Фото: Игор Бансколиев

На минатата седница на советот на Град Скопје беа донесени две измени на одлуки за реализацијата на проектот за изградба на нов забавен парк во Градскиот парк, со што се предвидува продолжување на реализацијата на овој проект, информираат градските власти

СКОПЈАНИ СО НОСТАЛГИЈА И СО КОПНЕЖ ЗА СТАРО-НОВАТА ЗАБАВНА СОДРЖИНА НА ГРАДОТ – ЛУНАПАРК

Скопјани желно го чекаат новиот лунапарк во Градскиот парк. Веќе подолго време метрополата нема забавен парк, каде што родители и деца, стари и млади ќе можат да се забавуваат и да поминат среќни семејни денови.
Спомените од минатото се сѐ што им е останато на жителите. Сите се сеќаваат на реквизитите, почнувајќи од рингишпилот, па до количките на струја, авиончињата што се креваа нагоре, вовчето што сообраќаше во зелениот дел од паркот… Носталгијата кај жителите е огромна.

НОСТАЛГИЈА ЗА ЗАБАВНИОТ ПАРК

Граѓаните велат дека доста се одложи изградбата на новиот забавен парк. Според нив, тоа треба да е еден од поголемите приоритети, но исто така велат дека коронавирусот го направи своето, па и да имаше, сепак не веруваат дека тој би работел, за да се спречи ширење на вирусот.
– Едвај чекам да го видам новиот лунапарк. За жал, веќе неколку години немаме ваков парк, а помладите генерации воопшто не се ни сеќаваат дека во Скопје некогаш имало забавен парк. Ние што сме постари, со носталгија се сеќаваме на прекрасно изминатите денови тука. Почнувајќи од вовчето, па рингишпилот, кој вртеше во круг високо, количките на струја… сите тие реквизити се оние на кои пораснаа моите деца. Сега, за жал, немаме каде да ги однесеме внуците да играат и да се забавуваат – вели Милош Димовски.
Дека паркот е доста важен дел од забавниот живот на градот велат и помладите што не се сеќаваат на лунапаркот.
– Јас лично имам видено на фотографии дека моите родители ме носеле во лунапаркот, но нешто не се сеќавам многу. Криво ми е што, ете, немаме таков забавен парк, каде што со друштвото би отишле да потрошиме еден ден во забава. Се надевам дека наскоро ќе се направи нов, уште подобар и поубав од оној што јас го гледам на фотографиите – вели Надица Трајановска.

ГОДИНАВА ПРОДОЛЖУВА ИЗГРАДБАТА

Градските власти велат дека реализацијата на проектот продолжува, по прекинот поради ковид-19.
– На минатата седница на советот на Град Скопје беа донесени две измени на одлуки за реализацијата на проектот за изградба на нов забавен парк во Градскиот парк, со што се предвидува продолжување на реализацијата на овој проект.
Во насока на изградба на нов забавен парк, Град Скопје на почетокот на 2020 година донесе одлука за земање заем наменет за изградба на овој забавен парк, но поради новонастанатата состојба поврзана со коронавирусот (ковид-19), оваа одлука се укина и средствата за задолжување се пренаменија за изградба и реконструкција на сообраќајници во градот Скопје.
Со новите две измени на одлуките се предвидува фазно продолжување на реализацијата на овој капитален проект, каде што финансиските средства за проектирање, изградба, набавка на опрема-реквизити и нивно монтирање ќе се обезбедат од Буџетот на Град Скопје за 2021, 2022 и 2023 година – информираат градските власти.
Според податоците, забавниот парк ќе има два адреналински, шест семејни и осумнаесет детски реквизити, разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и други забавно-рекреативни содржини. Граѓаните по повеќе од 40 години треба да добијат нов забавен парк.

[email protected]