Фото: Игор Бансколиев

Потенцијално оваа состојба може да изискува од нашата земја поголема инволвираност во европското решение, односно теоретски е можно доколку во иднина голем број мигранти стигнат во Македонија, ние да мораме да ги задржиме и тие да започнат кај нас правни процедури за барање азил во ЕУ

ШТО ПРЕДВИДУВА НОВАТА ЕВРОПСКА ПОЛИТИКА НАРЕЧЕНА „ПАКТ ЗА МИГРАЦИЈА“

Што може да очекува Македонија од новата европска политика насловена „пакт за миграција“, која предвидува воведување нови правила поврзани со илјадниците мигрантите и барателите на азил, кои пристигнуваат на Стариот Континент од Блискиот Исток и од Африка.
Оваа дилема и слични на неа се актуелни периодов во регионот низ кој минува главната маршрута за транзит на мигрантите и во моменти кога Европската комисија (ЕК) најави дека од летово, Унијата ќе почне со својот нов пристап на проблемот, кој е активен уште од 2015 година.
Во меѓувреме, интернет-порталот „Еурообзервер“, пишува дека овој нов ЕУ-план има цел да ги засили правата на луѓето што пристигнуваат во Унијата и да ги надмине недоразбирањата меѓу државите, кои се поврзани со третманот и згрижувањето на големиот број луѓе што и покрај пандемијата продолжуваат да пристигнуваат кон Европа.
Магазинот „Хуманитариан“, пак, информира дека мигрантите и барателите на азил пред да бидат распоредени во државите во Европската Унија кога ќе пристигнат на Стариот Континент ќе минуваат низ правни процедури, кои ќе се вршат во државите по должината на границите од ЕУ, односно на првото место каде што првпат ќе ги регистрираат државните европски власти.

– Програмата предвидува тесна соработка и солидарност меѓу државите-членки, но и блиски релации со трети држави распоредени по должината на границите на ЕУ. На овие локации идните мигранти и барателите на азил ќе бидат најпрво згрижени, па потоа ним ќе им започнат правните процедури за докажување дали тие ги исполнуваат правата за азил – пишува магазинот.
Според Европскиот центар за политики, новите ЕУ-правила ќе овозможат и зголемени мерки за безбедност на локациите каде што ќе бидат задржувани луѓето од Блискиот Исток и од Африка, за да не може како досега лесно да транзитираат кон Унијата.
Медиумот додава и дека новата процедура предвидува и дека сите баратели на азил треба да се регистрираат во базата на податоци за отпечатоци „Еуродак“, со чија помош лажните и недозволени барања „веднаш ќе бидат одбиени на надворешната граница“ пред тие воопшто и да стигнат во државите на ЕУ.
Во меѓувреме, политичкиот аналитичар Милан Стефаноски во својот осврт на актуелните случувања вели дека тие се исклучително битни за Македонија, бидејќи на големо ја тангираат земјата, пред сѐ поради нејзината локација, бидејќи се наоѓа и на границите на ЕУ, но и на главната маршрута на која мигрантите и бегалците стигнуваат до Европа.

Според аналитичарот, потенцијално оваа состојба може да изискува од земјата поголема инволвираност во европското решение, односно теоретски е можно доколку во иднина голем број мигранти стигнат во Македонија, ние да мораме да ги задржиме и тие да започнат кај нас правни процедури за барање азил во ЕУ.
– Оваа ЕУ-мерка не е популарна на Балканот, бидејќи ниту една од државите досега не изрази волја доброволно да помогне за решавање на оваа геополитичка дилема. За потсетување, истоимен план, но само од ООН, беше издаден во 2018 година, кој одбија да го практикуваат повеќе држави од нашето соседство. Како најгласни во тоа време беа властите на Бугарија, кои јавно одбија да го спроведат овој меѓународен документ. Дополнително, по оваа бугарска иницијатива во тоа време многу бргу се надоврзаа и владите на Словенија и на Хрватска – потсетува аналитичарот.

Тој советува дека конкретно сега Македонија, пред да се изјасни за оваа ЕУ-политика, би требало да се советува со државите од регионот, особено оние што се дел од Унијата за да се даде колективен одговор на оваа дејност и притоа многу да се внимава Балканот да не стане прибежиште на илјадници луѓе од Блискиот Исток, кои и онака не сакаат да бидат тука, туку нивна крајна цел е ЕУ.

[email protected]