноста на нивните барања кон Македонија изминатиот период наидоа на силна осуда од страна на претставници на меѓународната заедница. Пораките се дека со бугарското вето кон Македонија се уриваат и столбовите на кои се потпира Унијата. Во светлината на ваквите одгласи, по инсистирање на германското претседателство, денеска на Советот на Европската Унија повторно е ставена точката за одблокирање на проширувањето и за почеток на преговори со Македонија. Според аналитичарите, Германија не ги користи попусто своите дипломатски адути, па од тие причини повторното ставање на точката за проширување на дневен ред влева доза оптимизам за Македонија
ДЕНЕСКА НОВ ОБИД ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ НА БЛОКАДАТА НА СОФИЈА И НОВА НАДЕЖ ЗА МАКЕДОНИЈА
Советот на Европската Унија денеска ќе одржи нов амбасадорски состанок на кој, по инсистирање на германското претседателство, повторно на дневен ред се ставени заклучоците за проширувањето, кои беа отстранети минатата недела поради блокадата на Бугарија за преговорите со Македонија.
Но она што сега се наметнува како дилема е дали двете страни во меѓувреме постигнале некаков напредок во меѓусебната комуникација, или, пак, Германија прави последен обид пред крајот на нејзиното претседателство со Унијата да го одблокира процесот на проширување и да ја врати довербата во ЕУ.
– Пристапниот процес не смее да се одложува во недоглед затоа што една единствена ЕУ-членка од него прави заложник на сопствените билатерални барања – напиша неодамна германскиот министер за Европа, Михаел Рот, во авторски текст за германскиот весник „Велт“.
Ваквиот став може да се протолкува како еден вид притисок врз Бугарија, но истовремено влева надеж дека можеби нешто се одвива зад кулисите бидејќи германската дипломатија не би го загрозувала сопствениот кредибилитет со повторното ставање на точката за проширување со Македонија и со Албанија на дневен ред на амбасадорски состанок ако нема некаков резултат.
Враќањето на точката за проширување не ги подгрева премногу надежите во Македонија, која доживеа премногу разочарувања изминатиот период без оглед што ги заврши сите обврски што беа побарани од неа.
– Иако повторното ставање на прашањето за проширување на дневен ред на следната координација во системот на одлучување на Европската Унија дава некоја нова надеж, сепак, за да има успешен исход пред крајот на годината, сметам дека нема реални шанси да се случи тоа, особено бидејќи нема никаква промена што би ја убедила Бугарија да ја смени својата одлука – вели Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Според него, добро е што Германците се упорни и го враќаат прашањето на агендата, но тоа, како што вели, ќе биде повеќе некоја форма на засрамување на Бугарија и форма на дипломатски притисок за да се спречи нова блокада на следниот самит во март или на некој друг подоцна.
– Мислам дека нема што да очекуваме од овој потег на германското претседателство сега, ниту, пак, нешто посебно да се тревожиме за тоа. Добро е што не се направи нова глупост (како со некои елементи во Преспанскиот договор) и не се попушти на навредливите барања и, би рекол, налудничавите очекувања на Бугарија, па сега во посмирена атмосфера да го направиме внатрешниот дијалог за тоа каде сме, каде одиме по ова (и дали сакаме да одиме во истата насока… и само во таа или е време да пробаме и други алтернативи) и како да стигнеме дотаму – порачува Кржаловски.
Слично размислува и поранешната пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓулистана Марковска, која смета дека Македонија не преговара со ЕУ, туку со Бугарија.
– Не сум голем оптимист дека нешто сериозно ќе се смени поради тоа што во целокупната оваа преговарачка папазјанија имам впечаток дека Македонија во моментов не преговара со ЕУ, туку дека преговара со Бугарија, која го приватизираше целокупниот вредносен систем на Унијата – вели Марковска.
Таа додава дека враќањето на точката може да се прогласи за една мала надеж од причина што сепак се работи за една голема велесила што има лидерски капацитет, како што е Германија.
Од друга страна, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу истакнува дека Германија не ги користи попусто дипломатските адути, па од тие причини ставањето на точката за проширување на дневен ред на амбасадорскиот совет влева оптимизам.
– Самиот факт дека Германија повторно го врати ова прашање на дневен ред, а се работи за една сериозна држава што не ги користи своите дипломатски адути попусто, му дава шанса и на процесот, но и на тие разговори и преговори што се поинтензивни деновиве – вели Муслиу.
Според него, оваа нова иницијатива, иако се јавува пред крајот на германското претседателство, сепак се јавува по надминувањето на проблемот со буџетот на ЕУ што беше едно од најгорливите прашања за европските држави.
– По надминувањето на тоа прашање, мислам дека и опсегот на влијанието на Германија и модусите за вршење одреден притисок се зголемуваат, така што јас сум оптимист дека ова може да даде плод. Дали тој ќе биде кристално јасно дефиниран, дали ќе имаме некои дипломатски рамки преку кои тоа ќе ни се пласира, сепак мислам дека процесот има шанса – истакна Муслиу, притоа додавајќи дека иако е краток периодот, сепак е можно нешто позитивно да се случи.