Според аналитичарите, во моментов не е време за храбри изјави на политичарите со кои се изразува подготвеност да се жртвува нешто, туку сега е време за мудри и внимателни одлуки во кои нема да се стави во залог нешто што може да се загуби засекогаш
Наметнатиот спор од страна на Грција во однос на нашето уставно име веќе навлезе во третата деценија, но, судејќи по најновиот бран на изјави на високи државници на двете земји, токму наредните неколку недели се посочуваат како пресудни и решавачки за текот на разговорите и евентуално решение. Веќе утре во Македонија, во Охрид, повторно доаѓа министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, на средба со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, а пет дена подоцна, на 17 април, во Брисел, Европската комисија (ЕК) ќе го соопшти извештајот за напредокот на Македонија за добивање препорака за почеток на преговорите со ЕУ, во кој решавањето на проблемот со Грција има голема улога.
Од друга страна, премиерот Зоран Заев во интервју за МИА оцени дека процесот за името се доближува до моментот кога треба да следува средба помеѓу него и грчкиот премиер Алексис Ципрас. Според Заев, тоа би значело конкретна практична потврда дека преговорите се во вистинска насока и дека е можно да се дојде до решение. Притоа, премиерот Заев истакнува и дека во преговорите немало да има дипломатски булдожери меѓу Македонија и Грција и дека за такво решение вредело да се жртвува и политичката кариера. Речиси истовремено, во интервју за германскиот весник „Шпигел“, и министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, порача дека разликите можат да се решат само со смелост.
– Разликите со Скопје се проблеми со историски карактер, со идентитет, со наследство и култура. Овие прашања се чувствителни, но можат да се решат со смелост, како што правиме сега – вели шефот на грчката дипломатија во интервјуто за германскиот весник. Во меѓувреме, грчки политичари ги коментираат изјавите на премиерот Заев, велејќи дека тие покажуваат дека Заев го подготвува јавното мислење во својата земја за едно веројатно решение што ќе има сериозни отстапки и од нивна страна. Каква порака се испраќа со ваквите изјави и што треба да значат тие?
Што значи изјавата за подготвеноста дека за едно такво решение вреди да се жртвува политичката кариера, на чија кариера се мисли, дали тоа повлекува и можни други политички последици и што значи безначајноста на жртвување нечија кариера во споредба со немерливата важност што ја имаат интересите на цел еден народ и држава и спречување на нивно жртвување? Особено што Грција отворено бара промена на идентитетот на македонскиот народ, за што никој нема мандат да преговара. Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски ги разбира тонот и правецот на несекојдневните изјави што последниве неколку дена во медиумите ги дадоа високи политичари и од македонска и од грчка страна.
Тоа, според него, тесно се поврзува со претстојните самити на ЕУ и на НАТО, во јуни и јули, кои се од исклучителна важност и за Македонија и за Грција, бидејќи се пресек на оваа фаза на напорите за наоѓање компромисно решение, по кое евентуално би требало двете држави или да прогласат победа, или да признаат пораз, или, пак, да ја сменат целата тактика во дипломатијата за оваа точка. – Мислам дека ако се споредат содржините на изјавите на државниците на двете земји, ќе се забележи круцијална разлика, која вели дека грчката страна во многу позавиена форма говори за исходот што следува од процесот за наоѓање решение за спорот за името – вели Стефаноски. Тој советува дека во моментов не е време за храбри изјави на политичарите во кои се жртвува нешто (и од македонска и од грчка страна), туку сега е време за мудри и внимателни одлуки, во кои нема да се стави во залог нешто што може да се загуби засекогаш.
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, коментирајќи ги последните изјави, вели дека во политиката и во дипломатијата не е ништо ако се жртвува една политичка кариера за доброто на народот и државата, меѓутоа во конкретниот случај во прашање е жртвување на народот и државата, а не нечија политичка кариера. Тој истакнува дека во тоа е разликата и е жално ако нашите политичари не го разбираат тоа.
– Исто така, најавата на Заев во интервјуто во која вели дека ако дојде до средба меѓу двата премиера, проблемот е решен, тоа е апсолутно спротивно од реалноста. Кога доаѓа до средба на највисоко ниво во вакви ситуации, тогаш се голтаат најголемите кнедли, кои претходно никој не можел да ги реши. Во конкретниот случај, значи дека Македонија ќе мора да ги даде најголемите отстапки, што во согласност со состојбите значи да прифати капитулација – вели Никовски.
Поранешниот професор на МИТ-универзитетот Тони Науновски, анализирајќи ја изјавата на Заев, вели дека таа навестува дека премиерот најавува компромис, кој би бил историски пораз за Македонија што ќе ги поништи сите правно-историски придобивки за македонскиот народ, држава, јазик и нација. Науновски верува дека Заев дава вакви изјави бидејќи тој во минатото на оваа тема веќе нешто им ветил на одредени гарнитури од САД и ЕУ и дека во моментов тој го исполнува ветеното, кое е погубно за македонската држава и македонскиот национален и правен интерес. Во меѓувреме, по средбата Димитров – Коѕијас во Охрид, утре најверојатно ќе се одржи и нова средба на лидерите на политичките партии и државното раководство, а лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, неодамна за македонските медиуми најави дека очекува таа да се одржи претстојниот викенд.
За нотирање е и фактот што вели дека идната недела, на 17 април, Европската комисија ќе го соопшти извештајот за напредокот на земјата, во кој се очекува Македонија да добие препорака за почеток на преговорите. Спорот за името, како и секоја година, ќе се најде меѓу забелешките во извештајот, со оглед дека ЕУ и во својата нова стратегија за проширување упати јасна порака дека сите земји-кандидати имаат можност да напредуваат на европскиот пат врз основа на сопствените заслуги и брзината со која ќе ги остварат реформите, но дека нема да се дозволи увоз на билатерални спорови. Еден ден по објавувањето на извештајот на ЕК во Брисел, во Скопје ќе допатуваат високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, и еврокомесарот Јоханес Хан.
Според најавите од Владата, двајцата ќе учествуваат на дигиталниот самит за Западен Балкан чиј домаќин е Скопје. Покрај барањето во однос на спроведувањето на реформите, се очекува двајцата да ги охрабрат властите во Македонија и во Грција за наоѓање решение за спорот за името. Вицепремиерот Бујар Османи во видеопорака на почетокот од месецов изјави дека од претстојниот извештај очекува валоризација на целиот досегашен труд и чиста препорака за почеток на преговори за полноправно членство. Тој наедно упати порака до политичките партии во парламентот да постигнат консензус и да изгласаат некои од клучните реформски закони што сѐ уште чекаат да бидат донесени. Од друга страна, македонскиот народ досега јасно стави на знаење дека не бара од своите политички претставници да се жртвуваат за нечии туѓи интереси, туку бара од нив да ги заштитат интересите, корените и постоењето на македонскиот народ и држава.