Лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, деновиве се најде во центарот на вниманието на политичката јавност, поради неговиот план во пет чекори за решавање на спорот со Бугарија.
Неговиот предлог наиде на критики од многу страни, па долгогодишниот политичар и поранешен премиер денеска повторно упати порака преку социјалните мрежи, барајќи можност своите ставови да ги презенира преку јавна дебата.
– Чудна работа плукачи колку сакаш! А досега ниту еден патриотски новинар или тандем на новинари не ме покани да ме распарчи во јавна дебата. А со задоволство би прифатил и доктор на науки по историја. Па еве ви кукавици отворена понуда за дуел – напиша Георгиевски.
Лидерот на ВМРО-НП викендов изнесе план во пет чекори за решавање на спорот со Бугарија.
Тој предложи Македонија да даде гаранции дека нема претензии кон Источна Македонија и нема да го помага македонското малцинство во Бугарија.
Понатаму, бугарскиот парламент во декларација да изјави дека под поимот македонска нација и македонски јазик подразбира само нација и јазик кои се формирани после 1944 година.
Како четврта точка, Георгиевски се залага за промена на стратегијата на историските комисии, а последно тој предлага македонската страна да ја даде под концесија железничката пруга на бугарските железници со пресметан екстра профит да ја доградат.