Бидејќи сме во позиција од која зависи иднината на Македонија, се договоривме да разговараме со Зоран Заев, да го слушнеме неговиот концепт за нова влада, да разговараме како нашата партија може да помогне, вели Африм Гаши, лидерот на опозициската партија Алтернатива, во интервју за белградска „Политика“. Се очекува раководство на Алтернатива денес да се состане за да одлучи дали ќе го прифати предлогот на премиерот Зоран Заев за влез во владината коалиција.
Гаши за српскиот весник истакна дека тие како партија ќе се водат според интересите на Албанците во Македонија, како и државните интереси кои се поврзани со партиските и националните цели.
– Ако во преговорите видиме дека господинот Заев навистина има искрена желба да ја спаси државата од овој грч, ќе се обидеме да му помогнеме. Длабоко сме заинтересирани за продолжување на евроатланскиот курс на земјата, за отворање на преговорите за членство во ЕУ, за решавање на спорот со Бугарија и за политичка и економска стабилност – вели Гаши во интервјуто за „Политика“.
Со евентуален влез на Алтернатива во Владата, мнозинството би броелo уште четворица пратеници, односно 65 наместо досегашните 61. Гаши посочува доколку СДСМ и ДУИ сакаат само четири пратенички гласови, но не и програмските определби на Алтернатива, тогаш нема да имаат интерес да влезат во владата.
– Затоа, не можам да го прејудицирам исходот – вели Гаши за „Политика“.