Според воено-политичките аналитичари, неоспорни се придобивките од проектите на НАТО како „Eр полисинг“ и „Паметната одбрана“, дилемата е дали можеби нашата земја избрзала со изборот на Грција за спроведување на оваа функција, односно чување на македонското небо
Колку Грција навистина може да го заштити македонското небо во операцијата „Eр полисинг“ на НАТО ако таа во исто време не може да ја гарантира безбедноста на свoјата територија по зачестените прелети на турски воени летала над грчкото небо. Оваа дилема е актуелна во домашната јавност по неколкуте неодамнешни инциденти поврзани со повреда на воздушниот простор.
Хронолошки наназад, последен ваков случај е регистриран минатата недела, кога Генералштабот на армијата на Грција соопшти дека два турски борбени авиона навлегле во воздушниот простор на Грција. Според грчки информации, турските борбени авиони од типот „Ф-16“ влегле во грчкиот воздушен простор без дозвола и го надлетале островот Липси, на височина од околу 24.000 метри.
Во соопштението од грчкиот Генералштаб се наведува дека авионите биле пресретнати од грчки воени авиони според меѓународните стандарди.
Претходно, само минатиот месец турски летала во неколку наврати ги прелетале островите Макрониси и Антропофагос на 10 илјади стапки.
Од друга страна, според магазинот „Нашенл херолд“, само годинава најмалку 99 пати досега турски борбени воздухоплови влетале без дозвола во небото на Грција.
Магазинот „Форбс“, пак, информира дека воената алијанса нема одговор на проблемот што го мачи НАТО со декади поради активните тензии што резултираат со илјадници прелети на турски воени авиони над грчкото небо.
Што се однесува на Македонија, на 30 септември годинава Министерството за одбрана на Македонија и Министерството за национална одбрана на Грција потпишаа во Атина технички аранжман за надзор на воздушниот простор.
Параф на документот тогаш ставија началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, и началникот на одбраната, генералот Христос Кристодулу, и со тој чин се официјализира мисијата „Ер-полисинг“, која се реализира во координација со НАТО.
Во соопштение од Министерството за одбрана по повод настанот се истакнува дека потпишаниот аранжман произлегува од договорот за соработка во одбраната, потпишан од страна на министрите за одбрана Радмила Шекеринска и Евангелос Апостолакис.
Инаку, во мај со два прелета во воздушниот простор над Македонија од страна на авионите „Ф-16“ на грчката армија се изврши првиот пробен прелет за потребите на НАТО-мисијата „Ер-полисинг“, за проверка на комуникациите и радарската покриеност на нашиот воздухопловен простор.
Воено-политичките аналитичари со кои се консултиравме во сублимиран заклучок велат дека е тешко да се даде прецизен одговор на прашањето колку Грција практично може да го заштити нашето небо со своите летала, за што ја плаќаме од домашниот буџет, ако истата ситуација редовно е безбедносно порозна за тамошните воздушни граници од турските авиони.
Експертите оценуваат дека, теоретски, јужниот сосед ги поседува сите неопходни технички услови да го осигури небото на Македонија од евентуални агресори што не се земји-членки на НАТО, но проблемот може да настане, хипотетички, во ситуација кога нашето небо би било нарушено од летала на земји што се исто така членки на НАТО (како на пример Бугарија, Турција, Албанија итн.).
Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски истакнува дека оваа дилема подолг период ја загатнува стручната јавност што ги истражува и проучува безбедносните прашања од овој тип.
Според Марковски, ако случувањата се погледнат од македонска перспектива во овој момент и само врз основа на претпоставка, би можеле да заклучиме дека ако слична состојба настане и кај нас, грчките летала што го спроведуваат ер-полисингот би можеле да ги одвратат силите над нашите воздушни граници ако не се земји-членки на Алијансата, но ако тие се членки, тогаш најверојатно ќе се повтори истото сценарио како она со Турција и Грција.
Тој вели дека, за жал, сето тоа се должи на непостоење на јасни одредби внатре во НАТО како да се надминат безбедносно овие акти.
– Сепак има начин како да се надмине тоа, а наедно и се прави тоа. Државите-членки на НАТО имаат право овој проблем да го изнесат пред органите на Алијансата и по истото прашање да се дискутира на министерските состаноци и самити по кои може да се донесе советодавно решение. Меѓутоа, од друга страна, не постои систем на санкции за членките на Алијансата како да се казни онаа држава што ги врши овие нарушувања – вели Марковски.
Тој додава дека, од друга страна, многу полесно се менаџираат ситуациите од овој тип доколку се извршени од воени средства на држави што не се дел од Алијансата.
– Во такви ситуации се практикува членот 5 од статутот на НАТО и доколку нашето небо, како идна членка на сојузот, биде нарушено, тогаш агресорот се одвраќа со здружени сили на целиот сојуз – заклучува Марковски.
Аналитичарот објаснува дека во јавноста сѐ уште не е докрај кристализирано колку ѝ плаќаме ние на Грција за оваа воена „услуга“.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски оценува дека се неоспорни придобивките од проектите на НАТО, како „Eр полисинг“ и „Паметната одбрана“, но додава дека нашата земја избрзала со изборот на Грција за спроведување на оваа функција.
Стефаноски вели дека на терен се гледа дека грчките воени сили покажуваат слабост во дејствувањето ако се споредат со турските.
Па токму оттука, вели аналитичарот, можеби надлетот над нашето небо требаше да ѝ биде предаден на Турција или на Италија, кои исто така се дел од сојузот, но се многу воено помоќни од Грција.