На терен засилено се одвива сѐ уште неформалната политичка кампања за избор на претседател, додека надлежните органи, како ДИК, досегашните настапи на кандидатите ги сместуваат во делот на политичко-партиски активности, бидејќи официјалниот почеток на кампањата е закажан за 1 април. Во контекст на актуелните случувања за забележување е последната изјава на претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Дерковски, кој вели дека ДИК не регистрирала дека некој од кандидатите за претседател предвреме ја започнал кампањата.
Но кандидатите очигледно немаат време за губење и за чекање и сакаат да ја искористат секоја можноста да ги презентираат своите ставови пред граѓаните.
Па, така, зачестено даваат интервјуа во медиумите, вршат јавни преставувања и редовни средби со граѓаните низ земјата и на социјалните мрежи.
Притоа тие надолго и нашироко ги истакнуваат своите адути зошто сметаат дека би требало да станат иден претседател на државата. Интересно во овој правец е дали во нивните говори кандидатите ќе ги истрошат и сите аргументи, идеи и адути и што ќе остават да си кажат по 1 април кога официјално и практично започнува кампањата. Или можеби клучните адути и џокери се чуваат за подоцна кога и кампањата ќе се вжешти. Секако, она што ги интересира граѓаните е и дилемата каде се програмите на кандидатите, дали и тие се чуваат за на крајот и зошто сѐ уште не се обелоденети пред јавноста. Зошто говорите се едно, но пишаните програми на претседателските кандидати сосема нешто друго.
Претседателските избори се закажани за 21 април, а вториот круг ќе се одржи две недели подоцна, на 5 мај.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивната изборна програма за победа на претстојните претседателските избори ќе биде претставена тогаш кога практично и ќе започне кампањата во државата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, во овие моменти според партијата не се одвива неформална кампања станува збор за редовни партиски активности.
Од владејачкиот СДСМ за актуелните случувања информираат дека како државотворна и одговорна партија за нив на прво место се интересите на граѓаните и државата и затоа за нив кампањата е натпревар на прогресивни идеи, идеи што зборуваат за напредок, развој, демократски и европски вредности.
– Во тој дух, СДСМ е подготвен да организира позитивна, мирна, принципиелна, победничка предизборна кампања. Нашата татковина по години изолација чекори напред, одиме напред кон НАТО и ЕУ и со граѓаните ќе ја споделиме визијата за иднината – велат од СДСМ.
Кога ќе биде објавена програмата на нивниот претседателски кандидат не беше прецизирано.
Во меѓувреме, политичкиот аналитичар Петар Арсовски ваквите активности на терен ги коментира со фактот дека во Изборниот законик никаде нема забрана за нивно појавување во медиумите или на средби со граѓаните.
Според него, во овој период пред фактичкиот почеток на кампањата дури нема ни забрана за рекламирање на кандидатите доколку сето е извршено легално и во согласност со Законот за финансирање на партиите.
Тој истакнува дека, од друга страна, за време на кампањата забраните за дејствувањето на кандидатите се одвиваат во делот на користење владини пари, појавување на кандидатите на места каде што се презентираат инвестиции, проекти и слично…
– Во тој контекст, иако не е незаконски тоа што го прават сега кандидатите, прашањето е дали сето тоа е морално и етички – вели Арсовски.
Аналитичарот истакнува дека партиите досега не ги објавиле своите програми бидејќи ги чуваат за почетокот на кампањата затоа што во нив се впишани изборните слогани, жигови, распореди за гласање и слично.
– Дополнително јас не верувам дека кандидатите за претседател ќе ги потрошат сите нивни аргументи во јавните излагања, говорите и во интервјуата дадени пред официјалниот почеток на кампањата, бидејќи времето за комплетно нивно преставување за време на изборната трка пред гласачите е навистина кратко. Кај нас во земјата кампањата трае дваесетина дена за разлика на пример од САД, каде што истиот процес е околу две години. Во тие три недели за време на кампањата кандидатите не можат ни да ја посетат целата држава, а камоли да ги потрошат сите аргументи и адути што одат во нивна корист – вели Арсовски.