Механизмите што им стојат на располагање на САД во овој случај можат да бидат слични како во минатото, со практикување на таканаречената булдожер-дипломатија, тврдат аналитичарите
Може ли САД да помогнат во надминување на бугарската блокада кон Македонија
Колку можат САД, кои се најголем македонски стратегиски партнер, да помогнат во надминување на спорот со Бугарија и нејзината блокадата за наше членство во ЕУ. Оваа дилема стана актуелна во домашната јавност откако неодамна американскиот Стејт департмент се огласи со нескриена поддршка за кандидатурата на Македонија и со јасна порака билатералните прашања да се тргнат надвор од пристапниот процес кон ЕУ.
– Ние сме јасни во нашата желба да видиме кандидатурата на Македонија да влезе во преговарачката рамка до крајот на оваа година – изјави портпаролот на Стејт департментот за „Гласот на Америка“, нагласувајќи дека ги поздравува напорите за преговори.
Во изјавата се вели дека „процесот на проширување промовира долгорочен мир, стабилност и просперитет низ регионот. Одлуката на ЕУ во март да ги отвори пристапните преговори со Македонија беше позитивен чекор и го негираше лажниот наратив дека трансатлантската заедница го запоставила Балканот“.
– Одложувањето на пристапот на овие држави во ЕУ ризикува да се обноват прашањата за кредибилноста на ЕУ во регионот – изјави портпаролот на Стејт департментот, додавајќи дека САД се силен поддржувач на евроатлантската интеграција на Западен Балкан.
Во меѓувреме, во сублимиран заклучок дипломатите и познавачите на надворешната политика со кои се консултиравме велат дека Америка иако директно не е поврзана со функционирањето на Европската Унија може многу силно да влијае на одлуките на европските земји во надминување на споровите.
Поранешниот македонски амбасадор Огнен Малевски смета дека САД иако директно не се поврзани со процесите на проширувањето на Унијата, тие доколку сакаат може да влијаат во формирањето на сликата за настаните.
Малевски оценува дека во моментов Америка е во процес на примопредавање на власта во земјата, но сето тоа во никаква мера не влијае на начинот на кој функционира нивната професионална дипломатија.
– Имено, надворешната политика на САД е константна, а Балканот иако не е високо на агендата со сигурност е една од областите кон кои е насочена тамошната дипломатија. Дополнително, новиот македонско-бугарски спор веќе беше искоментиран од Стејт департментот, кој по овој свој чин несомнено ќе пристапи во негово мониторирање – вели Малевски.
Тој објаснува дека гласот на Вашингтон, кој е најголем стратегиски партнер на Македонија, многу одекнува во Брисел.
– Кога станува збор за формирање дипломатски одлуки поврзани за процеси надвор од ЕУ, конкретно како оној за нејзиното проширување, Америка има свој начин како може да влијае преку својот кредибилитет кон одлуките на Брисел. Видливо е дека за ваквата позиција на Бугарија кон спорот со Македонија во Европската Унија и САД имаат малку разбирање, па верувам дека кон надминување на проблемот ќе биде изграден одреден координиран став меѓу Брисел и Вашингтон – вели амбасадорот.
Тој резимира дека иако Америка нема одлучувачки карактер во одлуките на Европската Унија, како онаа во НАТО, сепак тесното сојузништво со европските земји формира клима каде што се вреднува ставот на Стејт департментот по прашањата поврзани со македонско-бугарскиот спор.
Политикологот Синиша Пекевски додава дека ангажманот на САД за европските прашања е евидентен во соседството, по примерот на релациите Приштина – Белград, кој во суштина многу се разликува од македонско-бугарската проблематика.
– Сепак, добро е познато дека американската дипломатија е можеби една од најсофистицираните политички организации во светот, која доколку реши да најде решение за одреден проблем таа тоа и го чини – вели Пекевски.
Според него, механизмите што им стојат на располагање на САД во овој случај можат да бидат слични како во минатото кога во свои мисии во земјата и во соседството пристигнуваше Хојт Ји, кој презентираше булдожер-решение, кое на крајот на денот го прифаќаа балканските држави без разлика дали тоа ним им се допаѓа или не.
Пекевски прогнозира дека сериозно зафаќање на оваа проблематика од Америка може да се очекува најрано за една година, каде што на агендата по промената на администрацијата ќе се најдат прашањата од помало стратегиско значење за САД, како на пример македонско-бугарското.