На денешната онлајн-седница на Владата, амбасадорката на Германија во земјава, Анке Холштајн, ги претстави приоритетите на германското претседателство со Советот на Европската Унија до крајот на 2020 година.
Особено значајно за Македонија, потенцира амбасадорката, е што посебен дел од програмата е посветен и на политиката за проширување на ЕУ со кредибилна перспектива за пристапување во ЕУ за земјите од Западен Балкан како заеднички интерес и за регионот и од интерес на ЕУ.
– Во таа насока активно се подготвува рамката за преговори за Северна Македонија и Албанија земајќи ја предвид новата методологија за проширување, во која, според СР Германија, рамката за преговори не треба да се усложнува со билатерални прашања, кои останува да се решаваат меѓу засегнатите земји одделно – соопштија од владината прес-служба.
Премиерот Оливер Спасовски во име на Владата се заблагодари за презентацијата и ѝ посака на Германија успешно претседавање со Советот на ЕУ и изрази очекување дека ова ќе биде историско претседавање поради исклучителната важност на приоритетите, како и поради историската можност за Македонија да ги почне преговорите по поглавја за членство во ЕУ.