Изјаснувањата на меѓународните претставници во врска со некои закони уште пред тие да бидат и официјално потпишани и да стапат во сила не претставуваат ништо друго освен мешање во внатрешните работи на Македонија, а тоа речиси постојано ѝ се случува на земјава во изминатите триесетина години. Кои се причините за вакво нешто и кој, всушност, владее со државата?
ПРОДОЛЖУВА СЕРИЈАЛОТ СТРАНСКИ ЗАМЕШАТЕЛСТВА ВО МАКЕДОНСКИТЕ РАБОТИ
Неодамнешната изјава на американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз дека САД го поздравуваат донесувањето на Законот за попис коинцидира со вчерашната одлука на претседателот на државата Стево Пендаровски, кој по консултациите со правни експерти го потпиша указот за прогласување на законот.
Американската амбасадорка Брнз викендов изјави дека е исклучително радосна што бил донесен овој закон, што на некој начин беше порака дека за САД оваа работа е завршена и дека останува само да се спроведе пописот во април. Амбасадорката Брнз ја даде изјавата дури и пред да биде потпишан законот од претседателот на државата и потоа објавен во „Службен весник“, што од политичка и правна гледна точка може да се толкува и како мешање во внатрешните работи на Македонија, како самостојна и суверена држава. Ова не е првпат странски политичари и дипломати да ставаат своја запршка или да прејудицираат носење одредени важни одлуки за Македонија и македонските граѓани.
Сето ова наметнува дополнителна дилема во јавноста, односно дали дипломатите ги кројат законите, а домашните политичари само ги оверуваат.
Изјаснувањата на меѓународните претставници во врска со некои закони уште пред тие да бидат официјално прогласени дека се стапени во сила не претставуваат ништо друго освен мешање во внатрешните работи на една суверена држава, а тоа речиси постојано ѝ се случува на земјава во изминатите триесетина години.
Странски сугестии доаѓаа при носење на законите за обвинителство, за употреба на јазиците, за територијална поделба и многу други.
Колку за потсетување, по осамостојувањето, Македонија се соочи со блокада од Грција, па под притисок на меѓународната заедница во Собранието беше изгласана Привремената спогодба, иако за нејзиниот текст ниту имаше консултации со експертската јавност, ниту, пак, беше плод на директен политички договор меѓу политичките субјекти во земјава. За разлика од Македонија, овој документ не беше верификуван во грчкиот парламент.
Слично беше и во времето на оружениот конфликт во 2001 година, кога меѓународната заедница го кроеше и составуваше Охридскиот рамковен договор, а Собранието само го изгласа, повторно без да се изјасни некој во земјава за неговиот текст.
Нов диктат од страна следуваше и при носењето на Законот за територијална поделба, кој поддршката од САД и ЕУ ја доби само откако беа задоволени нивните барања, без оглед што на терен ваквото прекројување на општинските граници направи огромна штета и придонесе за дополнителен нерамномерен развој низ годините што следуваа, истовремено предизвикувајќи и искривување на етничката слика во некогаш доминантните македонски општини.
Слично беше и при потпишувањето на Пржинскиот договор, односно без консултации со експертите се донесе одлука за формирање таканаречена пржинска влада, за која се покажа дека во ниту еден случај не функционираше како што треба. И таа експресно беше поздравена од ЕУ и САД, уште пред вистински да заживее.
Последната ваква интервенција беше промената на уставното име на државата, кога дузина странски политичари продефилираа низ Скопје и кажуваа што мора да се направи, занемарувајќи ги домашните мислења.
Во едни вакви околности се наметнува дилемата дали странските политичари и дипломати и сега и низ годините наназад се всушност налогодавци, а нашите домашни политичари само извршители на нивните желби и барања. Го слуша ли некој гласот на народот и стручната јавност?
Некои од познавачите на состојбите со кои се консултиравме сметаат дека земјава веќе се навикнала на тоа амбасадорите на повлијателните земји да изнесуваат свои гледишта што се надвор од нивниот делокруг.
– Тоа е нашата политичка реалност во која амбасадорите, особено на влијателните земји во светската политика што кај нас се особено вреднувани, редовно изразуваат гледишта што се однесуваат на внатрешни прашања, како што е ова за пописот, кое е сосема внатрешно прашање – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, со изјавите на американската амбасадорка може да се смета дека практично законот е меѓународно одобрен, но дека одговорноста сепак е кај домашните политичари.
– Кај нас сите прашања се политички. Претседателот Пендаровски има право да ја брка својата работа. Тоа што објавил дека ќе има експерти е добро. Ако сака, може и да нема експерти и сам да го потпише указот за стапување во сила на законот. Во краен случај, негов е потписот и негов е потписот во однос на изјавите на амбасадите. Значи, одговорноста е внатрешна, без оглед кој од надвор тоа го прифатил, поддржал итн. – појаснува Андревски.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски интервенциите од страна ги објаснува со фактот дека Македонија е млада држава и дека ѝ се потребни совети од поискусните држави.
– И во минатото странските дипломати имаа вакви изјави и секогаш имале. Ние сме млада земја, млад систем, и водството го бараме од меѓународната заедница, односно што треба, а што не треба да правиме. Но треба да имаме предвид дека и покрај тоа што тие имаат повеќе искуство, не се ниту тие безгрешни. Сепак треба да имаме некаква своја идеја за тоа кај сакаме да ни се движи државата – вели Арсовски.
Според него, поздравувањето на Законот за попис од страна на американската амбасадорка е еден вид поддршка за земјава да спроведе статистичка операција што е исклучително важна.
– Мислам дека во моментот американската амбасадорка сака да го поддржи фактот што ќе имаме попис. Јас нејзината изјава ја разбирам на начин дека е подобро да имаме попис дури и со мали статистички грешки, одошто да немаме попис ако причините за немање попис се политички. А во моментот проблематизирањето на пописот е од политичка гледна точка. Во таа смисла, поздравувањето не е мешање во внатрешна политика, бидејќи законот веќе е донесен. Кога би дала изјава дека мора да се донесе ваков закон, тогаш тоа би било мешање – истакнува Арсовски.