Фото: Игор Бансколиев

СЀ ПОМАЛКУ ВЕРБА И ТРПЕНИЕ ЗА МАСОВНА ИМУНИЗАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД-19

Губат ли надеж македонските граѓани за вакцина против ковид-19 во сопствената држава и сѐ повеќе спасот го бараат во соседните Србија и Бугарија? На социјалните мрежи секојдневно се споделуваат искуства на лица што примиле вакцина во овие две држави, но и коментари дека нема што повеќе да се чека и дека секој сам индивидуално треба да се снаоѓа.
На ваков чекор дополнително се одлучуваат македонските граѓани и поради фактот што во Македонија нема ниту најава кога би почнала вакцинацијата на населението, бидејќи досега вакцина примаат само медицинските лица. Иако има голем број граѓани што веќе биле во Србија и во Бугарија за вакцина, сепак засега никој нема точен податок колкава е оваа бројка.
Засега нема конкретна евиденција на вакцинирани македонски државјани во странство. Неофицијалните бројки што кружат низ јавноста се дека се работи за неколку илјади граѓани што одлучиле да се вакцинираат во Србија или во Бугарија.
Според податоците на српските медиуми, во февруари околу стотина Македонци се вакцинирале во Србија.
Здравствените власти посочуваат дека индивидуално право на секој граѓанин е дали ќе ја прими вакцината против ковид-19 и каде ќе одлучи, според можностите, да го направи тоа. Исто така, велат дека индивидуално или лично право на граѓанинот е дали откако ќе ја прими вакцината во друга држава, за тоа ќе го извести матичниот лекар и ќе влезе во системот на вакцинирани лица во земјата.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека секој граѓанин што примил вакцина против ковид-19 во друга држава со официјален документ може да ја потврди вакцинацијата во нашата земја.

– Вакцинирањето против ковид-19 не е задолжително, а право на одлука на граѓанинот е дали кај матичниот лекар ќе пријави дека во друга држава се вакцинирал против вирусот САРС-Ков-2. Нашата држава ги признава вакцинирањата во други земји доколку за тоа се приложи официјален документ од здравствената установа каде што е примена вакцината. Сѐ уште нема дефинирана одлука на глобално ниво, ниту одлука на земјите во регионот за ковид-пасоши за да одговориме на ова прашање – посочуваат од ресорното министерство.
Сепак, тоа што македонски граѓани одат по вакцина во Србија или во Бугарија, според епидемиолозите, е занемарувачка бројка за пошироко колективно влијание во земјава.
Велат дека за колективна имунизација и безбедност на населението во државата во однос на ковид-19, сепак, клучен фактор ќе биде моментот кога вакцината ќе пристигне во Македонија и кога ќе започне вакцинацијата и на возрасните категории граѓани.
Уште пред еден месец микробиологот Никола Пановски изјави дека тоа што македонски граѓани наоѓаат алтернатива и одат во Србија да се вакцинираат нема да помогне во сузбивање на ширењето на вирусот во земјата, зашто не станува збор за селектирани ризични категории лица што треба веднаш да се имунизираат.
– Бројките на вакцинирани во Србија се мали. И да се вакцинираат 7.000 граѓани ништо нема да смени – посочи тогаш Пановски.
Универзитетската професорка Билјана Ванковска во колумна за „Нова Македонија“ пишува дека со држава што минува низ целосен здравствен, морален, политички и социјален колапс, не е чудо што луѓето не веруваат дека таа може да им го заштити здравјето.

На крајот од нејзината колумна, таа посочува дека крајниот избор од сегашната ситуација, сепак, и е можноста таа да се вакцинира во Србија.
– Кога ќе се сетиме каква битка е водена за да се освои ова право, да се внесе во устав, па уште и имавме систем со еден од најдобрите здравствени системи во Европа – оваа ситуација нѐ остава во неверица. На неколку години пред пензија, размислувам колку средства сум издвоила за солидарниот здравствен фонд, а услуги сум користела толку ретко: при раѓањето на децата и неколкупати за некои рутински контроли кај матичната лекарка. За среќа, не сум се соочувала со поголеми здравствени потреби, а последниве години често се лекувам сама, т.е. одам во приватни лаборатории или ординации, и најчесто в аптека – вели таа.
Како професор посочува професорката дека сѐ уште може да издвои од домашниот буџет, зашто јавниот здравствен систем одамна е претворен во прибежиште на најсиромашните, на оние што немаат избор.
– Злосторство против човечноста е ова што ни го прават, на секој план, а тие ни два прста срам немаат. Уште и латински прозбореа! Ајде, отидов на вакцинирање во Србија, колко толко (може) ќе се спасам… Од државава моја – толку! – заклучува Ванковска.

И додека ја чекаме првата голема пратка вакцини за Македонија, во регионот почна масовната имунизација. Лидер е Србија каде што, според податоците на веб-сајтот „Аур ворлд ин дејта“, досега се вакцинирани 28 на 100 луѓе. Следуваат Грција и Словенија со 12, Хрватска со шест и Бугарија со четири на 100 луѓе.
Под еден е стапката само во Албанија и во Црна Гора. Податоци не се достапни за Македонија, Косово и за Босна и Херцеговина.
Меѓутоа, во БиХ веќе се знае кога ќе пристигнат големите пратки. Оваа држава нарачува 350.000 дози од „Спутник“ по цена од околу шест милиони евра.
Преку Ковакс-механизмот на 23 март во Босна и Херцеговина ќе пристигнат нешто над 24.000 дози, на 29 март 36.000 од „Фајзер“, а на 22 април уште 76.000 дози од „Астра Зенека“.
Досега во земјава пристигнаа нешто над 8.000 дози на „Фајзер“, како донација од Србија и 3.000 вакцини на „Спутник“. Иако беше најавено дека со последната пратка од Русија ќе започне имунизацијата на населението, засега со неа се вакцинираат само медицинските лица.

[email protected]