Во рамките на источното прашање беше и т.н. македонско прашање, кое се одвои благодарение на националната ренесанса на македонскиот етнички супстрат, кој по сите белези се разликуваше од другите етнички балкански ентитети. Тоа национално будење беше проследено со револуционерни дејности, активности и борби на македонските револуционери обединети околу националната Македонска револуционерна организација. Македонските водачи и идеолози решавањето на македонското прашање го гледаа во оформување на Македонија како одделен политички организам, како автономна или самостојна држава, која подоцна би можела да влезе во рамките на една балканска федерација
Потсетување на Букурешкиот „мировен“ договор сто и осум години подоцна
На 10 август 1913 година, во престолнината на Романија беше потпишан т.н. Букурешки договор, со кој заврши Втората балканска војна, војна што се водеше помеѓу Србија, Грција, Романија и Црна Гора од една страна и Царска Бугарија од друга страна.
Со договорот беше извршена дефинитивната поделба на европските територии на Отоманската Империја помеѓу балканските држави, вклучувајќи и на Македонија. Всушност, со Букурешкиот договор требаше да им се стави крај на воените судири помеѓу балканските држави, кои настојуваа да ги прошират сопствените државни граници на Балканот.
Споменатиот судир имаше подолга генеза и во голема мера произлегуваше од деценискиот „натпревар“ помеѓу балканските држави, во смисла кој ќе владее со Македонија. Меѓутоа споменатите балкански држави беа само пиони на големите сили, кои водеа сметка за сопствените интереси и речиси еден век водеа геостратегиски игри за решавање на т.н. источно прашање, односно каква ќе биде судбината на Отоманската Империја.
Во рамките на ова пошироко источно прашање беше и т.н. македонско прашање, кое се одвои благодарение на националната ренесанса на македонскиот етнички супстрат, кој по сите белези се разликуваше од другите. Тоа беше проследено со револуционерни дејности, активности и борби на македонските револуционери обединети околу националната Македонска револуционерна организација. Македонските водачи и идеолози решавањето на македонското прашање го гледаа во оформување на Македонија како одделен политички организам, како автономна или самостојна држава, која подоцна би можела да влезе во рамките на една балканска федерација.
Но геостратегиските интереси не го дозволуваа тоа. Големите сили настојуваа да го наметнат своето влијание врз Отоманската Империја и се залагаа да го зачуваат нејзиниот суверенитет и интегритет, а во крајна мера дозволуваа поделба на европска Турција. Во комбинациите на големите сили имаше тенденции кон оформување на Македонија како автономна држава, како што беа предлозите на Велика Британија и други држави. Меѓутоа односите и недоразбирањата помеѓу големите сили беа пречка за создавање македонска држава.
Големите сили што настојуваа да го засилат своето влијание на Балканот водеа сметка за одржување одреден баланс и се спротивставуваа на создавање нова македонска држава, бидејќи на тој начин ќе се создадеше нов геостратегиски антагонизам, во смисла кој би имал влијание врз неа. Од друга страна, големите сили не дозволуваа некоја од балканските држави да ја освои цела Македонија, бидејќи на тој начин би се создала моќна балканска држава, која би станала сериозен политички играч на Балканскиот Полуостров, со што би се предизвикале главоболки во европските и светските метрополи.
Не можејќи да се усогласат за прашањето за создавање македонска држава, големите сили на крајот решаваат, водејќи се од сопствените интереси, дека најдобро решение е – поделба на Македонија.
Со други зборови, судбината на Македонија беше решена од големите сили, со повеќе или помалку задоволување на апетитите на нивните балкански миленичиња. Букурешкиот мировен договор од 1913 година, всушност, е обид за зачувување на статус кво на Балканскиот Полуостров.
Територијата на Македонија беше поделена, етничкиот македонски супстрат исто така распнат на три дела, во различни држави, обезглавен и разединет, оневозможен да процути во своето национално будење и развој, осуден уште од зачетокот да каска зад другите балкански нации по низа ентитетски прашања. Последиците од тие експерименти на големите сили во заговор со тогашните балкански држави се чувствуваат до денес…