Споредбената анализа на добиените резултати од последните неколку анкети и истражувања на јавното мислење покажува надолен тренд на довербата на граѓаните во политичките партии и пораст на неопределените. Кои се причините за ваквите појави? Дали станува збор за незадоволство, апатија, презаситеност од политика, слаба понуда… или можеби за нешто сосема друго?
АНАЛИЗА: ЗОШТО КОНТИНУИРАНО ПАЃА ДОВЕРБАТА ВО ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ И РАСТЕ БРОЈОТ НА НЕОПРЕДЕЛЕНИТЕ
Незадоволство или апатија на гласачите, презаситеност од политика, страв јавно да се заземе став, расчекор меѓу партиските политики и суштинските проблеми и потреби на граѓаните, сиромашна политичка понуда… Многу прашања и дилеми отвораат најновите показатели, бројки и анкети, кои укажуваат дека мнозинството македонски граѓани се неопределени, односно немаат изградено став за кого би гласале или уште поконкретно не би гласале за ниту една партија. Нашиот весник ги споредуваше и анализираше резултатите од последните неколку анкети и истражувања на јавното мислење, а се консултиравме и со истакнати аналитичари и политиколози за надолниот тренд на довербата на граѓаните во политичките партии и за порастот на неопределените.
За некои аналитичари, тоа е аларм за можен тивок бојкот на следните избори, за игнорирање на забревтаните партиски машинерии, чија главна преокупација е како да се оцрни политичкиот противник. Други, пак, сметаат дека граѓаните изгубија надеж оти политичарите може да им го подобрат животот, па паралелно со зголемувањето на процентот на неопределени, се намалува критичната маса, така што и ретките штрајкови и протести, главно, се поттикнуваат од партиските централи.
Бројката на неопределените гласачи континуирано се зголемува на сметка на падот на популарноста и рејтингот на политичките структури.
Институтот „Брима“ во една од своите анкети информира дека 48,9 отсто од испитаниците кажале дека немаат доверба во ниту еден политичар.
Оваа анкета покажала и дека неодлучни за кого ќе гласаат биле 11,2 проценти од испитаниците, нема да гласаат 16,1 отсто, не знаат за кого ќе гласат 4,2 отсто, додека лица што одбиле да одговорат се 9,3 проценти од испитаниците.
На ваков сличен тренд укажаа и анкети на ИРИ, каде што 21 процент од анкетираните одговориле дека не знаат за кого би гласале, а дополнителни 9 отсто изјавиле дека воопшто нема да гласаат.
Анкета на МЦМС, пак, покажа дека споредено со сите нивни досегашни анкети од 2016 година наваму, првпат поддршката за двете најголеми партии во земјава СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ падна под 20 отсто.
Дополнително, и кај оваа анкета најголем процент од испитаниците, 21,1 отсто, се изјасниле дека нема да излезат на гласање, 11,1 отсто одбиваат да гласаат, а 6,4 отсто не знаат.
Во меѓувреме, политиколозите и експертите со кои се консултиравме посочуваат дека треба да се прави разлика меѓу избирачите што во анкетите се изјаснуваат дека не поддржуваат ниту една партија или политичар и оние што не знаат или не кажуваат како би гласале. Гласачите од првата категорија, според толкувањата, чувствуваат одбивност кон политиката и изборите, а вторите се неопределени. Граѓаните што се аполитични или разочарани од политиката, кои не веруваат во демократските процедури или се убедени дека нивниот глас нема да смени нешто, најверојатно, нема да излезат на гласачките места. Затоа, пак, предизборните кампањи би можеле да претставуваат поттик за дел од неопределените да излезат да гласаат, ако тој ден не се преокупирани со нешто друго. Партиските кампањи, според експертите, главно, се насочени кон привлекување на неопределените гласачи и зацврстување на ставот на веќе определените.
Политикологот Петар Арсовски во свој осврт на случувањата констатира дека последните анкети, како онаа на пример на „Брима“, покажуваат еден статичен однос во рејтинзите меѓу двете најголеми партии од власта и од опозицијата, но и најбитно од сѐ укажуваат и на намалената подготвеност на граѓаните да излезат на избори и да гласаат.
– Ова е мртов период, тешко можат да се сменат работите во поглед на довербата што ја уживаат партиите кај граѓаните – коментира Арсовски, додавајќи дека ситуацијата ќе остане таква, сѐ додека не се случи некоја крупна промена, нешто драматично не се промени во наративот на Заев или на Мицкоски, во кој би се премислиле неопределените гласачи.
Политикологот Милан Стефаноски, пак, тврди дека трендот на опаѓање на довербата на македонските гласачи во главните политички играчи се должи на последователните разочарувања од неисполнување на ветеното на изборите кон електоратот.
Стефаноски вели дека како општество се наоѓаме во голема политичка криза, која трае подолг период, а по дефиниција во науката кога општеството е во криза, на власт испливуваат секогаш нови крајно леви или крајно десни политички играчи.
– Ваквите политики беа евидентни во соседството во Грција и во Бугарија со Златна зора и Атака, а за малку ќе се случеа и во Србија каде што движењето Образ беше сериозен политички фактор – вели Стефаноски.
Тој додава дека ако традиционалните партии во Македонија и од двата блока не станат сериозни, тогаш не се пишува ништо добро за државата во иднина ако управувачката палка ја преземе трет центар на сили, кој потекнува од крајно левата или крајно десната опција.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски оценува дека незаинтересираните за гласање и неопределените граѓани вкупно ја достигнуваат бројката од 30 проценти од целиот електорат.
– Ако тоа се преточи на следните локални избори, мислам дека можеме несакано да се најдеме на границата изборите, поради немање гласачи, воопшто и да не се легитимни во помалите средини како Берово и Пехчево – вели Пекевски.
Тој ја гледа компарацијата со состојбите во Македонија во изборите во соседна Бугарија, каде што исто така како во нашата земја одзивот на изборите беше мал и изнесуваше околу 28 проценти од вкупниот број гласачи.
Пекевски објаснува дека во Македонија повеќе години владее политичка апатија, особено меѓу Македонците, но дека во последно време тој тренд ги зафаќа и гласачите Албанци, веројатно, поради нивното незадоволство од политичката понуда.
– Главна причина за политичката пасивност е тоа што не се решаваат основните проблеми на граѓаните, без разлика која политичка гарнитура е на власт. Тоа е цел еден процес и сѐ додека во државата има слаба економска состојба, меѓу граѓаните ќе расте незадоволството од партиите – вели Пекевски.