Глаголење на христијанин од Македонија (1)
Молитвата е разговор на човековиот ум со Бога. Спомни, Господи Исусе Христе, Боже наш, за милоста и Твоите добрини, кои се вечни. Поради кои и си се вочовечил; распнување и смрт, заради спасение на оние што веруваат, си изволил да претрпиш; и, откако воскресна од мртвите, си се вознел на небесата и седиш оддесно на Бога Оца и гледаш на смирените молби на сите оние што со срце Те повикуваат.
Македонскиот народ се наоѓа векови во историски премрежиња на верски и државен опстој на Балканот. Македонија земја крстосница на војни, крвави верски собитија и вера во Бога. Христијанството има два трона, престоли во Константинопол – православие, Исток, и Ватикан, католицизам – Запад. Христијанството вера еден лик со два образи. Охридската архиепископија престолнина на православието во Охрид, Македонија до 1767 Господово лето. Пред тоа седиштето се наоѓало во Преспа, за време на царувањето на цар Самуил, XI век. На Балканот и до границите тогашни на југ на Европа од XIV век владее Османлиското Царство. Знаменито име на македонскиот род Григор Прличев-Ставрев (роден на 18.1.1830 г. и умрел на 6.2.1893 г. во Охрид). Роден е како четврто дете на Марија Ѓокова и Ставре Прличев, охридски занаетчија. Ученик на Димитрија Миладинов, кој во тоа време учителствувал во Охрид. Во „Читалиште“ во 1872 година ја објавува песната „Илјада и седумстотини шесдесет и второ лето“. Подоцна преобјавена во неговата „Автобиографија“ во 1884 година. Тој е писател кому Македонија му е љубов и судбина и болка и очај, тага, лулка и гроб. Во песната тажно судбински ќе запише: „……Грцкиј патрик ќе ни строши славна Охридска Столица…..“.
Цариградската патријаршија неканонски „Султански“ ја укинува Охридската архиепископија, Господово лето 1767 година.
Во целост ја споменувам:
1762 лето
Илјада и седимстотин’
шесдесет и второ лето
в Охрида од Цариграда дошел Салаор.
Еј! Дошел Салаор.
Се претставил пред Арсења
наша патрика честнаго
и му рек’л слово горко, слово жалостно.
Еј! Слово жалосно.
Царска волја е да тргнеш
денеска за Цариграда
на тебе од врли Грци, голем поплак е.
Еј! Голем поплак е.
Собрал патрик свое стадо
в црква свјатиј Климентова
благослов им дал последен, р’це заплетил.
Еј! Р’це заплетил.
Д’лго време липал старец
в молчење в’сенародно
и по бела брада ронел с’лзи горешти.
Еј! С’лзи горешти.
Слушајте ме мили чеда
јас ќе идам в Цариграда
на мене од врли Грци голем поплак е.
Еј! Голем поплак е.
Грцкиј патрик ќе ни строши
славна Охридска Столица
и мене до смрт ќе држи в заточение
Еј! В заточение.
Ќе прати владици Грци
лицем светци срцем в’лци
ќе ве дават, ќе ве стрижат, ќе м’лзат до крв.
Еј! Ќе молзат до крв.
Меѓу народа ќе сејат
несогласје и раздори,
да се мразат син со татка и со брата брат.
Еј! И со брата брат.
И ќе викнете до Бога
и крило не ќе најдете,
смирени ќе наведете глави доземи.
Еј! Глави до земи.
Ќе ми бидете сираци,
така било написано.
Елате ми да ве гушнам за последен п’т.
Еј! За последен пат.
Ч’рна т’га поразила
старо, младо, м’жи, жени,
Вси со р’це заплетени с’лзи проливат.
Еј! Солзи поливат.
Тој ги гушка, тие тажни
му целуват десна р’ка
и од р’ка как’ од извор с’лзи се лејат.
Еј! Солзи се лејат.
Вјахнал Патрик брза коња
и неволно уп’тил се.
Тога грмкиј плач народен небо процепил.
Еј! Небо процепил.
Умилил се чесниј Патрик,
свалил шапка навезана,
погледал на сино небо, љуто прок’лнал.
Еј! Љуто проколнал:
„Ох! послушај, милиј Боже!
Аир никогаш да немаат
Стамче беј и Бујар Лигдо, Пејко челеби!
Еј! Пејко челеби.
Милостивиј Бог послушал
патричка горешта клетва,
слава нивна, семе нивно погубил со шум.
Еј! Погубил со шум.
И сега во куќи нивни
ткае пајак пајажина
и во пусти стреи нивни хукаат утови.
Еј! Хукаат утови.
(продолжува)