Сменетиот став на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и на неговата партија Нова демократија кон Преспанскиот договор по доаѓањето на власт, е актуелна тема во грчката јавност, каде што се поставуваат прашања за промената на политиката.
– Луѓето можат да ги обвинат Мицотакис и Нова демократија за многу нешта, но водечката партија не е крајно десничарска и нејзиниот лидер не е апсолутист, ниту мизогинист – се наведува во колумна на грчкиот весник „Катимерини“ за бројните прашања поврзани со актуелниот премиер.
– Што се однесува до Македонија, тоа е најбезболниот договор што Грција можеше да го постигне. Но, и во поглед на оваа тема, актуелниот премиер, уште додека беше опозиција, јасно стави до знаење оти Грција, како сериозна европска држава, ги почитува меѓународните договори потпишани од нејзините демократско избрани влади и ќе го почитува и спроведувањето на Преспанскиот договор – објавува „Катимерини“, додавајќи дека Ципрас сноси дел од одговорноста околу отсуството на консензус за прашањето, бидејќи целел политички придобивки со договорот.
Дел од грчките медиуми го обвинуваат Мицотакис дека заборавил што зборувал претходно, односно дека владата го користи Преспанскиот договор да ја оправда ситуацијата за која не постои оправдување, преку „префрлање на топката“ кон нивните претходници што ја потпишале спогодбата.
Пред да стане премиер, Мицотакис се осврна и на последиците од Преспанскиот договор.
– Идентитетот на македонските производи од северна Грција денес е оспорен, бидејќи Договорот од Преспа, речиси ја даде на друг придавката „македонски“ – кажа тој во обраќањето во Европскиот парламент во март.
Мицотакис претходно имаше и поостри ставови.
– Господине Ципрас, не ја спасивте Македонија, единствено им ја дадовте македонската националност и јазик на соседите – порача лидерот на Нова демократија на партискиот конгрес во Солун во декември минатата година, тогаш истакнувајќи дека партијата е против спогодбата.