Токму политичкото влијание врз Советот на јавни обвинители, но и во Судскиот совет, повторно исплива на површина при неодамнешното унапредување на обвинителите во Вишото обвинителство во Скопје и во Обвинителството за гонење организиран криминал, кога најпрво во медиумите мистериозно се појави списокот на оние што ќе бидат избрани, а потоа следниот ден истите луѓе беа изгласани од Советот на јавни обвинители. Сето тоа фрла сомнеж дека политичарите се оние што ги кројат списоците на обвинители и судии, а изборот подоцна се сведува на чиста формалност
Партиско-политичките „кујни“ со однапред приготвени рецепти за правосудното „мени“
Политичарите изминатите 30 години во ниту еден момент не се откажаа од влијанието врз Обвинителството и судството, најмногу заради потребата да ја задржат контролата врз судскиот систем, што се покажа како клучна во пресметката со политичкиот опонент.
Токму политичкото влијание врз Советот на јавни обвинители, но и во Судскиот совет, повторно исплива на површина при неодамнешното унапредување на обвинителите во Вишото обвинителство во Скопје и во Обвинителството за гонење организиран криминал, кога најпрво во медиумите мистериозно се појави списокот на оние што ќе бидат избрани, а потоа следниот ден истите луѓе беа изгласани од Советот на јавни обвинители.
Сето тоа фрла сомнеж дека политичарите се оние што ги кројат списоците на обвинители и судии, а изборот подоцна се сведува на чиста формалност.
Нема ниту причина да биде поинаку ако се знае дека партиите преку Собранието директно номинираат четворица членови во 11-члениот совет, додека државниот обвинител доаѓа по предлог на Владата.
Затоа и поднесувањето обвиненија и носењето судски пресуди се случуваат секогаш кога политичарите „ќе им намигнат“ на државниот обвинител и на судиите, поради што Македонија продолжува да бележи најлоши оцени во делот на владеењето на правото.
Од тие причини, јавноста не верува во помпезните најави на секоја власт дека ќе го реформира судството, кога и самата знае дека истото тоа судство ѝ е потребно за пресметка со политичките неистомисленици.
– Политиката продолжува да ги меша прстите како кај обвинителите така и кај судиите. Составот на Советот на јавни обвинители е таков што кога имате четири или пет надворешни членови од политички партии и од Собранието, што друго може да се очекува? Ист е случајот и со Судскиот совет – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.
Тој додава дека сè додека несе тргне политиката, една стручна обвинителка ќе ја избираат во Вишото обвинителство, друга во организиран криминал, со единствена цел само да се тргнат од предмети што треба да ги поседуваат – смета Илиев.
Длабока вмешаност на политиката во правосудството забележува и адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.
– Проблем е што политиката е длабоко вмешана во правосудството воопшто генерално, така што и Обвинителството страда од тоа и честопати во јавноста се толкуваат определени предмети и определени постапки на Обвинителството како политички и политички обоени. Тоа не е воопшто чудно бидејќи народот и граѓаните така го доживуваат Обвинителството, особено она за организиран криминал, кое процесите ги води онака како што ќе дојде нова власт против другата власт – вели Давидовиќ.
Тој додава дека Обвинителството постапува со двојни критериуми кога станува збор за обичните луѓе, наспроти функционерите.
– Се водеше постапка за 27 април, а главните виновници се амнестирани, така што таа правда што ја покажува Обвинителството и не е правда. Пред извесно време се определуваа притвори за некои луѓе, а за некои функционери се одредуваше домашен притвор, така што нема еднакви критериуми и третман за постапување во врска со притворот, предметите итн. – истакнува Давидовиќ.
Според него, дополнително прашање е каков кредибилитет ужива Советот на јавни обвинители, па затоа и сегашното унапредување на обвинителите наидува на реакции.
– Тоа се политички луѓе, исто како и во Судскиот совет и секаде каде што политиката е вмешана. Кај нас многу добро се искористи во политички цели онаа терминологија „истакнат правник“, па така обично политички кадар што нема многу искуство во работењето и професијата во која доаѓа се сместуваше во Советот на обвинители – констатира Давидовиќ.
Неговиот колега и познавач на состојбите во правосудството Александар Тортевски во целост се согласува дека политиката има силно влијание при изборот и на обвинители и на судии.
– Само политиката избира и тука нема никаква дилема. Како може да се случи некој да го објави списокот со обвинители еден ден претходно ако утредента се гласа слободно. Несомнено, листата била направена претходно – вели Тортевски.
Тој додава дека е потребен квалитетен кадар што нема да биде зависен од никого и ќе може необременет и без ничии влијанија да ја врши својата работа.