За нас повеќе отколку за многу други народи во светот, јазикот претставува, со сѐ што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е заправо единствената наша комплетна татковина, порача Конески
Тестаментална изјава на Блаже Конески дадена три години пред смртта
Кога во една пригода го замолиле истакнатиот македонски поет Михаил Ренџов да каже неколку збора за Блаже Конески, тој го рекол следново: „Блаже не озборуваше, но не ги сакаше ни ласкавците. За нив велеше дека од нив човек треба да стравува, зашто фалбата најчесто е и потајна руга. Знаеше мудро да се дистанцира од натрапниците, нагласено да им персира за да го одбегне нивното додворување…“ Во спомените на проф. д-р Максим Каранфиловски, пак, како што вели самиот, Конески останува голем Човек со едноставноста и добродушноста, како и со неговиот благ поглед и добродушната насмевка. Пет години пред смртта и на добродушниот професор му прелила чашата! На 24 ноември 1988 година, за време на настапот на „Рациновите средби“ во Велес, го кренал бастунот пред преполнетата киносала и пророчки порачал, како што сведочи проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, „да се свртиме кон сопствениот разум за да не ги изгубиме со макотрпност стекнатите придобивки и позиции“. Ако се знае ова, тогаш лесно може да се замисли со каква болка во душата морал да подвикне: „Бидете на штрек, Македонци!“
„Послушајте Македонци!“
Во еден свој текст од јуни 1986 година, Блаже Конески, меѓу другото, пишува за тоа колку упорни биле настојувањата да се обезбеди простор за македонскиот литературен јазик: „Ѓорѓи Пулевски и Темко Попов, и декларативно и со својата практика, уште во седумдесеттите и осумдесеттите години на 19 век се определуваат за посебен македонски литературен јазик. Во самиот почеток на 20 век, Крсте Петков Мисирков прави целосен и промислен проект за кодификација на нашиот литературен јазик. Меѓу двете војни и во НОБ, од ден на ден се пишува, се разбира илегално, еден антифашистички манифест на македонски јазик. На тој јазик на обесправен мал народ и не можеше тогаш да се прогласи нешто друго освен слободарски збор. Упорно го премолчуваат тоа оние што негирајќи ја македонската национална индивидуалност, сакаат да создадат впечаток дека македонскиот литературен јазик нема свои историски корени и дека е тој само продукт на некаква политичка комбинаторика“, пишува Конески, додавајќи дека многумина сѐ уште посакуваат „македонскиот народ да биде само објект, а не и историски субјект“.
Во таа насока, пишувајќи за таквите обиди, Конески продолжува: „Послушајте Македонци! Бидете на штрек пред таквите ’правни’ диверзии, од каде и да идат…! За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сѐ што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е заправо единствената наша комплетна татковина. И оние наши места што се испустени живеат во нашата традиција со песните, приказните, гатанките и поговорките, запишани некогаш во нив, и оние наши места што се испустени ги опишува, опева и слави современата литература на македонски јазик. Затоа и во моменти на ломења, раслојувања и колебања, последно што треба да ни паѓа на ум е да ги поставуваме под прашање придобивките на нашата самостојна акција на јазичен план“.
Не смееме да допуштиме лекомисленост во врска со јазикот!
Во 1990 година, четири години по овој свој текст, и три години пред смртта, Конески уште еднаш ќе потсети на важноста на македонскиот јазик за македонскиот народ, каде и да живее. Во разговорот со Радмила Трифуновска, воден во април таа година, на прашањето за нападите на македонскиот јазик од Атина преку брошурата на А.Е. Папагеоргиу со наслов „Таканареченото македонско прашање“, тој меѓу другото потенцира дека главниот удар е ударот на јазикот, а тоа „не е прв атак врз нашиот јазик со цел меѓу неупатените во светот да се рашири заблудата дека тој е измислен, така да се рече, преку ноќ, како да не се работи за процес со длабоки корени во минатото и за една долга јазикотворечка традиција“.
– Ние, се разбира, секогаш треба да реагираме на ширењето на такви невистини и да го запознаваме светот со историските реалности. Меѓутоа, најефикасна реакција ќе биде нашето почитување на сопствената традиција и сопствените постигања на јазичкото поле. Ние не располагаме со комоција за да си допуштаме во тој однос лекомислености. Јас ја имав на ум токму оваа поука кога во една прилика реков дека јазикот е нашата единствeнa неподелена татковина – подвлекува Конески.
На крајот само да потсетиме: големиот македонски поет, академик Блаже Конески е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, филолог и лингвист, литературен историчар, преведувач и професор, вонсериски лингвист, меѓународно реномиран славист, автор на фундаментални дела од областа на македонскиот јазик и македонската литература, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје, кој денес го носи неговото име, негов декан, ректор на универзитетот во Скопје, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ.
Во годината во која се одбележува стогодишнината од неговото раѓање треба уште еднаш да се потсети дека станува збор за име што го обележа македонскиот 20 век. Тој е суптилен лиричар, автор на 13 поетски книги, лауреат на значаен број македонски и меѓународни награди и признанија, како Хердерова награда, Његошова награда, Златен венец на Струшките вечери на поезијата… Исто така тој е и истакнат прозаист, есеист, публицист, полиглот, препејувач од многу јазици на делата на низа поети како Његош, Прешерн, Хајне, Блок, Мицкјевич, Неруда, Волкер и Мајаковски. Неговите дела се преведени на голем број јазици. Тргнувајќи од сопствениот творечки опит го потенцираше значењето на усната народна традиција како основна платформа врз која ја артикулира својата индивидуалност. Притоа сметаше дека и тој самиот нужно создава во дослух како со постојната културна традиција така и со јазикот, сензибилитетот, кодот и духот на колективот, како и на сопствената епоха… Многубројните и компетентни проучувачи го нарекоа македонски Вук Караџиќ, прв човек на македонската ренесанса, енциклопедија на македонската филологија, вистински репрезент на европската, хуманистички ориентирана интелигенција, мудрец на македонското писмо. Благодарејќи му нему, македонскиот јазик мошне рано ги доби главните столбови со кои веќе можеше сериозно да се претставува во светот на науката – правописот, граматиката, речникот, историјата на јазикот… Во својот „Дневник по многу години“, Конески, меѓу другото, дава и неколку анегдоти од своите средби со Иво Андриќ. Едно од тие искажувања на нобеловецот е исклучително актуелно: „Да останеш без татковина е исто како да останеш без кров над главата!“ Во тој контекст еве што запишал на 9 февруари 2007 година еден наш сонародник од пиринскиот дел на Македонија во книгата за впечатоци во спомен-домот на Конески во Небрегово: „Блаже Конески, ти клекнувам за поклон за трудот што си дал да спасиш мајчиниот ми јазик, со кој родната ми мајка ме галеше и пееше Македонски песни. Со љубов“. Јордан Костадинов, град Сандански. Токму тој јазик, јазикот на кој нѐ галеа и ни пееја нашите мајки, сега е цел на главниот удар врз македонскиот народ. Допуштивме ли лекомисленост во врска со јазикот или не? Што да му кажеме на Конески?
Пишува: Блаже Миневски