Во Македонија денеска се одржува првиот круг од шестите претседателски избори. Во претседателската трка се кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска-Давкова и Блерим Река, кој е поддржан од Алијансата на Албанците и Движењето Беса.
Гласачките места ќе бидат отворени од седум до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
Претседателските избори, според Државната изборна комисија, ќе ги следат 3.150 домашни и 419 странски набљудувачи, акредитирани од ДИК.
Набљудувачи имаат акредитирано и повеќе амбасади на странски земји, како амбасадите на Руската Федерација, Франција, Велика Британија, Шведска, Унгарија, Италија, Албанија, Словачка во Македонија. Во ДИК се акредитирани и 289 преведувачи.
Вчера, ден пред изборите, гласаа лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лица што се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.
Записниците и другиот изборен материјал избирачките одбори ги доставуваат до ОИК во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Надлежната ОИК потоа ги сумира резултатите од гласањето, составува записници и ги предава на ДИК.
ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
ДИК конечните резултати од изборите ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
Секој подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување резултати од гласање може да поднесе приговор до ДИК во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, односно објавување на првичните резултати. ДИК е должна да реши по приговорот во рок од 48 часа по приемот.
Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.
Секој избирач кому му е повредено избирачкото право во постапка на спроведување на гласањето може да поднесе приговор до ДИК во рок од 24 часа. ДИК е должна во рок од четири часа по приемот да донесе одлука.
Против одлуката на ДИК гласачот може во рок од 24 часа по приемот да поднесе жалба до Управниот суд, кој, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.
ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение да го поништи гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик.
Против решението со кое се поништува гласањето може да се поднесе жалба до Управниот суд на Македонија во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен по жалбата да постапи во рок од 72 часа по нејзиниот прием. Повторното гласање на избирачкото место каде што е поништено се одржува 14 дена од денот на првото гласање.
Вториот круг за претседателските избори е закажан за две недели, на 5 мај.
Од независноста на државава на претседателската фотелја седнаа четворица претседатели. Првиот претседател Киро Глигоров и актуелниот Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа во два мандата, а по еден мандат имаа Борис Трајковски и Бранко Црвенковски.