Групата на германската зелена партија во Европскиот парламент го повика Манфред Вебер, кандидатот на Европската народна партија (ЕПП) за претседател на ЕК, јасно да го поддржи Преспанскиот договор.
Манфред Вебер, кој неодамна беше пренесен од европскиот медиум „Еурактив“ дека го поддржува Преспанскиот договор, веднаш потоа ја демантира изјавата и рече дека целосно го поддржува грчкиот опозиционер Кириакос Мицотакис и дека има целосно разбирање за „грчката чувствителност“ околу прашањето за името.
Оваа изјава предизвика незадоволство во повеќе политички партии во Европскиот парламент, пред сѐ кај Зелените.
Германскиот европратеник од оваа политичка група и портпарол за германските Зелени во ЕП вчера издаде соопштение во кое го оквалификува однесувањето на Вебер како неодговорно и слабо.
– Вебер ја става лојалноста кон грчките демохристијани пред и над иднината на Македонија во Европа – напиша Гиголд.
Според него, однесувањето на Манфред Вебер не му прилега на човек што сака да стане претседател на Европската комисија. Вебер е официјалниот кандидат на ЕПП на следните европски избори за оваа функција.
-Ангела Меркел ги поддржа Алексис Ципрас и проевропските сили во Македонија, Вебер и ЕПП треба да го сторат истото тоа – стои во реакцијата.
За Гиголд ставот на Нова демократија е „популистички и кусоглед“ кога ја напаѓаат владата на Ципрас поради договорот со Македонија.
– Би било економски и политички трагично за Грција и за Македонија ако не се најде решение за несреќниот спор за името, предолго овој спор го спречуваше економскиот и политичкиот развој во регионот. Демохристијаните во Македонија го бојкотираа референдумот за промена на името, лидерството на ЕПП не смее повеќе да ескивира – смета германскиот европратеник и ја повикува ЕПП да ѝ обезбеди на Македонија европска иднина.