МАРИО СТЕФАНОВ, АНАЛИТИЧАР ВО ГЕОПОЛИТИКА

Глобализациските процеси и матрицата за уништување на националните држави владеат со сите политички, економски и финансиски аспекти на ЕУ. Таквата унија постепено ги презема националните суверенитети на своите членки. Во нивно име, таа почна да создава наднационална форма на Европската Унија и проток на капитал од послабите кон посилните земји, вклопувајќи се истовремено во англоамериканските и арапските геоекономски и геополитички интереси, кои во суштина управуваат со европските глобализациски текови.

Во основа, глобализацијата е чиста геополитика, па, оттука, истите оние што го разоруваа Блискиот Исток, правејќи таму нов политички поредок, сега се обидуваат да создадат новата геополитичка конструкција и политичка ера во Европа – со сите лесно предвидливи последици.

Во своето прво интервју по назначувањето во 2016 година, тогашниот главен стратег во администрацијата на Трамп, Стив Бенон, многу сликовито и едноставно го опиша влијанието на глобализациските процеси врз состојбите во САД. Откако ги негираше обвиненијата на либералите дека е „белечки националист“, нагласувајќи дека навистина е националист, но „економски националист“, Бенон ја опиша состојбата: „Глобалистите ја задушија американската работничка класа, а за возврат создадоа нова средна класа во Азија“. Порача дека администрацијата на новиот претседател Трамп ќе се бори токму против ова. Зошто американскиот производител би ги испраќал своите суровини, на пример во Мексико, користејќи ги таму бесмислените, неефикасни и за Мексико штетни поволности за странски инвестиции, искористувајќи евтина работна сила, а потоа би го враќал готовиот производ преку границата назад во САД, без плаќање царински и какви било давачки, пласирајќи го на американскиот пазар сопственото производство како американски производ? Ваква перверзија би можел да осмисли само алчниот ум на економските волшебници, насобрани околу либералната економска доктрина, која во суштина не е во никаква врска со либерализмот, ниту пак со слободниот пазар за кој се залага, но затоа, пак, полека ги уништува самите темели на економскиот и политички систем што го нарекуваме „капитализам“. Слободниот пазар на кој се повикува, таа всушност го урива со креирање строго структурирана хиерархија на политичка моќ, која се пренесува и на економскиот дел, а на крајот се урива и демократијата, заради владеењето на недемократскиот либерализам – власт на екстремистите, позиционирани во самото средиште на политичкиот спектар. Секој што ќе се спротивстави на нивната визија за апсолутен социјален и економски либерализам станува цел на напади – медиумски грубо понижуван и на крајот отстранет од релевантниот политички живот.

Со победата на Доналд Трамп во САД и со изборниот подем на партиите-противнички на претворањето на Европа во наднационална творба, европската либерална аристократија доби нов сигнал дека народите во Европа, сепак, нема толку лесно да се откажат од своите суверени политики, начин на живот, културолошки и верски особености и, конечно, од своите национални држави, само за да му се покорат на непречениот политички и економски либерализам, кој урива сѐ пред себе. Од поединците, кои ги претвора во безнадежни асоцијални голтари, преку семејствата, кои ги претвора во социјално и финансиски дисфункционални, па до националните држави, кои ги трансформира во службеничка структура, одвоена од потребите на сопствениот народ, со бедна задача да ја трансферира политиката на бриселските центри на финансиска и политичка моќ кон европските народи.

На врвот од оваа либерална ЕУ-пирамида, структурирана според начелата на социјалниот дарвинизам, се наоѓа политичката и економска олигархија на најмоќните европски држави, предводена од сметководителите и економските илузионисти на Јункер и Меркел, која преку магичната глобализациска формула е тесно поврзана со англоамериканскиот, арапски и транснационален капитал, на чии интереси и самата им слугува.