Либерално-демократската партија денеска на седмото Изборно собрание го резибра Горан Милевски за нејзин лидер, кој порача дека најверојатно нема да го поддржи предлог-законот за амнестија, со кој треба да бидат опфатени обвинетите од настаните во Собранието од 27 април минатата година и да се намалат казните на дел од нив.
Лидерот на ЛДП, која е коалициски партнер на СДСМ, вечерва истакна дека најдобро е прво да се донесе пресуда за случајот, а потоа да се разгледува можноста за амнестија.
Тој нагласи дека е лошо законодавната и извршната власт да се мешаат во работата на судовите и истакна дека најверојатно нема да гласа за предлог-законот за амнестија.
-Мислам дека треба прво судот да си го каже своето, да видиме кој е виновен а кој не е, па дури потоа политичарите да размислуваат дали е неопходно дали е потребно да му се даде помилување од претседателот или амнестија од парламентот. Генерално е лошо кога законодавната или извршната власт се мешаат во судската власт. Да го видиме прво законот, но јас лично мислам дека не би го поддржал – изјави Милевски, кој вели дека не го видел законот.
Неговата сопартијка Никица Корубин во меѓувреме на Фејсбук објави дека од денес ќе настапува како независен пратеник и во рамки на ЛДП ќе делува како фракција.
-Сакам да ве информирам дека од денес настапувам како независен пратеник/ЛДП во Собранието на Република Македонија, во рамките на пратеничката група на СДСМ и коалицијата. Утре ќе го известам претседателот на Собранието на Република Македонија. Во рамките на ЛДП ќе делувам како фракција. Ако сакаме демократија во општеството, мора да имаме демократија во политичката партија. Лошите пракси во политичката партија се рефлектираат во државата и општеството. Затоа мора да се спротивставиме на секое нарушување на принципите на делување по правила и стандарди, бидејќи политиката не е за личниот, туку за општиот интерес. Од секого од нас зависи, само доколку ја разбереме моќта на позицијата која ја имаме – порача таа на својот ФБ профил.