Галичица нов меѓник на две небесни очи

Тајната книга на богомилите од островот Св. Петар (3)

Македонија – планината Галичица жив меѓник на две небесни очи: Преспанско – сино и Охридско – бело езеро. Од дамнешни времиња така ги нарекувале езерјаните што живееле тука.
Преспанско Езеро има четири острови. Меѓу нив се островот Св. Петар и островот Св. Ахил. Низ двата острова повеќепати сум рашетал, педа по педа, за да научам за нивната историја и христијанската светост. Единаесетти јули 1999, ден пред Петровден, тоа утро од пристаништето во Отешево отпловивме со малото бротче „Добра надеж“ на големиот остров Св. Петар, познат како Голем Град. Бротчето го управуваше кормиларот Јоне од селото Горно Дупени. На бротчето бев со Гоце Башаески од селото Јанкоец, Симе Стојчевски од селото Евла и уште тројца, сите преспанци. На самиот брег покрај островот, мирно пливаа водни змии. Езерјаните го викаат Змиски Остров. Прошетавме на островот и наидовме на останатата црква „Св. Петар“, обрасната по sидовите со бршлени. Другите цркви, базилики беа разурнати, покриени со ендемски треви, грмушки и дрвја. На островот корморани, галеби, ластовици. Птиците имаат гнезда на карпите, спилите и дрвјата. А во водата пливаат риби и водни неотровни змии, чувари на христијанските тајни. Митска глетка, која сега живее со птиците, рибите и змиите. Човекот треба да ја открива заборавената историја на старите векови, бидејќи одамна го има напуштено островот. Некаде околу 14 часот се враќаме назад, пловејќи со бротчето покрај брегот на Коњско, во правец на Стење, па Отешево. Сонцето блеска, сјае, езерото мирно, ни ветрец, ни облак. Ненадејно се појавија големи темни облаци од синилото на небото. Гледавме и не верувавме што се случува на езерската шир. Немаше ни пет минути, небото луто се намурти, темните облаци се споија со здивеното езеро, молњи, грмежи и силен дожд. Потоп. Бротчето игра на намуртеното лице на езерото како черупка од орев. Со голема умешност и храброст, кормиларот Јоне го доближи бротчето на педесетина метри до карпестиот брег на Стење. Во тие мигови на страв, скокнавме од бротчето во езерото. Водата ни стигаше до гуша. Во нормални услови, таму водата е до колена. Невремето помина за еден час, облаците се растргаа како да не било потоп.

Пријателите ми раскажуваа дека било традиција езерото да земе жртва пред Петровден. Изгледа тој ден господ се смилува и нѐ поштеди, нѐ остави да раскажуваме за спасот од потопот на Преспанско Езеро. Последен пат на островот бев со Пеце Мигуловски и Митко Тасевски-Шумарот, со неговото кајче, двајцата од селото Царев Двор, во 2015 година. Да си припомниме, во поновата македонска историја во селото Царев Двор е роден митрополитот Кирил, во 1934 година. Тој и уште четворица митрополити, на чело со поглаварот, архиепископот г.г. Доситеј, донесоа одлука за возобновување на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, во 1967 година.
Последен пат бев на островот Св. Ахил со попот Алекс Темелко, во 2016 година. Тоа лето, по покана од градоначалникот Едмонд Темелко, го отворив културното лето во Пустец. Попот Алекс Темелко е Македонец, од крајбрежното село Пустец. На Преспанско Езеро, островот Св. Ахил, селото Пустец и другите крајбрежни села се наоѓаат во областа на Мала Преспа. Сите села се со чисто македонско население од памтивек. Со попот Алекс пред таа година уште двапати бевме на островот. Со мене во друштво беа Пеце Мигуловски и проф. д-р Љубомир Кекеновски од селото Љубанци, Скопска Црна Гора. Тоа беше денот на Огнена Марија. Во спилата на островот се наоѓа црквата „Св. Богородица“, која ретко се посетува, поради непристапното место. Попот Алекс го има клучот, па така имав можност да запалам свеќа за здравје на живите и за спомен на нашите починати предци. На островот, попот Алекс ми раскажуваше за царштината, палатите на цар Самуил, како и за црквите што се наоѓале таму.
Времето на островот си го направило своето, имаше останато понекој темел, некој sид од зданијата од X и XI век.

Св. Ахил, преспански и лариски светец, се упокоил 330 година. Св. Ахил бил покровител на Охридската архиепископија и патрон на цар Самуил. Самуил ги донел моштите на островот во црквата „Св. Ахил“, наречена „Голема црква“. Островот бил престолнина на цар Самуил до октомври 1000 година. Тука биле царските дворци и цркви. На 11 април, денот на Св. Ахил, богомилите го прославуваат празникот на спасот – Спасовден. Островот Св. Петар, или Голем Град, е познат уште и како Змиски Остров. Тој се наоѓа во областа Голема Преспа, на Преспанско Езеро. На островот може да се видат археолошки остатоци од некогашните базилики, античка населба, средновековни цркви и манастири.
Од преданијата и археолошките ископувања може да се потврди дека имало седум цркви: „Св. Петар“, „Св. Петар и Павле“, „Св. Богородица“, „Св. Атанас“, „Св. Димитрија“ и „Св. Илија“. Најдобро е зачувана црквата „Св. Петар“. На неа, на надворешниот sид, има цртеж што претставува освојување на Цариград, опеано во песната „Акотист на Богородица“. За тоа до каде поконкретно се простирал имотот на царштината, денес се потврдува со постоење на селото Царев Двор. Тоа се наоѓа зад селата Коњско и Стење, Голема Преспа.

(продолжува)