Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на вториот ден од Меѓународната конференција за слободата на медиумите, којашто се одржува во Лондон учествуваше на тркалезната маса „Кампања за слобода на медиумите: кон 2020 – одржување на влијанието“.
На оваа сесија претставници на Обединето Кралство и на Канада заедно со претставници на интернационалните организации дискутираа за иницијативите од Конференцијата и генерираа идеи за мултиралетарална соработка. Исто така, тема на дискусија беше идејата за формирање на коалиција којашто ќе ги следи случувањата во секоја земја на полето на безбедност на новинарите.
Исто така, министерот Поповски денеска имаше и свое обраќање во рамките на Националните изјави.
– Професионалното, квалитетно новинарство останува главна цел на Република Северна Македонија. Новинарство кое се спротивставува на влијанијата на центрите на моќ. Северна Македонија целосно ја почитува слободата на говорот и на медиумите, гарантирани со повелбите за човекови права – рече тој.
Поповски рече дека Македонија има донесено законска регулатива за транспарентна постапка за избор на Совет на јавни радиодифузни служби и Советот на Агенцијата за медиуми, којашто, како што рече, гарантира реформа, независност од која било партија и ослободена од какво било влијание.