За сериозноста на заканата од глобалните климатски промени, кои сѐ подинамично се развиваат во негативна насока по живиот свет на земјата, има многу издржани научни студии. Среќа во несреќа, ако воопшто може така да се каже, беше феноменот што за време на сѐ уште актуелната пандемија и со спроведените безбедносни и административни мерки во борба со коронавирусот, климатските промени беа забавени. Имено, забележано е дека емисиите на јаглерод диоксид во април годинава, на светско ниво, во просек паднале за 17 отсто во однос на минатата година. Но, во меѓувреме, со попуштање на мерките за забрана за движење, емисиите повторно пораснаа…
Сериозна опомена од врвни научни и истражувачки кругови што предизвикува загриженост
За жал, со катастрофално сценарио во врска со климатските промени во јавноста излезе Фатих Бирол, извршен директор на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА). Таа личност не е која било, ниту обичен граѓанин, ниту нерелевантен со своите изјави и постапки. Дотолку повеќе за сериозно сфаќање е што тој изјави дека на светот му остануваат само шест месеци за промена на правецот на климатската криза и да го спречи посткарантинско зголемување на емисиите од стакленичките гасови, кои би ги надминале напорите во борбата против климатската катастрофа. На ваквата изјава сериозно ѝ пријде и во целост ја објави и угледниот „Гардијан“. „Годинава е последниот период што го имаме ако не сакаме да го видиме враќањето на јаглеродот“, додаде Бирол.
Владите низ светот планираат да потрошат 9 трилиони долари во текот на следните пет месеци како спас на своите економии од последиците на пандемијата на коронавирус. Бирол вели дека тие пари ќе го одредат правецот на глобалната економија во следните три години, како и дека емисиите на штетни гасови во тој период мора да започнат да опаѓаат нагло или да исчезнат. Доколку не се случи пад ниту исчезнување, поставените цели за борба против глобалното затоплување нема да бидат остварливи.
– Следните три години ќе ги одредат следните 30 години, но и оние што ќе следуваат по нив. Ако не сториме нешто, емисиите сигурно ќе се зголемат повторно. Доколку се вратат емисиите, ќе биде тешко да се намалат во иднина. Затоа ги повикуваме владите да направат пакетите за финансиско закрепнување да бидат одржливи – изјави Бирол за „Гардијан“.
Емисијата на јаглерод диоксид во април на светско ниво падна во просек за 17 проценти во однос на минатата година, но во меѓувреме се зголеми и сега е во рамките на пет проценти од минатата година.
Закрепнувањето е неопходно во еколошка смисла на зборот
ИЕА го објави извештајот во кој се дадени димензиите за зелено закрепнување, притоа фокусирајќи се на енергетските реформи, најмногу во областите на создавањето и потрошувачката. ИEA сугерира дека енергијата од ветерот и сончевата енергија треба да бидат на прво место, но исто така и да се развијат проекти за енергетска ефикасност.
– Приоритет мора да се даде на создавање работни места во сите земји каде што пандемијата на коронавирусот доведе до зголемена невработеност. Нашата анализа покажа дека фокусирањето на зелените работни места – изградба на соларни панели, ветерници и реновирање на зградите – е подобро отколку да се финансира економија базирана на јаглерод – истакна Бирол.
Сем Фанкхаузер, извршен директор на институтот за климатски промени „Грантам рисрч“ при Лондонското економско училиште, рече: „Енергетското реновирање на зградите ги опфаќа сите места за обновување – може да се започне веднаш, бара многу кадар, добар множител на економијата, наедно е и клучна за спуштањето на ниво на јаглерод, бидејќи станува збор за сектор, кој е потежок за рехабилитација. Покрај тоа, има големи социјални придобивки во форма на сметките за пониска закупнина“.
Тој предупреди дека владите не треба да се обидуваат да ги зачуваат постојните работи „во формалдехид“ преку мерки за зачувување на работните места, туку треба да им се дозволи на луѓето да се преквалификуваат за идните работни места.
ИЕА на тој начин им се придружи на експертите, економистите, здравствените работници, едукаторите, климатските активисти и политичарите, кои повикуваат на зелено закрепнување на глобалната економија.
Додека некои земји се подготвуваат на вакви потези, Европската Унија им вети дека зелените проекти ќе го формираат ’рбетот на нејзиното закрепнување, парите потрошени досега претежно одат во т.н. јаглеродна економија.
Пандемија и на загадување од пластика
Но не се само стакленичките гасови оние што го загрижуваат светот денес, а пред сѐ еколозите и научните кругови. Загрижените погледи се упатени и кон водите. Без разлика дали станува збор за бреговите на Темза или за пуст остров во океанот, планетата е преполна со отпад од пандемијата. Потрошувачката на пластични производи за еднократна употреба се зголеми за 250 до 300 отсто во Америка од појавата на коронавирусот, смета Антонис Мавропулос од Меѓународниот сојуз за цврст отпад (ИСВА). Според предвидувањата на „Гранд вју рисрч“, пазарот на маски за еднократна употреба од проценетите 800 милиони долари лани ќе се зголеми на 166 милијарди долари во 2020 година.
Карантините доведоа до процут на електронската трговија. Во март со затворањето на продавниците во Америка и во Европа, „Амазон“ регистрирал 2,5 милијарди корисници што е зголемување за 65 отсто во однос на лани. Во Кина над 25 отсто од артиклите се купуваа преку интернет во првиот квартал од годината, според институтот за меѓународна економија „Питерсон“ од Вашингтон.
Сè што се купува од интернет е завиткано во пластика и тоа во најнеквалитетната, која речиси едвај се рециклира. Екологистите се загрижени за побарувачката на потрошувачите за пластика за еднократна употреба, но и за намалената иницијатива за рециклирање. Во Атина беше забележано зголемување од 150 отсто на пластичен отпад во депониите што е и светски тренд. Неволноста да се рециклира можеби се должи на карантинот, кој предизвика дополнителен стрес кај граѓаните и ја наруши нивната дисциплина за фрлање отпад.
Ковид-19 предизвика пораст на пластичниот отпад на повеќе начини. Прво, пандемијата предизвика пад во цените на нафтата. Бидејќи петролеумот е главна суровина за пластика, нејзиното производство стана поевтино, смета Дејвид Си од Универзитетот во Ворвик. Но најголем дел, порастот на пластичниот отпад се должи на тоа што општините ги изменија процедурите за рециклирање, со тоа што се редуцираше собирањето на отпадот, а многу фабрики за преработка на отпад беа затворени поради опасност од ширење на вирусот, но и поради загриженоста за собирање контаминиран отпад.
Ова значи дека најголем дел од пластиката произведена годинава ќе заврши на депониите или ќе биде запалена што ќе предизвика проблеми во иднина. На депониите во сиромашните држави се фрла секаков отпад. Поради нив најголем дел од пластиката завршува во океаните, затоа што материјалот е лесен и се расејува преку ветер и дожд, смета Мавропулос. Ниту палењето на отпадот не е подобра опција, особено во државите во развој каде што фабриките за отпад не ги почитуваат целосно стандардите. Во нив се гори пластика што испушта отрови, но и честопати истата таа не се разградува при што се јавуваат значителни нивоа на нано и микрочестички, кои завршуваат во атмосферата или во реките и океаните.
Загадувањето најмногу ќе ги погоди најсиромашните држави
Како и самиот вирус, загадувањето од пластиката во ерата на пандемијата ќе ги погоди најсиромашните држави, смета Ингер Андерсен, кој е извршен директор на програмата за екологија на ООН. Во државите со ниски приходи, 93 отсто од отпадот завршува на отворените депонии, а доколку има фабрики за горење пластичен отпад, обично тие не ги задоволуваат стандардите. Дури и во богатите држави, сиромашните луѓе обично живеат во близината на депониите.
Постојат добри причини зошто луѓето ја зголемија употребата на пластика, а една од нив е заштитата од вирусот. Андерсен истакнува дека не може да се обвинат производителите затоа што произведуваат нееколошка заштитна опрема или затоа што потрошувачите ја купуваат со оглед на зголемената побарувачка на материјали за изработка на визири и заштитни маски за медицинските работници.
Единствено загрижува фактот што лесно може да се загуби времето што беше вложено во издигање на свеста кај луѓето за пластиката за еднократна употреба. Прелиминарните истражувања покажуваат дека луѓето повторно се вратиле на старите навики за употреба на пластика. Ковид-19 веќе остави лузни по многу семејства и го наруши секојдневието низ светот. Неговите последици по планетата ќе завршат на депониите и во океаните. С.Н.М.