Илустрација: „Нова Македонија“

Во мини-анкетата за граѓанската перцепција на темата „вакцини“ што ја спроведе „Нова Македонија“ на повеќе од стотина граѓани, два моменти од одговорите на граѓаните се за издвојување. Првиот е оној во кој анкетираните лица се практично едногласни, каде што се изразува разочараноста од неефективноста на македонскиот здравствен систем околу масовната вештачка имунизација, односно вакцинирањето. Вториот момент, во кој мислењата на анкетираните се поделени е оној (каде што се осудува односно одобрува) организираното вакцинирање на македонски граѓани во странство. Имено, одговорите покажаа дека половина од испитаниците се решени да ја почекаат вакцинацијата во Македонија. Другата половина беше со одговор дека ако се најде можност и услов да одат да се вакцинираат во соседните држави, тоа веднаш би го направиле. Исто така, првата група испитаници во своите ставови е со неодобрување кон групите од одредена професионална фела, кои го претставуваат „ликот на државата“ (полицајци и новинари), кои се самоорганизираат за вакцинација во соседна држава. Втората половина испитаници, пак, ги поддржуваат групите кои се организираат за вакцинација во соседството

Мини-анкета во врска со појавата на сѐ помасовна имунизација на наши сограѓани во соседните држави

Едногодишното искуство со пандемијата на ковид-19 во македонски услови, кај значителен дел од македонските граѓани ја активира свеста дека „ако се има можност да се преземат мерки на имунизација во сопствена режија, тоа треба да се стори во првата пригода“.
Најпрвин, тоа тргна стихијно, па индивидуалци и семејства што имаа или задоволуваа одредени услови за вакцинација во странство го сторија тоа. Но веќе е исклучително индикативно што поголеми организирани групи граѓани, па и оние од одредена сродна професионална фела се самоорганизираат за вакцинација во соседна држава!?
„Мразот“ го скршија новинарите што се одзваа на поканата на Македонската асоцијација на новинари (МАН) да се вакцинираат против коронавирусот во соседна Србија. Ваквата преземена акција од страна на новинарското здружение како да поттикна и други професионални здруженија да се заангажираат околу можностите за имунизација на своите членови и колеги. Истиот ден кога стотина македонски новинари ја примија првата доза од антиковид-вакцината во Врање, Независниот синдикат на полицијата објави дека во завршна фаза се преговорите за вакцинирање на македонските полицајци во Република Србија. По нив следуваат и македонските шпедитери, кои исто така се самоорганизираат преку коморското здружување за да се вакцинираат во соседството…

Какви се ставовите на анкетираните граѓани

Во целиот амбиент создаден околу (не)можностите за вакцинација, „Нова Македонија“ спроведе една неформална анкета со повеќе од стотина граѓани, од различна социјална, образовна, возрасна и полова структура, придржувајќи се кон најстрогите протоколи за здравствена заштита. За обележување е дека сите испитаници имаа свој став за повеќе прашања поврзани со вакцинирањето, односно никој не остана ниту резервиран, ниту рамнодушен за здравствената ситуација во државата, а особено во делот за имунизација на населението. Прашањата беа фокусирани на актуелната фактичка состојба од недостиг од вакцини, како и можноста и условите македонските граѓани да се вакцинираат во странство. Во мини-анкетата два момента на перцепција на темата за вакцините од одговорите на граѓаните се за подвлекување. Првиот е оној во кој анкетираните лица се практично едногласни, при што се изразува разочараност од неефективноста на македонскиот здравствен систем за масовната вештачка имунизација, односно вакцинирањето. Вториот момент, во кој мислењата на анкетираните се поделени, е оној при што се осудува, односно се одобрува организираното вакцинирање на македонски граѓани во странство. Имено, одговорите покажаа дека половина од испитаниците се решени да ја почекаат вакцинацијата во Македонија. Другата половина беше со одговор дека ако се најдат можност и услов да одат да се вакцинираат во соседните држави, веднаш би го направиле тоа. Исто така, првата група испитаници во своите ставови е со неодобрување кон групите од одредена професионална фела што го претставуваат „ликот на државата“ (полицајци и новинари), кои се самоорганизираат за вакцинација во соседна држава. Втората половина испитаници, пак, ги поддржуваат групите што се организираат за вакцинација во Србија. Меѓутоа, сите испитаници се искажаа дека „тој чекор на вакцинација во соседството секако претставува симптоматичен показ за проблемите во справувањето со ковид-кризата на македонската држава во заштитата на своите граѓани“.

Министерството за здравство презема одговорност единствено за граѓани што се вакцинирале на наша територија

Токму поради забележителната бројка на вакцинирани македонски граѓани против ковид-19 во соседните држави, но и организирани акции од македонски институции, „Нова Македонија“ упати прашање и до Министерството за здравство, дали македонскиот здравствен систем може да преземе одговорност при евентуални несакани ефекти од вакцинацијата на македонските граѓани во странство? Од Министерството за здравство добивме навремен одговор, но без поширока експликација.
– Министерството за здравство презема одговорност единствено за граѓани што се вакцинирале на територијата на РСМ, на вакциналните пунктови во ЈЗУ во државата – гласи одговорот од македонското министерство за здравство.

Гласен е алармот за неопходноста од имунизација во државава

Не е спорна проактивноста на граѓаните, компаниите, здруженијата и сл. Тоа е легитимно право, а и легално, но и сосема разбирлив потег од аспект на преземање иницијатива за сопствена здравствена заштита. Но како индикатор, тој исклучително гласно го акцентира долгорочното и веќе хронично несправување со „неопходноста од имунизација на македонските граѓани“.
Кога професионалци, кои на своевиден начин го одразуваат јавниот лик на државата (новинари и полицајци), се самоорганизираат за вакцинација во соседна држава, секако, претставува симптоматичен показ (и доказ) за длабоки проблеми во справувањето со ковид-кризата на македонската држава во заштитата на граѓаните.
– Во принцип, немам ништо против акцијата на МАН за имунизација на македонските медиумски работници во соседна Србија. Всушност, познато е дека со оглед на реалната состојба во Македонија со вакцинацијата, веќе неколку илјади македонски граѓани ја искористија можноста што ја нуди Србија за таму да се вакцинираат.

Во таа смисла, акцијата на МАН е позитивна иницијатива за заштита на македонските новинари. Сепак, во целата ситуација, малку ми пречи одредена политизација на акцијата, со пренагласениот пиар-пристап за посредништвото на кабинетот на претседателот на соседна Србија. Некако звучи како сите македонски новинари да имаат должност за благодарност до претседателот на Србија. Што се однесува до мојата лична одлука за имунизацијата, ќе почекам таа да започне во Македонија. Мојот став за справувањето со пандемијата е – како за сите така и за мене – вели Ѕвездан Георгиевски, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.


В сабота сите патишта за вакцинирање водат во Србија

Во очекување на доаѓањето на долгонајавуваната вакцина во нашава земја, многу граѓани и индивидуално се решија на самостојно наоѓање излез од неизвесноста. Имено, по најавата дека во Република Србија е можно вакцинирање на граѓани од други земји, многумина Македонци се регистрирале во надлежните здравствени власти на Србија со надеж дека ќе добијат можност да се вакцинираат. Некои тоа го сторија уште пред извесно време, а некои деновиве, со надеж дека, сепак, некако ќе стигнат до спасоносната вакцина.
По трагата на оваа вест стигнавме до повеќе граѓани што веќе аплицирале за вакцина, но и добиле одговор од здравствените власти во Република Србија. Интересна е информацијата дека бројот на оние што се пријавиле за вакцина во Србија воопшто не е мал. Она што е особено интересно е дека голем број од оние со кои контактиравме ни изјавија дека сите добиле покана за вакцинирање в сабота (утре) во Белград. Дури и оние што се пријавиле пред нешто повеќе од еден месец и кои по малку губеле надеж дека воопшто ќе дојдат на ред за вакцинирање, сите тие добиле истоветна покана за утре.

Процедурата за пријавување е крајно едноставна, се пополнува пријава со која се искажува интерес за вакцинирање против ковид-19. Покрај основните лични податоци за секој заинтересиран, потребно е да се наведат уште неколку податоци – дали сте согласни да ја примите која било вакцина или сакате некоја посебно, дали имате некакви здравствени проблеми, дали сте доброволен дарител на крв и дали можете да одите во секој термин што ќе го одреди управата. На крајот од апликацијата се изразува согласност овластено лице од институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ да ги обработи внесените податоци во врска со вакцинацијата против ковид-19 и да предложи термин и место за вакцинација. Пријавата се пополнува на веб-страницата imunizacija.euprava.gov.rs. Кратко, брзо и ефикасно.